Римјаните 13:8-14
Римјаните 13:8-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Немојте никому да му бидете должници. Единствената постојана должност нека ви биде да се сакате еден со друг, зашто оној што ги сака другите луѓе, го исполнува Божјиот Закон. Заповедите: „Не врши прељуба! Не убивај! Не кради! Не завидувај!“, и сите други заповеди се содржани во заповедта: „Сакај ги другите луѓе како што се сакаш себеси!“ Ако некого сакаш, нема да му нанесуваш зло. Затоа, ако ги сакаш луѓето, го исполнуваш и Божјиот Закон. Имајте на ум дека времето истекува. Разбудете се! Нашето спасение е сега поблизу, отколку во моментот кога поверувавме! Ноќта е при крај, се ближи денот на нашето спасение! Да престанеме да правиме зло, зашто тоа и припаѓа на темнината. Да живееме свето, како луѓе облечени за светлина. Да се однесуваме примерно, како да сме изложени на светлина. Не учествувајте во оргии и пијанки, во блуд и разврат, во кавги и завист. Загрнете се со Господ Исус Христос и не размислувајте како да им угодите на грешните телесни желби.
Римјаните 13:8-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг; зашто оној што го љуби ближниот, го исполнува Законот. Бидејќи заповедите: „Не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, не барај туѓо!“, и секоја друга заповед се содржат во овие зборови: „Љуби го ближниот како самиот себеси!“ Љубовта не му прави зло на ближниот; и така, љубовта е исполнување на Законот. И тоа правете го, знаејќи го ова време: веќе дојде часот да се разбудите од сонот, зашто спасението е сега поблиску до нас отколку кога поверувавме. Ноќта одминува, а денот се приближи; да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината. Да живееме пристојно како дење – не во срамни гоштевки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист; туку облечете се во Господ Исус Христос, и грижата за телото не претворајте ја во страсти.
Римјаните 13:8-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Не должете му никому ништо, освен да се љубите еден друг, зашто кој го љуби другиот, го исполнува Законот. Зашто заповедите: „Не прави прељуба! Не убивај! Не кради! Не посакувај!“ - и ако има уште некоја друга заповед - содржани се во овие зборови: „Љуби го својот ближен како себеси!“ Љубовта не му прави зло на ближниот. И така: љубовта е исполнување на Законот. И правете го тоа затоа што го знаете времето во кое сме, зашто е веќе време да се разбудите од сонот; зашто сега спасението ни е поблизу, отколку кога поверувавме. Ноќта помина, а денот наближи. Затоа да ги офрлиме делата на темнината, а да се облечеме во оружјето на светлината! Да одиме пристојно како дење, не во гозби и пијанки, не во блуд и страстољубие, не во препирки и зависти, туку облечете се во нашиот Господ Исус Христос, и не мислете како да ги задоволите похотите на телото.