2 Самоилова 15:23-37
2 Самоилова 15:23-37 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустината. Ете, и свештеникот Садок и заедно со него сите левити го носеа ковчегот на Божјиот завет, и го оставија Божјиот ковчег, а Авијатар пак стоеше на височината, додека сиот народ излезе од градот. И царот му рече на Садок: „Врати го Божјиот ковчег во градот. Ако најдам милост пред очите на Господ, Тој ќе ме врати и ќе ми даде да Го видам Него и Неговото живеалиште. Ако, пак, Тој каже: ‚Немам кон тебе благонаклоност‘, тогаш, ете ме; нека прави со мене она што ќе Му се види дека е добро.“ И му кажа уште царот на свештеникот Садок: „Гледаш ли, – врати се во градот со мир заедно со син си Ахимаац и со Авијатаровиот син Јонатан, двајцата ваши синови; гледате ли, јас ќе се позабавам по рамнината во пустината, додека ми стигне известување од вас.“ Садок и Авијатар го вратија Божјиот ковчег во Ерусалим и останаа таму. А Давид тргна кон Елеонската Планина, искачувајќи се плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа. Му јавија на Давид и рекоа: „И Ахитофел е меѓу заговорниците со Авесалом.“ И рече Давид: „Господи, Боже мој, осуети го советот на Ахитофел.“ Кога Давид се искачи на врвот од гората, каде што сакаше да Му се поклони на Господ, ете во пресрет му доаѓа Кушиј, Давидов прв пријател: облеката му беше раскината, и на главата имаше прав. И Давид му рече: „Ако дојдеш со мене, ќе ми бидеш товар: но, ако се вратиш во градот и му кажеш на Авесалом: ‚Царе, досега бев слуга на татко ти, а отсега натаму ќе бидам твој слуга‘, ти ќе можеш да го осуетиш за мене советот на Ахитофел. Ете, таму со тебе ќе бидат свештениците Садок и Авијатар, и секој збор што ќе го чуеш од домот на царот, соопштувај им го на свештениците, на Садок и на Авијатар. Заедно со нив таму се и двајцата нивни синови: Ахимаац, син Садоков, и Јонатан, син Авијатаров; по нив испраќајте ми ја секоја вест што ќе ја чуете.“ Така, Кушиј, Давидовиот пријател, отиде во градот, а во тоа време Авесалом влегуваше во Ерусалим.
2 Самоилова 15:23-37 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А целата земја плачеше на глас. Царот го помина потокот Кедрон, и сиот народ поминуваше пред него кон пустината. Ете, дојде и Садок и со него сите левити кои го носеа Ковчегот на Божјиот завет. И тие го положија Божјиот Ковчег; и Авијатар отиде горе, додека сиот народ не излезе од градот. Тогаш царот му рече на Садока: „Однеси го Божјиот Ковчег повторно назад во градот. Ако најдам милост пред очите на Господа, Тој ќе ме доведе назад и ќе ми дозволи да го видам Него и Неговото живеалиште. Ако, пак, Тој каже: ‘Немам кон тебе благонаклоност,’ - тогаш, ете ме, нека прави со мене што е добро во Неговите очи!“ Уште царот му рече на свештеникот Садок: „Не ли си пророк? Врати се со мир во градот, и твоите два сина со тебе, твојот син Ахимас и Авијатаровиот син Јонатан. Еве, јас ќе се задржам во рамнината на пустината додека не дојде глас од вас, за да ме извести.“ Тогаш Садок и Авијатар го однесоа Божјиот Ковчег назад во Ерусалим и останаа таму. Давид се искачуваше по нагорништето на Маслиновата Гора, сѐ плачејќи, со покриена глава и бос, и сиот народ што беше со него, ја покри секој својата глава, и одеше плачејќи. Тогаш му јавија на Давида дека и Ахитофел е меѓу заверениците со Авесалома. И Давид рече: „Те молам, о Господи, направи го Ахитофеловиот совет безумие!“ Кога Давид дојде на врвот на гората, таму каде што се поклонуваа на Бога, и ете, во пресрет му дојде Архиецот Хусај, со раскината облека и со глава посипана со прав. Давид му рече: „Ако тргнеш со мене, ќе ми бидеш на товар.“ Но ако се вратиш во градот и му речеш на Авесалома: ‘Царе, ќе бидам твој слуга, како што бев слуга на татко ти досега, така ќе ти бидам сега слуга’; тогаш ќе можеш да ги вратиш во моја полза Ахитофеловите совети. Не ли се таму со тебе свештениците Садок и Авијатар? Сѐ што ќе чуеш од царскиот двор, соопшти им на свештениците Садок и Авијатар. Ете, таму со нив се и нивните два сина, Ахимас Садоков, а и Јонатан Авијатаров: јавувајте ми по нив сѐ што ќе чуете.“ Така Хусај, Давидов пријател, се врати во градот кога Авесалом влегуваше во Ерусалим.