Песна над песните 2:8-17
Песна над песните 2:8-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Возљубената: Гласот на мојот возљубен! Еве го: доаѓа, скока преку горите, прескокнува преку ридовите. Мојот возљубен прилега на срна, на млад елен. Ете, стои зад ѕидот наш, погледнува низ прозорецот, ѕирка низ решетката. Мојот возљубен се огласи и ми рече: „Стани, мила моја, убавице моја, дојди! Еве, зимата веќе мина, дождот го снема, престана веќе, цвеќиња се појавија по земјата; настана време за песни, и гласот на гугутката се слуша во земјата наша; смоквите ги отворија пупките свои, и расцутените лози пријатно мирисаат. Стани, мила моја, убавице моја, и дојди! Гулабице моја во карпест пролом, под камено засолниште, покажи ми го лицето свое, дај ми да го чујам гласот твој, зашто гласот ти е пријатен, и лицето ти е прекрасно. Фатете ни ги лисиците, лисичињата, зашто тие ги пустошат лозјата, а лозјата ни цутат.“ Мојот возљубен е мој, јас, пак, сум – негова; тој го пасе стадото меѓу кринови. Во ладовините на вечерта кога сенките ги снемува, врати се, мил мој, и биди како срна или како млад елен, по планините разделени.
Песна над песните 2:8-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Гласот на мојот возљубен! ете го, доаѓа, прелетува преку гори, прескокнува брегови. Мојот возљубен е како срна, тој е како еленче. Ете, тој стои зад нашиот ѕид; гледа низ прозорците, наѕира низ решетките. Мојот возљубен почнува да ми зборува: „Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди! зашто, ете, зимата веќе помина, дождот замина и прекрати. Цвеќињата се покажуваат по земјата, дојде време за пеење; и грличиниот глас се слуша во нашиот крај. Смоквата ги исфрли првите плодови, лозјето мириса во цветање. Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди! Гулабице моја, во каменливи пештери, во стрмните и карпести засолништа! дај да ти го видам лицето и да ти го чујам гласот; зашто твојот глас е милозвучен, а твоето лице е прекрасно!“ Ловете ги лисиците, малите лисици, што ги оштетуваат лозјата, нашите лозја во цутењето. Мојот возљубен ми припаѓа мене, а јас нему; тој пасе меѓу лилјаните. Пред денот да издивне и пред да се спуштат сенките, врати се, возљубен мој: биди лесен како срна, како срниче на гората Бетер.