Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 3:1-23

Римјаните 3:1-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш, во што е предноста да се биде Евреин? Има ли обрежувањето некаква вредност? Предноста е голема, во секој поглед! Како прво, Светото Писмо им беше доверено на Евреите. Навистина, некои од нив ја изневерија Божјата доверба, но дали тоа значи дека и на Бог не може да Му се верува? Секако не! Дури и сите луѓе да испаднат лажливци, на Бог може да Му се верува, како што стои запишано во Светото Писмо: „Ќе се покаже дека вистината ја зборуваш, пред судот победа ќе извојуваш.“ Има луѓе што велат: „Нашите гревови служат за да дојде до израз Божјата добрина, кога Тој ќе ни ги прости. Зарем тогаш не е неправедно Бог да не казнува?“ (Да, има луѓе што токму така зборуваат.) Се разбира дека не е неправедно! Да е така, како би можел Бог да му суди на светот? Можеби некој ќе рече: „Ако преку мојата лага уште повеќе доаѓа до израз Божјата вистина и се возвишува Неговата слава, зошто тогаш Бог да ме смета за грешник и да ме осудува?“ Ако така размислувате, ќе испадне дека колку повеќе грешиме, толку е подобро! Се разбира дека не е така, иако некои луѓе ме клеветат дека јас така сум проповедал! Тие што така размислуваат, си ја заслужуваат казната што ќе ги снајде! Значи, дали ние Евреите сме подобри од другите народи? Не, не сме. Ние веќе рековме дека и Евреите, како и другите народи, се под власта на гревот. Како што е напишано во Светото Писмо: “Нема ниту еден праведен човек, ниту еден единствен; ниту еден што разбира, ниту еден што Го бара Бога. Сите скршнаа од правиот пат, сите се израсипаа. Нема ниту еден единствен човек што прави добро.“ „Грлата нивни - гробови отворени, јазиците само за злобни лаги им служат.“ „Зад усните змиски отров кријат.“ „Устите им со клетви и горчина се полни.“ „Брзи се стапалата нивни да пролеваат крв. Кај ќе стапнат - пустош и беда носат! За мирољубивост не знаат.“ „Ни трошка страв и почит спрема Бог кај нив нема.“ А јасно е дека одредбите на Божјиот Закон се наменети за луѓето на кои им беше даден. Ниеден човек нема изговор, а врз основа на тој Закон Бог може целиот свет да го осуди. Со придржување кон Законот никој не може да се здобие со праведност во Божјите очи. Преку Законот само стануваме свесни за нашата грешност. Сега Бог ни покажа како можеме да се здобиеме со праведност: не преку придржување кон уредбите во Мојсеевиот Закон, туку онака како што одамна беше ветено во Светото Писмо: пред Бог можеме да се здобиеме со праведност само преку вера во Исус Христос. Тоа важи за секој што верува, бидејќи меѓу луѓето нема никаква разлика, зашто сите згрешија и никој не успеа да ги достигне Божјите возвишени стандарди.

Римјаните 3:1-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Која е предноста на Јудејците, или која е ползата од обрезанието? Голема, на секој начин, и пред сѐ што ним им се доверени Божјите обја­вувања. Па што, ако некои не поверувале? Дали нивната безверност ќе ја уништи Божјата верност? Никако! Нека се признае дека Бог е вистинит, а секој човек лажлив, како што е напишано: „За да се покаже дека си праведен во зборовите Свои, и да победиш кога ќе ти се суди.“ Ако, пак, нашата неправедност ја истакнува Божјата праведност, што би можеле да речеме тогаш? Дали е Бог несправедлив, кога се гневи? Говорам како човек. Никако! Зашто, како Бог ќе може да го суди светот? Зашто, ако вистината Божја се возвеличува преку мојата лага за слава Негова, па зошто тогаш да бидам осуден како грешник? Зарем тогаш не би требало да прави­ме зло, за да излезе добро? Впрочем та­ка и хулат некои луѓе на нас и велат де­ка така учиме. Тие се справедливо осудени. Па дали имаме некакво предимство? Ни најмалку, зашто веќе ги обвинивме, како Јудејците така и Елините, дека се сите под грев, како што е напишано: „Нема праведен ниту еден, нема разумен, нема кој да Го бара Бога; сите се отклонија, заедно станаа развратни; нема кој да прави добро, не­ма ниту еден.“ „Грлото нивно – отворен гроб; со ја­зиците свои мамат; под јазиците нивни – змиски отров, устата нивна е полна со клетва и горчина. Нозете нивни им се брзи за пролевање крв; пустошење и маки по нивните па­тишта; тие не го познаа патот на мирот. Страв Божји нема пред очите нивни.“ Знаеме дека сѐ она, за што зборува Законот, се однесува на оние, што се под Законот, за да се затвори секоја ус­та, и така целиот свет да стане виновен пред Бога, зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој; бидејќи преку Законот се познава гре­вот. А сега независно од Законот се јави Божјата праведност, посведочена од Законот и од Пророците. Божјата праведност преку верата во Исус Христос е во сите и врз сите оние што веруваат. Зашто нема разлика, сите згрешија и лишени се од славата Божја.

Римјаните 3:1-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, каква предност има Јудеецот? Или: каква е ползата од обрезанието? Голема, во секој однос. Прво: ним им се доверени Божјите слова. Па што! Ако некои беа неверни, зар нивната неверност ќе ја уништи Божјата верност? Далеку од тоа! Но, Бог нека е вистинит, а секој човек лажец, како што е напишано: „Да бидеш оправдан во своите зборови и да победиш кога се судиш.“ Ако нашата неправда ја покажува Божјата правда, што ќе речеме? Дали е Бог неправеден, кога се гневи? (човечки зборувам). Далеку од тоа! Како Бог би можел тогаш да му суди на светот? Зашто, ако преку мојата лага се покаже уште повозвишена Божјата вистина за Неговата слава, зошто ми се суди уште како на грешник? “Зошто да не правиме зло, за да дојде добро?“ - како што нѐ клеветат некои и велат за нас, дека ние зборуваме така? Осудувањето на таквите е праведно. Што тогаш! Дали имаме предност? Никако, зашто веќе ги обвинуваме Јудејците и Грците, дека се сите под грев, како што е напишано: „Нема никој праведен, нема ниту еден; нема разумен, нема кој да Го бара Бога; сите застранија, сите заедно станаа неполезни, нема кој да прави добро, нема ниту еден.“ Нивното грло е отворен гроб, измамуваат со јазиците; змиски отров е под нивните усни. Устата им е полна со клевета и горчина. Нозете им се брзи за пролевање крв; запустување и беда се по нивните патишта; тие не го познаваат патот на мирот. Нема Божји страв пред нивните очи.“ А знаеме дека сѐ што вели Законот, им го зборува на оние, кои се под Законот, за да занеми секоја уста и за да биде целиот свет виновен пред Бога, зашто со делата на Законот ниедно тело нема да се оправда пред Него; зашто преку Законот доаѓа самото познавање на гревот. А сега, независно од Законот, се јави Божјата правда, за која сведочат Законот и пророците, и тоа Божјата правда, преку верата во Исуса Христа, за сите кои веруваат, бидејќи нема разлика; зашто сите згрешија и им недостасува Божјата слава