Израелците беа изморени тој ден; а Саул, го заколна народот, велејќи: „Проклет да е оној што ќе вкуси леб до вечерва, додека не им се одмаздам на моите непријатели!“ И никој од народот не вкуси храна. И сиот народ отиде во гората, а таму на лединката имаше мед. И народот отиде таму, велејќи: „Еве, тече мед.“ Но никој не ја доближи раката кон устата своја, бидејќи народот се плашеше од клетвата. Јонатан, пак, не слушна, кога татко му го заколнуваше народот, и откако го протегна крајот на стапот што беше во раката негова, ја буцна медената пита и ја сврти со раката кон устата своја и очите му светнаа. А еден од народот му рече, велејќи: „Татко ти го заколна народот, и рече: – ‚Проклет да е оној што денес ќе вкуси храна; и затоа луѓето се изнемоштени.‘“ Но Јонатан рече: „Татко ми ја вознемирува земјава; гледате, како ми светнаа очите штом вкусив малку од медов; ако, пак, народот денес си каснеше од пленот што го најде кај непријателите свои, немаше ли поразот на Филистејците да биде поголем?“ И Израелците ги разбија Филистејците оној ден од Михмас до Ајалон, и народот многу беше изморен. Тогаш народот се нафрли на пленот, и земаа овци, волови и телиња, и ги колеа наземи, и народот јадеше заедно со крвта. Му јавија на Саул, велејќи: „Ете, народот греши пред Господ, јаде со крвта.“ И рече Саул: „Вие згрешивте: донесете сега кај мене еден голем камен.“ Потоа Саул рече: „Одете меѓу народот и речете му: секој нека го дотера кај мене волот свој и секој овцата своја, и колете тука и јадете, и не грешете пред Господ, не јадете со крвта.“ И сите од народот дотеруваа, секој со своја рака, волот свој и овцата своја во текот на ноќта и ги колеа таму. Тогаш Саул Му изгради жртвеник на Господ: тоа беше жртвеникот на Господ подигнат од него. И Саул рече: „Да тргнеме по Филистејците оваа ноќ и да ги ограбиме до разденување и да не оставиме ниту еден од нив.“ И рекоа: „Прави сѐ што сметаш дека е добро.“ А свештеникот рече: „Да пристапиме овде кон Бога.“ Саул Го запраша Бога: „Да тргнам ли против Филистејците? Ќе ги предадеш ли во рацете на Израел?“ Но Тој не му одговори тој ден. Тогаш Саул рече: „Нека се приближат овде сите началници народни, да распрашаат и дознаат, врз кого е денес гревот? Зашто, – се колнам во Господ, Кој го спаси Израел – ако биде и врз синот мој Јонатан, и тој нека умре бездруго.“ Но никој од народот не му одговори. Тогаш Саул им рече на сите Израелци: „Застанете вие на едната страна, а јас и син ми Јонатан ќе застанеме на другата страна.“ А народот му одговори на Саул: „Прави го она што мислиш дека е добро.“ И рече Саул: „Господи, Боже Израелов, кажи ни ја вистината!“ Изобличените со ждрепка беа Јонатан и Саул, а народот излезе прав. Тогаш Саул рече: „Фрлете ждрепка меѓу мене и меѓу синот мој Јонатан.“ И ждрепката падна врз Јонатан. И Саул му рече на Јонатан: „Кажи ми што си направил?“ И Јонатан му раскажа, велејќи: „Вкусив со стапот што е во раката моја, малку мед; и ете, јас треба да умрам.“ И Саул рече: „Нека Господ ми испрати најлоша казна и уште повеќе нека ми даде, ако ти, Јонатане, денес не умреш.“ Но народот му рече на Саул: „Јонатан ли да умре, кој изврши такво големо спасение на Израел? Тоа нема да биде! Се колнеме во Господ дека ни влакно нема да падне од главата негова на земјата, зашто денес тој дејствуваше со Бога.“ И народот го ослободи Јонатан, и тој не умре. Тогаш Саул престана да ги гони Филистејците; и Филистејците се вратија во нивните места.
Саул го зацврсти царувањето свое над Израел, и војуваше против сите свои околни непријатели, против Моав, против Амонците, против Едом, против царевите на Цова, против Филистејците, а против кого и да се свртеше, по ред имаше успех. Тој ја среди војската, го разби Амалик и го ослободи Израел од рацете на оние што го грабеа. Саулови синови беа: Јонатан, Јишвиј и Мелхисуј, а двете ќерки негови се викаа: првородената – Мерава, а помладата – Михала. А Сауловата жена се викаше Ахиноам, ќерка на Ахимаац; началникот на војската негова се викаше Авинер, син на Нир, стрикото Саулов. Кис, Сауловиот татко, и Нир, Авенировиот татко, беа синови Авиелови. И за сето Саулово време се водеше упорна борба против Филистејците. И кога Саул ќе видеше некој човек силен и храбар, го земаше кај себеси.