Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 21

21
1И видов ново небо и нова земја, зашто првото небо и првата земја поминаа и море немаше веќе.
2Тогаш јас, Јован, го видов Светиот Град - Новиот Ерусалим, како слегува од небо, од Бога, стокмен како невеста, која е украсена за својот маж.
3И чув силен глас од небото, велејќи: „Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето; и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат Негов народ, и Самиот Бог ќе биде со нив,
4и ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина.
5И Оној, Кој седи на престолот рече: „Ете, правам сè ново.” Уште рече: „Напиши, зашто овие зборови се верни и вистинити!”
6И ми рече: „Се заврши! Јас Сум Алфа и Омега; Почеток и Свршеток. Јас ќе му дадам на жедниот, дарум, од изворот на водата на животот.
7Кој победува го наследува ова, и Јас ќе му бидам Бог, и тој ќе ми биде син.
8А на страшливците и на неверните, и на гнасните и на убијците, и на блудниците и на вражалците, и на идолопоклониците и на сите лажци, нивниот дел им е во езерото, кое гори со оган и сулфур; тоа е втората смрт.
9И дојде еден од седумте ангели, кои имаа седум чаши, полни со последните седум зла, и проговори со мене и рече: „Дојди, да ти ја покажам невестата - жената на Јагнето!”
10И ме одведе духом на голема и висока гора и ми го покажа светиот град Ерусалим, како слегува од небото од Бога
11и имаше Божја слава, и нејзината светлина беше слична на многу скапоцен камен, на кристално проѕирниот камен јаспис.
12Имаше голем и висок ѕид со дванаесет порти, а на портите дванаесет ангели и напишани имиња, а тоа се имињата на дванаесетте племиња на Израелевите синови.
13Од исток три порти, и од север три порти, и од југ три порти, и од запад три порти.
14А градскиот ѕид имаше дванаесет основи и на нив дванаесет имиња на дванаесетте апостоли на Јагнето.
15А оној, кој зборуваше со мене имаше златна трска, за да го измери градот и нејзините врати и нејзиниот ѕид.
16Градот пак лежи четриаголно, а должината му е колку и широчината. И го измери градот со трската: дванаесет илјади стадии; нејзиниот должина и широчина и височина беа еднакви.
17И го измери неговиот ѕид: сто четириесет и четири лакти по човечка мерка, која е и ангелска.
18Нејзиниот ѕид беше изграден од јаспис, а градот од чисто злато, како чисто стакло.
19Основите на градскиот ѕид беа украсени со секаков вид скапоцени камења: првата основа е од јаспис, втората - сафир, третата - халкидон, четвртата - смарагд;
20петтата - сардоникс, шестата - сард, седмата - хрисолит, осмата - вирил, деветтата - топаз, десеттата - хрисопрас, единаесеттата - хијацинт; дванаесеттата - аметист.
21А дванаесетте порти: дванаесет бисери; секоја врата беше од еден бисер. И градската улица беше од чисто злато како проѕирно стакло.
22А храм не видов во него; зашто негов храм е Господ Бог - Сèмоќниот, и Јагнето.
23И на градот не му е потребно сонцето, ниту месечината, за да му светат, зашто Божјата слава го осветлува, а Јагнето му е светилник.
24И народите на оние кои се спасени ќе одат во неговата светлина, и земните цареви ќе ја донесат својата слава во него.
25И нејзините порти нема да се затвораат дење, зашто не ќе има ноќ таму.
26И славата и честа на народите ќе бидат донесени во него.
27И во него нема да влезе ништо нечисто, ни оној, кој прави нешто гнасно и лажно, туку само оние, кои се запишани во Јагнетовата книга на животот.

Селектирано:

Откровение 21: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност