Chapa ya Youversion
Ikoni ya Utafutaji

Марко 12

12
Парабола за лозарите. Прашање за давање на царскиот данок, за воскресението на мртвите и за најголемата заповед. Давидов син и Господ. Потребно е чување од книжниците. Вдовичината лента.
1И почна да им говори во параболи: »Еден човек насади лозје, и го загради со плот, па ископа бунар и соѕида кула; и, откако им го предаде на лозарите, си отиде.
2А кога дојде времето, испрати кај лозарите еден слуга, за да го прибере од нив плодот на лозјето.
3Но тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија празен.
4И пак испрати при нив друг слуга; и нему, со камења, му ја расцепија главата, па го отпуштија посрамен.
5Испрати и друг; него, пак го убија, и мнозина други, или натепаа, или пак ги убија.
6Па, како имаше и еден син, кој му беше мил, го испрати најпосле и него при нив, велејќи: ‚Ќе се засрамат од сина ми.‘
7Но лозарите си рекоа помеѓу себе: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше.‘
8И како го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.
9Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други.
10Зар не сте читале во Писмото: ‚Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот:
11од Господа е тоа, и чудесно е во очите наши!‘«
12И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, оти разбраа дека за нив ја кажа параболата; и кога Го оставија, си отидоа.
13А пратија кај Него од фарисеите и од Иродовците, за да го фатат на збор.
14Тие дојдоа и Му рекоа: »Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се боиш од никого, оти не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?«
15А Он, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: »Зошто Ме искушувате? Донесете Ми еден динариј да го видам!«
16И тие донесоа. Па им рече: »Чиј е овој лик и натпис?« Му рекоа: »На царот.«
17Тогаш Исус им одговори и рече: »Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!« И тие Му се чудеа.
18Дојдоа при Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, говорејќи:
19»Учителе, Мојсеј ни напиша: ‚Ако некому умре братот и остави жена, а деца не остави, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го воздигне потомството на брата си.‘
20Беа седуммина браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород.
21Неа ја зеде вториот брат, и умре, но и тој не остави пород; исто така и третиот.
22Ја зедоа сите седуммина, и не оставија пород. По нив умре и жената.
23При воскресението, кога ќе воскреснат, на кого од нив таа ќе биде жена? Оти седуммина ја имаа како жена.«
24А Исус одговори и рече: »Зар не се лажете, бидејќи не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја?
25Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а се како ангели на небесата.
26А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгата на Мојсеја, како му рече Бог при капината: ‚Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Јаковов‘?
27Но Он не е Бог на мртвите, а Бог на живите. Вие, пак, многу се лажете.«
28Тогаш пристапи еден од книжниците, кој ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: »Која е прва од сите заповеди?«
29А Исус му одговори: »Прва од сите заповеди е: ‚Чуј, Израиле! Господ, Бог наш, е еден Господ.
30Затоа возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ Тоа е првата заповед.
31А втората е слична на неа: ‚Возљуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема.«
32Книжникот Му рече: »Добро, Учителе. Право кажа дека Бог е еден, и дека нема друг, освен Него;
33и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите прилози и жртви.«
34Исус, пак кога виде дека умно одговори, му рече: »Не си далеку од царството Божјо.« Потоа никој веќе не смееше да Го праша.
35И кога одговараше Исус, поучувајќи во храмот, рече: »Како зборуваат книжниците дека Христос е син Давидов?
36Сам, пак, Давид кажа преку Светиот Дух: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, дури не ги положам Твоите непријатели во подножјето на нозете Твои!‘
37И така, сам Давид Го нарече Господ; од каде тогаш да Му е Он син?« И многу народ Го слушаше со сладост.
38И им рече потоа во Својата поука: »Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат променети и да ги поздравуваат по улиците,
39и предни седишта во синагогите, и први места на гозбите.
40Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат, ќе бидат потешко осудени.«
41Па седна Исус спроти ковчежето, и гледаше како народот пушта пари во него. Мнозина богати пуштаа многу.
42И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што прават еден кодрант.
43А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: »Вистина, ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во ковчежето;
44зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целата своја прехрана.«

Iliyochaguliwa sasa

Марко 12: MK1990

Kuonyesha

Shirikisha

Nakili

None

Je, ungependa vivutio vyako vihifadhiwe kwenye vifaa vyako vyote? Jisajili au ingia