Римјаните 2:17-22
Римјаните 2:17-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Ако си Евреин, ти се потпираш на Божјиот Закон, фалејќи се со посебната поврзаност на твојот народ со Бог. Ја познаваш Божјата волја и знаеш да го одбереш она што е најдобро, бидејќи си учел од Божјиот Закон. Уверен си дека можеш да им бидеш водач на слепите, светло на луѓето што се загубени во мрак, не познавајќи го Бога. Сметаш дека можеш да ги упатуваш неупатените и да ги учиш незрелите, уверен дека Божјиот Закон ти дал совршено познавање на вистината. Но, учејќи ги другите, зошто самиот не се поучиш!? Ти што проповедаш да не се краде, дали и самиот не крадеш!? Ти што други учиш да не прават прељуби, дали и самиот не правиш прељуби!? Ти што се гнасиш од идоли, дали и самиот не крадеш од храмовите?
Римјаните 2:17-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ете, ти се нарекуваш Јудеец, и се потпираш на Законот, и со Бога се фалиш, и ја знаеш волјата Негова, и повеќе разбираш што е подобро, зашто се поучуваш од Законот, и уверен си дека си водач на слепци, а светлина на оние што се во мрак; наставник на неразумни, учител на младината, зашто образец на знаењето и вистината имаш во Законот. Но, како е можно тоа да учиш други, а себе самиот да не се учиш? Ти, кој проповедаш да не се краде, а крадеш; кој велиш да не се врши прељуба, а прељубодејствуваш; ти, кој се гнасиш од идолите, а крадеш од храмовите
Римјаните 2:17-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Ако ти, кој се наречуваш Јудеец, се потпираш на Законот и се фалиш со Бога, ја знаеш Неговата волја и, поучен од Законот, знаеш да го избереш подоброто; и си уверен дека си водач на слепци, светлина на оние, кои се во темнина, воспитач на неразумните, учител на младите, зашто имаш во Законот олицетворување на знаењето и вистината; и така, ти, кој го учиш другиот, не ли се учиш самиот себе? Ти, кој проповедаш да не се краде, крадеш ли? Ти, кој зборуваш да не се прави прељуба, не вршиш ли прељуба? Ти, кој се гнасиш од идолите, ги ограбуваш ли нивните храмови?