1 Самоилова 14:24-52
1 Самоилова 14:24-52 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Израелците беа изморени тој ден; а Саул, го заколна народот, велејќи: „Проклет да е оној што ќе вкуси леб до вечерва, додека не им се одмаздам на моите непријатели!“ И никој од народот не вкуси храна. И сиот народ отиде во гората, а таму на лединката имаше мед. И народот отиде таму, велејќи: „Еве, тече мед.“ Но никој не ја доближи раката кон устата своја, бидејќи народот се плашеше од клетвата. Јонатан, пак, не слушна, кога татко му го заколнуваше народот, и откако го протегна крајот на стапот што беше во раката негова, ја буцна медената пита и ја сврти со раката кон устата своја и очите му светнаа. А еден од народот му рече, велејќи: „Татко ти го заколна народот, и рече: – ‚Проклет да е оној што денес ќе вкуси храна; и затоа луѓето се изнемоштени.‘“ Но Јонатан рече: „Татко ми ја вознемирува земјава; гледате, како ми светнаа очите штом вкусив малку од медов; ако, пак, народот денес си каснеше од пленот што го најде кај непријателите свои, немаше ли поразот на Филистејците да биде поголем?“ И Израелците ги разбија Филистејците оној ден од Михмас до Ајалон, и народот многу беше изморен. Тогаш народот се нафрли на пленот, и земаа овци, волови и телиња, и ги колеа наземи, и народот јадеше заедно со крвта. Му јавија на Саул, велејќи: „Ете, народот греши пред Господ, јаде со крвта.“ И рече Саул: „Вие згрешивте: донесете сега кај мене еден голем камен.“ Потоа Саул рече: „Одете меѓу народот и речете му: секој нека го дотера кај мене волот свој и секој овцата своја, и колете тука и јадете, и не грешете пред Господ, не јадете со крвта.“ И сите од народот дотеруваа, секој со своја рака, волот свој и овцата своја во текот на ноќта и ги колеа таму. Тогаш Саул Му изгради жртвеник на Господ: тоа беше жртвеникот на Господ подигнат од него. И Саул рече: „Да тргнеме по Филистејците оваа ноќ и да ги ограбиме до разденување и да не оставиме ниту еден од нив.“ И рекоа: „Прави сѐ што сметаш дека е добро.“ А свештеникот рече: „Да пристапиме овде кон Бога.“ Саул Го запраша Бога: „Да тргнам ли против Филистејците? Ќе ги предадеш ли во рацете на Израел?“ Но Тој не му одговори тој ден. Тогаш Саул рече: „Нека се приближат овде сите началници народни, да распрашаат и дознаат, врз кого е денес гревот? Зашто, – се колнам во Господ, Кој го спаси Израел – ако биде и врз синот мој Јонатан, и тој нека умре бездруго.“ Но никој од народот не му одговори. Тогаш Саул им рече на сите Израелци: „Застанете вие на едната страна, а јас и син ми Јонатан ќе застанеме на другата страна.“ А народот му одговори на Саул: „Прави го она што мислиш дека е добро.“ И рече Саул: „Господи, Боже Израелов, кажи ни ја вистината!“ Изобличените со ждрепка беа Јонатан и Саул, а народот излезе прав. Тогаш Саул рече: „Фрлете ждрепка меѓу мене и меѓу синот мој Јонатан.“ И ждрепката падна врз Јонатан. И Саул му рече на Јонатан: „Кажи ми што си направил?“ И Јонатан му раскажа, велејќи: „Вкусив со стапот што е во раката моја, малку мед; и ете, јас треба да умрам.“ И Саул рече: „Нека Господ ми испрати најлоша казна и уште повеќе нека ми даде, ако ти, Јонатане, денес не умреш.“ Но народот му рече на Саул: „Јонатан ли да умре, кој изврши такво големо спасение на Израел? Тоа нема да биде! Се колнеме во Господ дека ни влакно нема да падне од главата негова на земјата, зашто денес тој дејствуваше со Бога.“ И народот го ослободи Јонатан, и тој не умре. Тогаш Саул престана да ги гони Филистејците; и Филистејците се вратија во нивните места. Саул го зацврсти царувањето свое над Израел, и војуваше против сите свои околни непријатели, против Моав, против Амонците, против Едом, против царевите на Цова, против Филистејците, а против кого и да се свртеше, по ред имаше успех. Тој ја среди војската, го разби Амалик и го ослободи Израел од рацете на оние што го грабеа. Саулови синови беа: Јонатан, Јишвиј и Мелхисуј, а двете ќерки негови се викаа: првородената – Мерава, а помладата – Михала. А Сауловата жена се викаше Ахиноам, ќерка на Ахимаац; началникот на војската негова се викаше Авинер, син на Нир, стрикото Саулов. Кис, Сауловиот татко, и Нир, Авенировиот татко, беа синови Авиелови. И за сето Саулово време се водеше упорна борба против Филистејците. И кога Саул ќе видеше некој човек силен и храбар, го земаше кај себеси.
1 Самоилова 14:24-52 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Израелците беа во оној ден многу изморени, зашто Саул ја изрече над народот оваа заклетва: „Проклет да биде човекот, кој ќе вкуси храна пред вечерта, пред да им се одмаздам на своите непријатели!“ Така сиот народ не вкуси храна во тој ден. Но таму имаше саќи со мед на површината на земјата. Кога народот дојде онаму, виде како тече мед, но никој не ја принесе раката кон устата, зашто народот се боеше од заклетвата. Само Јонатан, кој не чу кога неговиот татко го заколна народот, го доближи врвот на стапот, што му беше во раката, и го намака во медените саќи, потоа ја принесе раката кон устата; и веднаш му засветкаа очите. Тогаш еден од народот проговори и рече: „Твојот татко го заколна народот, велејќи: ‘Проклет да е оној кој ќе вкуси храна денес!’“ А Јонатан одговори: „Мојот татко ја навалува несреќата на земјата. Гледајте, ми засветкаа очите зашто вкусив малку од тој мед. Што би било допрва ако народот јадеше слободно од пленот што го доби од непријателот? Не ќе ли беше уште поголем филистејскиот пораз?“ Во оној ден ги поразија Филистејците од Михмас сѐ до Ајалон, а народот беше на крајот на своите сили. Тогаш народот се нафрли на грабеж, нафаќа ситен добиток, говеда и телиња и почна да ги коле на гола земја и да го јаде месото со крвта. И му соопштија на Саула, велејќи: „Ете народот му греши на Господа, јадејќи месо со крв!“ Потоа рече: „Отидете меѓу народот и речете им на сите нека секој го доведе при мене својот вол или овца; тука ќе ги колете и ќе ги јадете, а нема да Му грешите на Господа, јадејќи месо со крвта.“ Така сиот народ уште во истата ноќ доведе кој што имаше, и тоа го колеа таму. А Саул Му подигна жртвеник на Господа; тоа беше прв жртвеник што Му го подигна на Господа. Тогаш Саул рече: „Да тргнеме уште ноќеска во потера по Филистејците, и да ги пленуваме додека не осамне утрото! Нема да им оставиме ниеден човек!“ А народот му одговори: „Прави сѐ што мислиш дека е добро!“ Ама свештеникот рече: „Да Му пристапиме тука на Бога!“ И Саул го праша Бога: „Треба ли да тргнам во потера по Филистејците? Дали ќе ги предадеш во Израелеви раце?“ Ама не му одговори во оној ден. Затоа Саул рече: „Пристапете ваму, сите народни главатари! Испитајте и видете во што беше денешниот престап. Зашто, живиот ми Господ, Кој му дава победа на Израел, ако се најде вина макар и на мојот син Јонатан, треба да умре!“ Ама никој од народот не се осмели да му одговори на Саула. Саул тогаш му рече на сиот Израел: „Вие застанете на една страна, а јас и мојот син Јонатан ќе застанеме на другата страна.“ А народот му одговори на Саула: „Прави го она што мислиш дека е добро!“ Тогаш Саул се помоли: „Господи, Израелев Боже, зошто не му одговори денес на својот слуга? Ако е вината на мене или на мојот син Јонатан, Господи, Израелев Боже, дај Урим; ако е вината на Твојот народ Израел, дај Тумим.“ И жрепката падна на Саула и на Јонатана, а народот излезе прав. Саул продолжи: „Фрлете жрепка за мене и за мојот син Јонатан!“ И жрепката падна на Јонатана. Тогаш Саул му рече на Јонатана: „Признај што си направил!“ Јонатан одговори: „Јас само вкусив малку мед со врвот на стапот што ми беше во раката. Еве ме, готов сум да умрам!“ Саул одговори: „Така Господ да ми направи зло и да ми додаде друго ако навистина не умреш Јонатане!“ Ама народот му рече на Саула: „Зар да умре Јонатан, кој ја извојува оваа голема победа во Израел? Тоа не смее да биде! Живиот ни Господ, ниедно влакно од неговата глава нема да падне на земја, зашто тој со Бога го изврши ова дело денес!“ Така народот го избави, та Јонатан не загина. Саул се откажа од потерата по Филистејците, а Филистејците се вратија во својот крај. Кога Саул ја зацврсти својата царска власт над Израел, се сврте да војува против сите свои непријатели наоколу: против Моав, против Амонците, против Едом, против царот на Сова и против Филистејците; каде и да се завртеше секаде победуваше. Даде многу докази за својата храброст, ги порази Амаликците и го избави Израел од рацете на оние кои што го ограбуваа. Саулови синови беа: Јонатан, Исух и Мелхи-Суј, а од неговите две ќерки постарата се викаше Мерава, а помладата Михала. Сауловата жена се викаше Ахиноама, а беше ќерка Ахимасова. Војводата на неговата војска се викаше Авенир, а му беше син на Нир, Сауловиот чичко. Зашто Кис, Сауловиот татко, и Нир, Авенировиот татко, беа синови Авилови. Жестока војна се водеше против Филистејците за време на сиот Саулов век. И кого и да видеше Саул храбар и боевит човек, секого го земаше во своја служба.