Откровение 21:1-8
Откровение 21:1-8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа видов ново небо и нова Земја. Поранешното небо и поранешната Земја повеќе ги немаше, а и морето исчезна. Го видов и Светиот град, новиот Ерусалим, како се спушта од небесниот Бог. Беше убав како невеста во свадбена облека, накитена за средба со својот маж. Тогаш еден силен глас извика од престолот: „Еве, Божјото живеалиште отсега е меѓу луѓето! Тој ќе живее меѓу нив, тие ќе бидат Негов народ; Самиот Бог ќе живее со нив. Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи. Нема повеќе да постојат смртта, тагата, плачот и болката, зашто стариот свет неповратно ќе го нема. Тогаш Оној што седеше на престолот рече: „Еве, се создавам одново. Запиши го тоа што го реков, зашто овие зборови сигурно ќе се остварат!“ Потоа ми рече: „Завршено е! Јас Сум Алфа и Омега, Зачетникот и Завршителот. На секој што е жеден, Јас ќе му подарам вода од изворот на животодавната вода. На сите победници ќе им дадам да ги наследат сите благослови и Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе ми бидат деца. А оние што од страв се откажуваат од верата во Мене, како и неверниците, неморалните, убијците, блудниците, маѓепсниците, обожавателите на идоли и сите лажговци, ќе завршат во Огненото Езеро полно со запален сулфур. Тоа ќе биде втората смрт.“
Откровение 21:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе. Тогаш јас, Јован, го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста променета за својот маж. И чув висок глас од небото како зборува: „Ете го светиот шатор, светилиштето на Бога меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивниот Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.“ И Седнатиот на престолот рече: „Ете, сѐ ново создавам.“ И ми рече: „Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни.“ Потоа ми рече: „Се сврши! Јас (сум) Алфа и Омега, почетокот и крајот. На жедниот ќе му дадам Јас од изворот на жива вода дарум. Кој победува, ќе наследи сѐ, и ќе му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син. А на плашливците и неверниците, на поганите и убијците, на блудниците и маѓесниците, на идолопоклониците и на сите што лажат, делот им е во езерото што гори со оган и сулфур, тоа е втората смрт.“
Откровение 21:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И видов ново небо и нова земја, зашто првото небо и првата земја поминаа и море немаше веќе. Тогаш јас, Јован, го видов Светиот Град - Новиот Ерусалим, како слегува од небо, од Бога, стокмен како невеста, која е украсена за својот маж. И чув силен глас од небото, велејќи: „Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето; и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат Негов народ, и Самиот Бог ќе биде со нив, и ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина. И Оној, Кој седи на престолот рече: „Ете, правам сѐ ново.“ Уште рече: „Напиши, зашто овие зборови се верни и вистинити!“ И ми рече: „Се заврши! Јас Сум Алфа и Омега; Почеток и Свршеток. Јас ќе му дадам на жедниот, дарум, од изворот на водата на животот. Кој победува го наследува ова, и Јас ќе му бидам Бог, и тој ќе ми биде син. А на страшливците и на неверните, и на гнасните и на убијците, и на блудниците и на вражалците, и на идолопоклониците и на сите лажци, нивниот дел им е во езерото, кое гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт.