И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустината. Ете, и свештеникот Садок и заедно со него сите левити го носеа ковчегот на Божјиот завет, и го оставија Божјиот ковчег, а Авијатар пак стоеше на височината, додека сиот народ излезе од градот. И царот му рече на Садок: „Врати го Божјиот ковчег во градот. Ако најдам милост пред очите на Господ, Тој ќе ме врати и ќе ми даде да Го видам Него и Неговото живеалиште. Ако, пак, Тој каже: ‚Немам кон тебе благонаклоност‘, тогаш, ете ме; нека прави со мене она што ќе Му се види дека е добро.“ И му кажа уште царот на свештеникот Садок: „Гледаш ли, – врати се во градот со мир заедно со син си Ахимаац и со Авијатаровиот син Јонатан, двајцата ваши синови; гледате ли, јас ќе се позабавам по рамнината во пустината, додека ми стигне известување од вас.“ Садок и Авијатар го вратија Божјиот ковчег во Ерусалим и останаа таму. А Давид тргна кон Елеонската Планина, искачувајќи се плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа. Му јавија на Давид и рекоа: „И Ахитофел е меѓу заговорниците со Авесалом.“ И рече Давид: „Господи, Боже мој, осуети го советот на Ахитофел.“ Кога Давид се искачи на врвот од гората, каде што сакаше да Му се поклони на Господ, ете во пресрет му доаѓа Кушиј, Давидов прв пријател: облеката му беше раскината, и на главата имаше прав. И Давид му рече: „Ако дојдеш со мене, ќе ми бидеш товар: но, ако се вратиш во градот и му кажеш на Авесалом: ‚Царе, досега бев слуга на татко ти, а отсега натаму ќе бидам твој слуга‘, ти ќе можеш да го осуетиш за мене советот на Ахитофел. Ете, таму со тебе ќе бидат свештениците Садок и Авијатар, и секој збор што ќе го чуеш од домот на царот, соопштувај им го на свештениците, на Садок и на Авијатар. Заедно со нив таму се и двајцата нивни синови: Ахимаац, син Садоков, и Јонатан, син Авијатаров; по нив испраќајте ми ја секоја вест што ќе ја чуете.“ Така, Кушиј, Давидовиот пријател, отиде во градот, а во тоа време Авесалом влегуваше во Ерусалим.