Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 1:1-17

Римјаните 1:1-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Од Павле, во служба на Исус Христос, повикан од Бог да бидам Негов апостол и да се посветам на проповедање на Радосната вест. Таа Радосна вест Бог уште одамна ја вети, преку Своите пророци во Светите писма. Радосната вест зборува за Неговиот Син. Тој според Својата човечка природа беше потомок на царот Давид. Што се однесува до Неговата божествена светост, огромна сила потврди дека Тој е Божјиот Син кога Бог Го воскресна од мртвите. Тоа е Исус Христос, нашиот Господ. Преку Него и во Негово име Бог ни ја даде таа привилегија да бидеме Негови апостоли и да ги повикуваме луѓето од сите народи да веруваат во Бог и да Му бидат послушни. Меѓу оние што се повикани да Му припаѓаат на Исус Христос сте и вие, драги христијани во Рим. Вие сте Му мили на Бог и Тој ве повикува да бидете Негов свет народ. Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. Најнапред сакам да Му заблагодарам на мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, бидејќи за вашата вера се раскажува по целиот свет. Бог, Кому јас Му служам со сето свое срце и ја проповедам Радосната вест за Неговиот Син, Тој ми е сведок дека во моите молитви постојано си спомнувам за вас. Секогаш во моите молитви барам, ако е Божја волја, патот да ме наведе еднаш да дојдам кај вас. Копнеам да ве видам, за да можам да споделам со вас некој духовен дар, па да зацврснете. Сакам да ве охрабрам во вашата вера, но сакам и јас да се охрабрам од вас. Сакам да знаете, драги пријатели, дека многупати посакував да дојдам кај вас, за да има плодови и меѓу вас од мојата работа, како што има меѓу другите народи. Но се досега бев спречен. Се чувствувам должен и спрема просветените народи и спрема варварите, и спрема мудрите и спрема неразумните, па, колку што тоа зависи од мене, желен сум да дојдам и кај вас во Рим, за да ви ја проповедам Радосната вест. Не, јас не се срамам од Радосната вест за Христос. Таа е силата со која Бог ќе го спаси секој што верува: почнувајќи од Евреите, а потоа и другите народи. Таа ни открива дека Бог не оправдува само преку вера. Токму тоа и го пишува во Светото Писмо: „Праведникот ќе живее преку вера.“

Римјаните 1:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Павле, слуга на Исус Христос, повикан за апостол, издвоен за Еван­гелието Божјо, кое Бог однапред го беше ветил пре­ку пророците, во Светите Писма, за Својот Син, по тело роден од се­мето Давидово, одреден како Син Божји во силата, по Духот на светоста, преку воскресението од мртвите, Исус Христос, наши­от Господ. Преку Него добивме благодат и апостолство за да ги приведеме на пос­лушност кон верата меѓу сите народи во Негово име, меѓу кои сте и вие, повиканите од Исус Христос. До сите вас во Рим, возљубени од Бога и повикани да бидете свети: благодат и мир од Бог Отецот наш и Господ Исус Христос. Пред сѐ, Му благодарам на Мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, зашто за вашата вера се разгласува по целиот свет; Бог, Кому Му служам со својот дух, преку Евангелието на Неговиот Син, сведок ми е дека постојано си спомнувам за вас секогаш кога во молитвите свои се молам, та со Божја волја некако да ми се даде да дојдам кај вас. Зашто копнеам да ве видам, па да ви предадам некој духовен дар за да ста­не­те поцврсти, односно, взаемно да си помогнеме преку заедничката вера – вашата и мојата. Би сакал да знаете, браќа, дека мно­гупати бев на мисла да дојдам кај вас, да имам некаков плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи, но сѐ досега бев попречуван. Должник сум кон Елините и варва­рите, кон мудрите и кон неразумните. Затоа, што се однесува до мене, под­готвен сум и вам во Рим да ви го проповедам Евангелието. Зашто јас не се срамам од Еван­ге­лието на Христос, бидејќи тоа е сила Божја која го спасува секого што верува, прво Јудеец, а потоа и Елин. Бидејќи во него се открива правдата Божја, од верата и во верата, како што е напишано: „Праведникот преку верата ќе живее.“

Римјаните 1:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Павле, слуга на Исуса Христа, повикан за апостол, одделен за Евангелието од Бога, кое Тој го вети однапред преку Своите пророци во Светите писма, а кое зборува за Неговиот Син, по тело роден од Давидовото семе, по Духот на осветувањето посведочен за Божји Син во сила - преку воскресението од мртвите - Исус Христос, нашиот Господ; преку Кого добивме благодат и апостолство, за да ги приведеме сите народи, кон послушноста на верата, заради Името Негово, меѓу кои сте и вие повикани од Исуса Христа, - до сите возљубени од Бога, повиканите свети, кои се во Рим: благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа. Пред сѐ Му благодарам на мојот Бог преку Исуса Христа за сите вас, зашто за вашата вера се зборува по целиот свет. И Бог, Кому Му служам со својот дух во објавувањето на Евангелието за Неговиот Син, ми е сведок дека постојано си спомнувам за вас секогаш во моите молитви, да успеам барем еднаш, по Божја волја, да дојдам при вас; зашто сакам да ве видам, да ви дадам некој духовен дар за ваше зацврстување, односно: меѓу вас, заедно со вас, да најдам утеха преку заедничката вера - вашата и мојата. Не сакам, браќа, да ви остане непознато, дека многупати имав намера да дојдам при вас - но бев спречуван досега - за да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи. Јас сум им должник и на Грците и на варварите, и на мудрите и на неразумните. И така, доколку е од мене, готов сум да ви го проповедам Евангелието и вам, кои сте во Рим. Зашто, јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува, првин за Јудеецот, а и за Гркот. Зашто во него се открива Божјата правда, од вера во вера, како што е напишано: „Праведникот ќе живее од верата.“