Кога Давид слезе од врвот на гората, ете, во пресрет му доаѓа Сива, слугата на Мемфивостеј, со две натоварени магариња со двесте лебови, сто мери суво грозје, сто низи смокви и еден мев со вино. Царот го праша Сива: „Зошто ти е тоа?“ Сива одговори: „Магарињата се за царскиот дом, за јавање, лебот и плодовите – за храна на момците, а виното – за изнемоштените во пустината.“ Царот праша: „Каде е синот на господарот твој?“ Сива му одговори на царот: „Ете, тој остана во Ерусалим и вели: ‚токму сега домот Израелов ќе ми го врати татковото ми царство.‘“ И му кажа царот на Сива: „Ете, твое е сѐ што има Мемфивостеј.“ А Сива одговори, поклонувајќи се: „Можеби ќе најдам милост пред очите на мојот господар – цар!“
Кога царот Давид стигна до Бахурим, ете, оттаму излезе еден човек од родот на Сауловиот дом, по има Семеј, син на Гера. Тој одеше и лошо зборуваше, и фрлаше камења врз Давид и врз сите слуги на царот Давид; и сите луѓе и сите храбри беа десно и лево од царот. Колнејќи го него, Семеј велеше: „Истави се, убиецу, и злосторнику! Господ ја сврте против тебе сета крв на Сауловиот дом, на чие место ти се зацари, и Господ го предаде царството во рацете на синот твој Авесалом; и ете, ти си во неволја, затоа што си крвопиец.“ Тогаш Авеса, синот на Саруја, му рече на царот: „Зошто овој мртов пес го колне царот, господарот мој? Ќе одам и ќе му ја симнам главата.“ Царот рече: „Што ви е вам, синови Саруеви? Оставете го нека колне, зашто Господ му заповедал да го колне Давид. И кој може да му каже: ‚Зошто правиш така?‘“ И Давид му рече на Авеса и на сите слуги свои: „Кога синот мој, кој излегол од телото мое, ја бара душата моја, дотолку повеќе може и еден Венијаминов син! Оставете го, нека колне, зашто Господ му заповедал; можеби, Господ ќе погледне милостиво кон мојата понизност, и ќе ми воздаде Господ добро за денешното колнење!“ И одеа Давид и луѓето по патот свој, а Семеј врвеше покрај гората, откај неговата страна; врвеше, колнеше и фрлаше камења и земја кон него. И стигна царот и сиот народ негов што беше со него, изморен, и таму си отпочинаа.
Авесалом, пак, и сиот израелски народ дојдоа во Ерусалим, и со него Ахитофел. Кога Кушиј, Давидовиот прв пријател, дојде кај Авесалом, му рече: „Да живее царот!“ И Авесалом му рече на Кушиј: „Каква е таа твоја сесрдност кон твојот пријател! Зошто не отиде со пријателот свој?“ Кушиј му одговори на Авесалом: „Не, јас ќе одам по оној што го избра Господ и оној народ и целиот Израел; со него сум и јас, и со него ќе останам. И притоа кому ќе му служам? Нели на синот негов? Како што му служев и на татко ти, така ќе ти служам и тебе.“
И Авесалом му рече на Ахитофел: „Дајте совет што да правиме.“ Ахитофел му одговори на Авесалом: „Влези кај наложниците на татко ти што тој ги остави да го чуваат домот негов; и ќе чујат сите Израелци дека си станал омразен за таткото, и ќе им зацврстат рацете на сите што се со тебе.“ И поставија за Авесалом шатор на покривот, и Авесалом влезе кај наложниците на татко си пред очите на сиот Израел. А советите што ги даваше Ахитофел, во она време се сметаа, како кога некој би Го допрашувал Бога. Таков беше секој Ахитофелов совет како за Давид, така и за Авесалом.