Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 3:9-26 - Compare All Versions

Римјаните 3:9-26 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))

Па дали имаме некакво предимство? Ни најмалку, зашто веќе ги обвинивме, како Јудејците така и Елините, дека се сите под грев, како што е напишано: „Нема праведен ниту еден, нема разумен, нема кој да Го бара Бога; сите се отклонија, заедно станаа развратни; нема кој да прави добро, не­ма ниту еден.“ „Грлото нивно – отворен гроб; со ја­зиците свои мамат; под јазиците нивни – змиски отров, устата нивна е полна со клетва и горчина. Нозете нивни им се брзи за пролевање крв; пустошење и маки по нивните па­тишта; тие не го познаа патот на мирот. Страв Божји нема пред очите нивни.“ Знаеме дека сѐ она, за што зборува Законот, се однесува на оние, што се под Законот, за да се затвори секоја ус­та, и така целиот свет да стане виновен пред Бога, зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој; бидејќи преку Законот се познава гре­вот. А сега независно од Законот се јави Божјата праведност, посведочена од Законот и од Пророците. Божјата праведност преку верата во Исус Христос е во сите и врз сите оние што веруваат. Зашто нема разлика, сите згрешија и лишени се од славата Божја. Но ќе бидат оправдани преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Исус Христос. Него Бог Го постави со крвта Своја да биде жртва за помирување преку ве­рата, за да ја покаже Својата праведност во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение, за да ја покаже Својата праведност во сегашно време, дека е Тој справедлив и дека го оправдува секого што верува во Исус.

Римјаните 3:9-26 MNT (Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик)

Значи, дали ние Евреите сме подобри од другите народи? Не, не сме. Ние веќе рековме дека и Евреите, како и другите народи, се под власта на гревот. Како што е напишано во Светото Писмо: “Нема ниту еден праведен човек, ниту еден единствен; ниту еден што разбира, ниту еден што Го бара Бога. Сите скршнаа од правиот пат, сите се израсипаа. Нема ниту еден единствен човек што прави добро.“ „Грлата нивни - гробови отворени, јазиците само за злобни лаги им служат.“ „Зад усните змиски отров кријат.“ „Устите им со клетви и горчина се полни.“ „Брзи се стапалата нивни да пролеваат крв. Кај ќе стапнат - пустош и беда носат! За мирољубивост не знаат.“ „Ни трошка страв и почит спрема Бог кај нив нема.“ А јасно е дека одредбите на Божјиот Закон се наменети за луѓето на кои им беше даден. Ниеден човек нема изговор, а врз основа на тој Закон Бог може целиот свет да го осуди. Со придржување кон Законот никој не може да се здобие со праведност во Божјите очи. Преку Законот само стануваме свесни за нашата грешност. Сега Бог ни покажа како можеме да се здобиеме со праведност: не преку придржување кон уредбите во Мојсеевиот Закон, туку онака како што одамна беше ветено во Светото Писмо: пред Бог можеме да се здобиеме со праведност само преку вера во Исус Христос. Тоа важи за секој што верува, бидејќи меѓу луѓето нема никаква разлика, зашто сите згрешија и никој не успеа да ги достигне Божјите возвишени стандарди. Но поради Својата милостива благонаклоност, Бог не прогласува за праведни. Оправданието ни е подарено преку откупот што за нашите гревови го плати Исус Христос. Него Бог јавно Го испрати да биде помирителна жртва за оние што со вера го прифаќаат тоа. Бог ни покажа дека беше праведен во минатото кога трпеливо преминуваше преку гревовите на луѓето за потоа да ги наплати преку жртвуваната крв на Исус Христос. Бог ни покажува дека е праведен и сега кога го оправдува секој што верува во Исус. Така Неговата праведност никогаш не е доведена во прашање.

Римјаните 3:9-26 MKB (Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов)

Што тогаш! Дали имаме предност? Никако, зашто веќе ги обвинуваме Јудејците и Грците, дека се сите под грев, како што е напишано: „Нема никој праведен, нема ниту еден; нема разумен, нема кој да Го бара Бога; сите застранија, сите заедно станаа неполезни, нема кој да прави добро, нема ниту еден.“ Нивното грло е отворен гроб, измамуваат со јазиците; змиски отров е под нивните усни. Устата им е полна со клевета и горчина. Нозете им се брзи за пролевање крв; запустување и беда се по нивните патишта; тие не го познаваат патот на мирот. Нема Божји страв пред нивните очи.“ А знаеме дека сѐ што вели Законот, им го зборува на оние, кои се под Законот, за да занеми секоја уста и за да биде целиот свет виновен пред Бога, зашто со делата на Законот ниедно тело нема да се оправда пред Него; зашто преку Законот доаѓа самото познавање на гревот. А сега, независно од Законот, се јави Божјата правда, за која сведочат Законот и пророците, и тоа Божјата правда, преку верата во Исуса Христа, за сите кои веруваат, бидејќи нема разлика; зашто сите згрешија и им недостасува Божјата слава, но се оправдуваат од Неговата благодат, преку откупот во Христа Исуса, Кого Бог Го постави за жртва на помирувањето преку вера, во Неговата крв, за да се покаже Неговата правда во пропуштањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение; та да ја покаже Својата правда во сегашно време, за да биде Самиот праведен и за да го оправда оној, кој е од верата на Исуса.