2 Самоилова 2:1-32
2 Самоилова 2:1-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа Давид Го праша Господа, велејќи: „Да одам ли во некој од Јудините градови?“ И Господ му рече: „Оди.“ Давид пак праша: „Каде да одам?“ И Тој му рече: „Оди во Хеврон.“ И Давид отиде таму со двете жени свои: јизреелката Ахиноам и кармелитката Авигеја, бившата Навалова жена. Давид ги одведе и луѓето што беа со него, секој со челадта своја, и се населија во градот Хеврон. И дојдоа мажите Јудини и таму го помазаа Давид за цар над Јудиниот дом. Тогаш му јавија на Давид дека жителите од Јавеш Галаадски го погребале Саул. И Давид испрати гласници до жителите на Јавеш Галаадски да им кажат: „Благословени да сте пред Господ, поради тоа што ја направивте таа милост на господарот свој Саул, и што сте го погребале; и Господ нека ве награди со милост и верност; и јас ќе ви направам добро, поради тоа што го направивте вие ова. А сега нека се зацврстат рацете ваши и бидете храбри, зашто господарот ваш Саул умре, и домот Јудин ме помаза мене за цар.“ Но Авенир, син на Нир и началник над Сауловата војска, го зеде Ишбошет, Сауловиот син, го одведе во Маханаим, и го постави за цар над Галаад, Ашур и Јизреел, над Ефрем и Венијамин и над сиот Израел. А Ишбошет, Сауловиот син, беше на четириесет години, кога се зацари над Израел, и царуваше две години. Само Јудиниот дом остана со Давид. Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом, за време од седум години и шест месеци. Потоа отиде Авенир, Нировиот син, и слугите на Сауловиот син Ишбошет, од Маханаим во Гаваон. Излезе и Јоав, синот на Саруја, со Давидовите слуги и се сретнаа кај Гаваонскиот Поток, и застанаа еден од едната страна на потокот, а другиот – од другата страна на потокот. А Авенир му рече на Јоав: „Нека станат момците и нека се борат пред нас.“ И Јоав рече: „Нека станат.“ И станаа, та отидоа дванаесет Венијаминци од страната на Ишбошет, Сауловиот син, и дванаесетте Давидови слуги. И тие се фатија еден со друг за главите, си забија еден на друг меч во слабините и паднаа заедно. И тоа место беше наречено Хелкат-Цурим, а се наоѓа во Гаваон. И во оној ден стана многу жестока борба, а Авенир со израелските луѓе беше победен од Давидовите слуги. Таму беа тројца синови на Саруја: Јоав, Авеса и Асаил. А Асаил беше со лесни нозе, како срна во полето. Асаил почна да го гони Авенира и го гонеше, без да скршне ни десно, ни лево од стапките на Авенир. Авенир се сврте назад и рече: „Ти ли си, Асаиле?“ Тој одговори: „Јас сум.“ И Авенир му рече: „Скршни десно или лево, избери си еден од момците и земи го неговото оружје.“ Но Асаил не сакаше да го остави. И Авенир повторно му рече на Асаил: „Остави ме, да не те соборам на земја; со какво лице тогаш ќе се јавам пред братот твој Јоав?“ Но оној не сакаше да отстапи. Тогаш Авенир го сврте копјето и го прободе во стомакот; копјето мина низ него, и тој падна таму и умре на местото. Сите што минуваа низ тоа место, каде што беше паднал и умрел Асаил, застануваа. Јоав и Авеса го гонеа Авенир. Сонцето веќе беше зајдено кога стигнаа до ридот Ама, спроти Гијах, на патот за Гаваонската пустина. А Венијаминовите синови се собраа околу Авенир и образуваа чета и застанаа на врвот од еден рид. И Авенир извика кон Јоав и рече: „Вечно ли меч ќе нѐ проголтува? Зарем не знаеш, крајот ќе биде горчлив? И кога ќе им кажеш на луѓето да престанат да ги гонат браќата свои?“ А Јоав рече: „Се колнам во Бога! Ако ти не проговореше, луѓето без престанок ќе ги гонеа браќата свои сѐ до изутрината.“ И Јоав затруби со труба и сиот народ застана, и повеќе не ги гонеа Израелците; битката престана. Авенир, пак, и луѓето негови врвеа преку полето целата ноќ, го преминаа Јордан, минаа преку целиот Битрон и стигнаа во Маханаим. Се врати и Јоав од гонењето на Авенир и го собра сиот народ, а од Давидовите слуги, освен Асаил, недостигаа деветнаесет души. А Давидовите слуги убија од Венијаминовите и Авенировите луѓе, триста и шеесет души. И го зедоа Асаил и го погребаа во Витлеем, во гробот на татко му. А Јоав со луѓето свои одеше цела ноќ и во зорите стигна во Хеврон.
2 Самоилова 2:1-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Потоа Давид го праша Господа вака: „Треба ли да отидам во некој Јудин град?“ А Господ му одговори: „Тргни!“ Давид праша пак: „Каде да тргнам?“ А одговорот беше: „Во Хеврон!“ Така Давид отиде таму, а со него и неговите две жени, Ахиноама од Езраел и Авигеја, Наваловата жена од Кармил. И луѓето кои беа со Давида отидоа со него, и се населија во гратчињата на Хеврон. Тогаш дојдоа луѓе од Јуда и го помазаа таму Давида за цар над Јудиниот дом. Тогаш му јавија на Давида дека луѓето од Јавис во Галад го погребаа Саула. Тогаш Давид испрати гласници кај Јависците во Галад и им порача: „Бидете благословени од Господа зашто го направивте тоа дело на љубов кон својот господар Саул и зашто го закопавте! Затоа Господ нека ви ги искаже Својата милост и добрина, а и јас ќе ви направам добро затоа што направивте така. А сега охрабрете се и бидете јунаци, зашто Саул, вашиот господар загина, а мене Јудиниот дом ме помаза за свој цар.“ Ама Авенир, Нировиот син, војвода на Сауловата војска, го зеде Сауловиот син Исвостеј и го доведе во Маханаим. Таму го постави за цар над Галад, над Асур, над Езраел, над Ефрем, над Венијамин и над сиот Израел. Но Исвостеј, Сауловиот син, беше на четириесет години кога стана цар над Израел, а царуваше две години. Само Јудиниот дом го следеше Давида. А Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом седум години и шест месеци. Потоа излезе Авенир, Нировиот син, со луѓето на Сауловиот син Исвостеј од Маханаим кон Гаваон. Ама и Јоав, Серуиниот син, излезе со Давидовите луѓе од Хеврон и се сретна со нив кај Гаваонското Езеро. Таму застанаа, овие од едната страна на езерото, а оние од другата страна. Тогаш Авенир му рече на Јоава: „Младците нека станат и нека се повеселат пред нас!“ А Јоав одговори: „Нека станат!“ И станаа, па ги изброија: дванаесет од Венијамин за Исвостеј, Сауловиот син, и дванаесет од Давидовите луѓе. И секој го фати својот противник за главата и му го закачи мечот во слабината, така што сите паднаа заедно. Затоа тоа место беше наречено Хелкат Асурим (Поле на Ножевите), а лежи кај Гаваон. Потоа се заметна во тој ден многу жестока битка, и Давидовите чети ги разбија Авенира и Израелците. А таму беа три Серуинови синови: Јоав, Ависај и Асаил; а Асаил беше брз при трчање како газела во полето. И Асаил се стрча во потера по Авенира; во стапка го следеше Авенира не свртувајќи ни десно ни лево. Авенир се обѕрна и праша: „Ти ли си, Асаилу?“ А тој одговори: „Јас сум.“ А Авенир му рече: „Сврти надесно или налево па зграпчи еден од тие младци и земи му го неговото оружје!“ Ама Асаил не сакаше да сврти од него. Авенир му рече пак на Асаила: „Отстрани се од мене! Зошто да те составам со земјата? Како тогаш уште би смеел да излезам пред очите на твојот брат Јоав?“ Ама тој никако не сакаше да се отстрани. Затоа Авенир го удри со задниот дел на копјето во желудникот така што копјето му излезе низ плеќите надвор: тогаш тој падна и умре на место. И подзастануваше секој што ќе дојдеше на она место, каде што падна и умре Асаил. А Јоав и Ависај продолжија да го гонат Авенира, а кога зајде сонцето, стигнаа до брежето Ама, што лежи спроти Гија, на патот кон Гаваонската Пустина. Дотогаш Венијаминовите синови се собраа околу Авенира, составија дружина и застанаа на врвот на брежето Ама. Тогаш Авенир му викна на Јоава: „Зар довека ќе не голта нас мечот? Не знаеш ли дека тоа ќе заврши со несреќа? Кога отпосле ќе им кажеш на своите луѓе да се откажат од гонењето на своите браќа?“ А Јоав одговори: „Така ми живиот Господ, да не проговореше ти, бездруго утре наутро овие луѓе ќе се откажеа од гонењето на своите браќа.“ Тогаш Јоав затруби во рог, и сета војска застана: прекратија да го гонат Израел и не го продолжија бојот. Авенир и неговите луѓе одеа низ Араба цела онаа ноќ; потоа поминаа преку Јордан, го продолжија патот цело утро и најпосле стигнаа во Маханаим. Кога Јоав се откажа од потерата по Авенира и кога ја собра целата војска, видоа дека од Давидовите луѓе нема деветнаесетмина, и Асаил покрај нив. А Давидовите луѓе убија три стотини и шеесет луѓе од Венијаминовите синови, Авенирови војници. Го дигнаа Асаила и го погребаа во гробот на неговиот татко во Витлеем. А Јоав и неговите луѓе одеа цела ноќ, и веќе се раздени кога стигнаа во Хеврон.