Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 16:1-23

2 Самоилова 16:1-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога Давид слезе од врвот на гората, ете, во пресрет му доа­ѓа Сива, слугата на Мемфивостеј, со две натоварени магариња со двесте лебови, сто мери суво грозје, сто низи смокви и еден мев со вино. Царот го праша Сива: „Зошто ти е тоа?“ Сива одговори: „Магарињата се за царскиот дом, за јавање, лебот и плодо­вите – за храна на момците, а виното – за изнемоштените во пустината.“ Царот праша: „Каде е синот на господарот твој?“ Сива му одговори на царот: „Ете, тој остана во Еру­салим и вели: ‚токму сега домот Израелов ќе ми го врати татковото ми царство.‘“ И му кажа царот на Сива: „Ете, твое е сѐ што има Мемфивостеј.“ А Сива одговори, поклонувајќи се: „Можеби ќе најдам милост пред очите на мојот господар – цар!“ Кога царот Давид стигна до Бахурим, ете, оттаму излезе еден човек од родот на Сауловиот дом, по има Се­меј, син на Гера. Тој одеше и лошо збо­руваше, и фрлаше камења врз Давид и врз сите слуги на царот Давид; и сите луѓе и сите храбри беа десно и лево од царот. Колнејќи го него, Семеј велеше: „Истави се, убиецу, и злосторнику! Господ ја сврте против тебе сета крв на Сауловиот дом, на чие место ти се зацари, и Господ го предаде царството во рацете на синот твој Авесалом; и ете, ти си во неволја, затоа што си крвопиец.“ Тогаш Авеса, синот на Саруја, му рече на царот: „Зошто овој мртов пес го колне царот, господарот мој? Ќе одам и ќе му ја симнам главата.“ Царот рече: „Што ви е вам, сино­ви Саруеви? Оставете го нека колне, зашто Господ му заповедал да го колне Давид. И кој може да му каже: ‚Зошто правиш така?‘“ И Давид му рече на Авеса и на сите слуги свои: „Кога синот мој, кој излегол од телото мое, ја бара душата моја, дотолку повеќе може и еден Венија­минов син! Оставете го, нека колне, зашто Господ му заповедал; можеби, Господ ќе погледне милостиво кон мојата понизност, и ќе ми воздаде Господ добро за денеш­ното колнење!“ И одеа Давид и луѓето по патот свој, а Семеј врвеше покрај гората, откај неговата страна; врвеше, колне­ше и фрлаше камења и земја кон него. И стигна царот и сиот народ негов што беше со него, изморен, и таму си отпочинаа. Авесалом, пак, и сиот израелски народ дојдоа во Ерусалим, и со него Ахитофел. Кога Кушиј, Давидовиот прв пријател, дојде кај Авесалом, му рече: „Да живее царот!“ И Авесалом му рече на Кушиј: „Каква е таа твоја сесрдност кон твојот пријател! Зошто не отиде со пријателот свој?“ Кушиј му одговори на Авесалом: „Не, јас ќе одам по оној што го избра Господ и оној народ и целиот Израел; со него сум и јас, и со него ќе останам. И притоа кому ќе му служам? Нели на синот негов? Како што му служев и на татко ти, така ќе ти служам и тебе.“ И Авесалом му рече на Ахитофел: „Дајте совет што да правиме.“ Ахитофел му одговори на Авеса­лом: „Влези кај наложниците на татко ти што тој ги остави да го чуваат домот негов; и ќе чујат сите Израелци дека си станал омразен за таткото, и ќе им зацврстат рацете на сите што се со тебе.“ И поставија за Авесалом шатор на покривот, и Авесалом влезе кај налож­ниците на татко си пред очите на сиот Израел. А советите што ги даваше Ахитофел, во она време се сметаа, како кога некој би Го допрашувал Бога. Та­ков беше секој Ахитофелов совет како за Давид, така и за Авесалом.

2 Самоилова 16:1-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога Давид помина малку преку врвот, ете, во пресрет му дојде Сива, Мефивостеевиот слуга, со две насамарени ослиња што носеа двеста лебови, сто гроздови суво грозје, сто низи летно овошје и мев со вино. Царот го праша Сива: „Што ќе правиш со тоа?“ А Сива одговори: „Ослињата се за да послужат на царското семејство за јавање, лебот и овошјето за јадење на момчињата, а виното за пиење на оние кои ќе се уморат во пустината.“ Царот праша натаму: „А каде е синот на твојот господар?“ А Сива му одговори на царот: „Ене, остана во Ерусалим, зашто рече: ‘Денес Израелевиот дом ќе ми го врати царството на мојот татко.’“ Тогаш царот му рече на Сива: „Ете, сѐ што имаше Мефивостеј нека е твое.“ А Сива одговори: „Се поклонувам пред тебе. Нека да најдам милост во твоите очи, цару господару!“ Кога царот Давид дојде во Ваурим, ете, оттаму излезе еден човек од родот на Сауловиот дом. Се викаше Симеј, а беше син Гирин. Тој излегуваше, и постојано колнеше. Фрлаше камења на Давида и на сите дворјанци на царот Давид, а сите луѓе со сите јунаци го опкружуваа царот од десната и од левата страна. А Симеј зборуваше вака, проколнувајќи: „Оди си, оди си, крвнику, беззаконику! Господ ја сврти против тебе сета крв на Сауловиот дом, кому ти му го одзеде царството. Затоа, Господ го предаде царството во рацете на твојот син Авесалом. Еве, сега се најде во неволја, зашто си крвник.“ Тогаш Серуиниот син Ависај му рече на царот: „Зар овој пцовисан пес да го проколнува мојот господар цар? Дозволи ми да отидам преку и да му ја симнам главата!“ Ама царот одговори: „Што сакате од мене Серуинови синови? Ако тој колне и ако Господ му заповедал: ‘Проколнувај го Давида!’ - кој смее да го праша: ‘Зошто правиш така?’“ Тогаш Давид им рече на Ависај и на сите свои слуги: „Ете, мојот син кој излезе од моето тело, ја бара душата моја, а камоли не овој Венијаминец! Оставете го нека колне, зашто Господ му заповедал. Можеби Господ ќе погледне на мојата неволја та ќе ми врати добро за неговото денешно колнење.“ Потоа Давид го продолжи патот со своите луѓе, а Симеј одеше по горска патека наспоредно со него, колнејќи постојано, фрлајќи камења кон него и дигајќи прав. Царот и сиот народ што го придружуваше стигнаа заморени и здивнаа таму. Меѓутоа Авесалом влезе во Ерусалим со сиот израелски народ; и Ахитофел беше со него. А кога Архиецот Хусај, пријателот Давидов, дојде кај Авесалома, Хусај му рече на Авесалома: „Да живее царот! Да живее царот!“ А Авесалом го праша Хусаја: „Дали е тоа твојата верност кон твојот пријател? Зошто не си отиде со својот пријател?“ А Хусај му одговори на Авесалома: „Не, туку кого го избра Господ и овој народ и сите Израелци, ќе бидам негов и ќе останам со него. И притоа: кому ќе му служам? Зар не на неговиот син? Како што му служев на татка ти, така ќе ти служам и тебе.“ Потоа Авесалом му се обрати на Ахитофел: „Советувај сега: што да правиме?“ Ахитофел одговори на Авесалома: „Влези кај соложниците на својот татко, кои ги остави да го чуваат домот: тогаш сиот Израел ќе чуе дека си во спор со татака си, па ќе се охрабрат сите оние кои што се согласија со тебе.“ Тогаш оптегнаа шатор за Авесалома на покривот, и Авесалом влезе кај соложниците на својот татко пред очите на сиот Израел. А советот што ќе го дадеше Ахитофел во она време беше како некој да прашува за слово од Бога; толку вредеше секој Ахитофелов совет, и кај Давида и кај Авесалома.