Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 4:1-12,16

Римјаните 4:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Авраам беше биолошки прататко на еврејскиот народ. Како стекна праведност тој? Ако Авраам стекна праведност пред Бог врз основа на своите добри дела, тој ќе имаше причина да се фали пред луѓето, но не и пред Бог. Светото Писмо вели: „Авраам Му поверува на Бог, и Бог му ја припиша неговата вера како праведност.“ Кај луѓето, кога некој вложува свој труд, наградата што му се дава не претставува подарок, туку обврска. Но пред Бог, оној што не се потпира врз својот труд и постигања, туку што верува во Оној што ги оправдува грешниците, неговата вера му се смета како праведност. Еве што вели и царот Давид кога опишува колку е среќен оној човек кого Бог го смета за праведен, но не врз основа на дела извршени според барањата на Законот: Среќен е оној, на којшто престапот му е простен, чиј грев е покриен! Среќен е човекот кого Господ за грев не го обвинува.“ Дали овој благослов важи само за обрежаните, или важи и за необрезаните? Да го погледнеме примерот со Авраам. Рековме дека Бог му припиша праведност на Авраам, затоа што Авраам имаше вера во Него. Кога се случи тоа: кога Авраам беше веќе обрежан, или пред да се обреже? Знаеме дека тоа се случи пред Авраам да биде обрежан, а не откако беше обрежан! Дури потоа тој се обрежа, како печат и потврда дека Бог го прогласи за праведен врз основа на неговата вера што ја имаше уште додека беше необрезан. Така Авраам им стана духовен татко на сите што Му веруваат на Бог, и Бог ги прифаќа како праведни, иако не се обрежани. Истовремено тој им е духовен татко и на оние што се обрежани, но само на оние кои, покрај тоа што се обрежани, го следат и примерот на нашиот прататко Авраам, и Му веруваат на Бог исто како што тој Му веруваше уште пред да биде обрежан.

Римјаните 4:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А што би можеле да кажеме дека добил нашиот прататко по тело Авраам? Зашто ако Авраам се оправдал со дела, тој заслужува пофалба, но не пред Бога. Впрочем што вели Писмото? – „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност.“ На оној што работи, платата му следува не по милост, туку по долг. Напротив, оному, кој не работи, а верува во Оној Кој го оправдува без­божникот, верата му се смета за праведност. Така и Давид го нарекува блажен оној човек, кому Бог му смета за пра­ведност независно од делата, велејќи: „Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени; блажен е оној човек кому Бог нема да му смета за грев!“ А дали ова блаженство се однесува са­мо за обрезаните или и за необрезани­те? Бидејќи велиме дека на Авраам ве­ра­та му се сметаше за праведност. Кога му се сметаше? По обрезанието или пред обрезанието? Не по обре­занието, туку пред обрезанието. И знакот на обрезанието тој го доби како печат на праведност што доаѓа од верата, која ја имаше пред обрезанието, за да биде татко на сите необрезани што веруваат, та и ним тоа да им се смета за праведност, и да им биде татко на обрезаните, но не на оние кои обрезанието само го примиле, туку кои врват и по стапките на верата од нашиот татко Авраам, пред обрезанието.

Римјаните 4:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, што ќе речеме дека нашиот прататко Авраам добил по тело? Зашто, ако е Авраам оправдан врз основа на своите дела, може да се фали, но не пред Бога! Но, што вели Писмото: „Авраам Му поверува на Бога и тоа му се засмета за праведност.“ А на оној, кој работи, платата не му се засметува по милост, туку по долг; додека на оној, кој не работи, а верува во Оној, Кој го оправдува безбожникот, неговата вера му се засметува за праведност, така и Давид го наречува блажен човекот, кому Бог му ја засметува праведноста без дела: “Блажени се оние, чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени! “Блажен е човекот, кому Господ не му засметува грев!“ Дали блаженството се однесува само за обрезаните, или и за необрезаните? Зашто ние велиме: „На Авраама верата му се засмета за праведност.“ Па како му се засмета? Кога беше обрезан или кога беше необрезан? Не кога беше обрезан, туку кога беше необрезан. И го прими знакот на обрезанието како печат на праведноста, што ја доби преку верата како необрезан, за да им биде татко на сите, кои веруваат како необрезани; за да им се засмета и ним тоа во праведност, и да им биде татко и на обрезаните, но не на оние, кои се само обрезани, туку кои и одат по стапките на верата на нашиот татко Авраам, која ја имаше додека уште беше необрезан.