Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Тит 1:1-9

Тит 1:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Од Павле, Божји слуга и апостол на Исус Христос. Јас сум испратен да им донесам вера на оние што Бог ги одбра, за да ја запознаат вистината и да живеат побожно. Таа произлегува од надежта дека ќе добиеме вечен живот, како што Бог уште одамна ни вети, а Тој не лаже. Кога дојде вистинското време, Бог, нашиот Спасител, ја објави Својата порака, ми ја довери и ми наложи да им ја проповедам на луѓето. Пишувам до Тит кој, заради тоа што имаме иста вера, ми е како вистински син. Ти посакувам Бог, нашиот Татко, и Исус Христос, нашиот Спасител, да ти бидат благонаклонети и да ти дадат мир. Те оставив во Крит за да го довршиш она што остана недовршено: по сите градови да назначиш водачи во црквите. Како што ти наредив, за да биде некој водач треба да биде без пороци, верен на својата сопруга, ако има деца, тие треба да имаат вера во Бог и да не ги бие глас дека се разуздани и непослушни. Неопходно е оние што се надзорници во црквата, како Божји управители, да немаат пороци, да не бидат самовљубени и избувливи, да не бидат пијаници, зајадливи, ниту да бидат алчни по нечесна заработка. Тие треба да бидат гостољубиви, да го сакаат доброто, да бидат разумни, правични, побожни луѓе што умеат да се контролираат. Мора да се придржуваат до правилното учење. Така ќе можат да им помогнат и на други луѓе, проповедајќи им здраво учење, и ќе можат да ги изнесат на виделина грешките на оние што му се противставуваат на правилното учење.

Тит 1:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Павле, слуга Божји и апостол на Исус Христос за верата на Божјите избраници и за спознавање на вистината по побожноста, со надеж за вечниот живот, што пред вечни времиња го вети Бог, Кој не лаже, во свое време го јави словото Свое преку пораката што ми ја довери мене по заповед на нашиот Спасител, Бог, до Тит, моето вистинско чедо по за­едничката вера. Благодат, милост и мир од Бог Отецот и од Господ Исус Хрис­тос, нашиот Спасител! Затоа те оставив во Крит, за да го довршиш несвршеното и во сите гра­до­ви да поставиш презвитери, како што ти бев порачал: ако е некој непорочен, маж на една жена и има деца верни, што не се укорувани за блудство или непокорност. Бидејќи епископот, како Божји распоредник, не треба да е порочен, ни гневлив, ни пијаница, ни тепач, ни ла­ком за гнасна печалба, туку гостољубив, доброљубив, трез­вен, справедлив, свет, воздржлив; кој се придржува до вистинското слово, онака како што е научен, та да биде силен и да поучува во здравото учење, и да ги побива оние кои се противат.

Тит 1:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Павле, Божјиот слуга и апостол на Исуса Христа, според верата на Божјите избраници и познавањето на вистината, која е според побожноста, во надежта за вечен живот, што пред вечни времиња го вети Бог, Кој не лаже, а во свое време го јави Своето Слово преку прогласувањето, што ми е доверено мене според заповедта на Бога, нашиот Спасител - до Тит, вистинското чедо на заедничката вера: благодат, милост и мир од Бог Таткото и Господа Исуса Христа, нашиот Спасител. Затоа те оставив на Крит, за да го средиш несвршеното и за да поставиш старешини по сите градови, како што ти наредив: ако е некој непорочен, маж на една жена, ако има деца кои веруваат, кои не се обвинети заради разузданост или непокорност; зашто епископот како Божји домоуправител треба да биде непорочен: не самољубив, не гневлив, не пијаница, не тепач, не лаком за срамна печалба, туку гостољубив, пријател на доброто, разумен, праведен, благочестив, воздржлив, кој се држи цврсто за верното слово, согласно со науката, за да може и да опоменува во здравата наука и да ги изобличува оние кои се противат.