Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 3:1-8

Римјаните 3:1-8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш, во што е предноста да се биде Евреин? Има ли обрежувањето некаква вредност? Предноста е голема, во секој поглед! Како прво, Светото Писмо им беше доверено на Евреите. Навистина, некои од нив ја изневерија Божјата доверба, но дали тоа значи дека и на Бог не може да Му се верува? Секако не! Дури и сите луѓе да испаднат лажливци, на Бог може да Му се верува, како што стои запишано во Светото Писмо: „Ќе се покаже дека вистината ја зборуваш, пред судот победа ќе извојуваш.“ Има луѓе што велат: „Нашите гревови служат за да дојде до израз Божјата добрина, кога Тој ќе ни ги прости. Зарем тогаш не е неправедно Бог да не казнува?“ (Да, има луѓе што токму така зборуваат.) Се разбира дека не е неправедно! Да е така, како би можел Бог да му суди на светот? Можеби некој ќе рече: „Ако преку мојата лага уште повеќе доаѓа до израз Божјата вистина и се возвишува Неговата слава, зошто тогаш Бог да ме смета за грешник и да ме осудува?“ Ако така размислувате, ќе испадне дека колку повеќе грешиме, толку е подобро! Се разбира дека не е така, иако некои луѓе ме клеветат дека јас така сум проповедал! Тие што така размислуваат, си ја заслужуваат казната што ќе ги снајде!

Римјаните 3:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Која е предноста на Јудејците, или која е ползата од обрезанието? Голема, на секој начин, и пред сѐ што ним им се доверени Божјите обја­вувања. Па што, ако некои не поверувале? Дали нивната безверност ќе ја уништи Божјата верност? Никако! Нека се признае дека Бог е вистинит, а секој човек лажлив, како што е напишано: „За да се покаже дека си праведен во зборовите Свои, и да победиш кога ќе ти се суди.“ Ако, пак, нашата неправедност ја истакнува Божјата праведност, што би можеле да речеме тогаш? Дали е Бог несправедлив, кога се гневи? Говорам како човек. Никако! Зашто, како Бог ќе може да го суди светот? Зашто, ако вистината Божја се возвеличува преку мојата лага за слава Негова, па зошто тогаш да бидам осуден како грешник? Зарем тогаш не би требало да прави­ме зло, за да излезе добро? Впрочем та­ка и хулат некои луѓе на нас и велат де­ка така учиме. Тие се справедливо осудени.

Римјаните 3:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, каква предност има Јудеецот? Или: каква е ползата од обрезанието? Голема, во секој однос. Прво: ним им се доверени Божјите слова. Па што! Ако некои беа неверни, зар нивната неверност ќе ја уништи Божјата верност? Далеку од тоа! Но, Бог нека е вистинит, а секој човек лажец, како што е напишано: „Да бидеш оправдан во своите зборови и да победиш кога се судиш.“ Ако нашата неправда ја покажува Божјата правда, што ќе речеме? Дали е Бог неправеден, кога се гневи? (човечки зборувам). Далеку од тоа! Како Бог би можел тогаш да му суди на светот? Зашто, ако преку мојата лага се покаже уште повозвишена Божјата вистина за Неговата слава, зошто ми се суди уште како на грешник? “Зошто да не правиме зло, за да дојде добро?“ - како што нѐ клеветат некои и велат за нас, дека ние зборуваме така? Осудувањето на таквите е праведно.