Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 13:1-14

Римјаните 13:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Почитувајте ја државната власт. Секоја власт произлегува од Бога, па и државната власт е воспоставена од Бог. Оној што се противи на институцијата државна власт, се противи на уредба воспоставена од Бог и ќе биде казнет. Органите на власта не се закана за добрите, туку за лошите луѓе. За да не се плашите од властите, правете добро и тие ќе ве пофалат. Власта е во служба на Бог и нејзина должност е да работи за твое добро. Ако правиш зло - има причина да се плашиш, зашто ќе бидеш казнет! Власта е во служба на Бог и остро ги казнува оние што прават зло. Затоа, треба да ја почитуваш државната власт, не само за да не бидеш казнет, туку и да имаш чиста совест. Затоа треба да плаќате и даноци. Извршителите на власта се во служба на Бог и треба да бидат платени за она што го работат. Затоа, давајте им го она што им припаѓа. Плаќајте ги даноците и царините, имајте страхопочит спрема властите, укажувајќи им чест кога заслужуваат. Немојте никому да му бидете должници. Единствената постојана должност нека ви биде да се сакате еден со друг, зашто оној што ги сака другите луѓе, го исполнува Божјиот Закон. Заповедите: „Не врши прељуба! Не убивај! Не кради! Не завидувај!“, и сите други заповеди се содржани во заповедта: „Сакај ги другите луѓе како што се сакаш себеси!“ Ако некого сакаш, нема да му нанесуваш зло. Затоа, ако ги сакаш луѓето, го исполнуваш и Божјиот Закон. Имајте на ум дека времето истекува. Разбудете се! Нашето спасение е сега поблизу, отколку во моментот кога поверувавме! Ноќта е при крај, се ближи денот на нашето спасение! Да престанеме да правиме зло, зашто тоа и припаѓа на темнината. Да живееме свето, како луѓе облечени за светлина. Да се однесуваме примерно, како да сме изложени на светлина. Не учествувајте во оргии и пијанки, во блуд и разврат, во кавги и завист. Загрнете се со Господ Исус Христос и не размислувајте како да им угодите на грешните телесни желби.

Римјаните 13:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, заш­то нема власт што не е дадена од Бога, и оние што ги има се одредени од Бога. Затоа, оној што се противи на власта, тој се противи на Божјата наредба. А оние, што се противат, ќе паднат под осуда. Зашто, началниците не се страшни за добрите дела, туку за лошите; сакаш ли, пак, да не се плашиш од власта, тогаш прави добри дела, па ќе добиеш и пофалба од неа; зашто таа е служител Божји за твое добро. Ако, пак, правиш зло, тогаш страхувај, бидејќи таа не носи залудо оружје; таа е служител Божји и со гнев се одмаздува на оној што прави зло. Затоа е нужно да се покорувате, и тоа не само поради страв, туку и поради совеста своја. Затоа и данок плаќате, зашто тие се Божји службеници, и со тоа постојано се занимаваат. И така, дајте секому што сте му дол­жни: кому сте му должни данок – нека му се даде данок; кому царина – царина; кому страхопочит – страхопочит; кому чест – чест. И не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг; зашто оној што го љуби ближниот, го исполнува Законот. Бидејќи заповедите: „Не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, не барај туѓо!“, и секоја друга заповед се содржат во овие зборови: „Љуби го ближниот како самиот себеси!“ Љубовта не му прави зло на ближ­ниот; и така, љубовта е исполнување на Законот. И тоа правете го, знаејќи го ова време: веќе дојде часот да се разбудите од сонот, зашто спасението е сега поблиску до нас отколку кога поверувавме. Ноќта одминува, а денот се прибли­жи; да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината. Да живееме пристојно како дење – не во срамни гоштевки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во пре­пирка и завист; туку облечете се во Господ Исус Христос, и грижата за телото не прет­ворајте ја во страсти.

Римјаните 13:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Секоја душа да им се покорува на претпоставените власти, зашто нема власт, а да не е од Бога; и колку и да се властите, од Бога се поставени. Затоа оној, кој ѝ се противи на власта, ѝ се противи на Божјата наредба; а кои ѝ се противат, ќе ја примат својата осуда. Зашто владетелите не се страв за добро дело, туку за зло. Сакаш ли пак да не се боиш од власта, прави добро, па ќе бидеш пофален од неа. Таа Му служи на Бога за твое добро. Но, ако правиш зло, бој се; зашто не носи напразно меч. Таа е во служба на Бога, гневен одмаздник за оној, кој прави зло. Затоа треба да ѝ се покорувате, не само поради гневот, туку и заради совеста. Затоа плаќате и даноци, зашто се Божји службеници, кои се занимаваат со тоа. Дајте му секому она што сте му должни: кому данок - данок; кому царина - царина; кому страв - страв; кому чест - чест! Не должете му никому ништо, освен да се љубите еден друг, зашто кој го љуби другиот, го исполнува Законот. Зашто заповедите: „Не прави прељуба! Не убивај! Не кради! Не посакувај!“ - и ако има уште некоја друга заповед - содржани се во овие зборови: „Љуби го својот ближен како себеси!“ Љубовта не му прави зло на ближниот. И така: љубовта е исполнување на Законот. И правете го тоа затоа што го знаете времето во кое сме, зашто е веќе време да се разбудите од сонот; зашто сега спасението ни е поблизу, отколку кога поверувавме. Ноќта помина, а денот наближи. Затоа да ги офрлиме делата на темнината, а да се облечеме во оружјето на светлината! Да одиме пристојно како дење, не во гозби и пијанки, не во блуд и страстољубие, не во препирки и зависти, туку облечете се во нашиот Господ Исус Христос, и не мислете како да ги задоволите похотите на телото.