Псалми 89:38-52
Псалми 89:38-52 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Но Ти го отфрли и го презре, се разгневи на Твојот помазаник; го разруши заветот со Твојот слуга, ја оскверни круната негова во земниот прав; ги разруши сите негови огради, ги претвори во урнатини неговите крепости. Го ограбуваат сите што поминуваат по патот; тој стана за потсмев на своите соседи. Ти ја возвиши десницата на неговите противници, ги зарадува сите непријатели негови; Ти му откажа помош на мечот негов и во борбата не го поткрепи; ја одзеде од него чистотата и го урна на земја престолот негов; ги скрати деновите на младоста негова и го покри со срам. До кога, Господи? Ќе се криеш ли непрестајно? До кога ќе гори гневот Твој како оган? Спомни си, колкав е векот мој: за каква суета си ги создал сите синови човечки! Кој од луѓето ќе живее, а смрт да не види? Кој може да се спаси од силата на гробот? Каде се Твоите поранешни милости, Господи, за кои му се заколна на Давид во Твојата вистина? Сети се, Господи, на подбивите од слугите Твои што ги носам во пазувите свои од многуте народи; на подбивите од Твоите непријатели, Господи, со кои ги валкаат чекорите на Твојот помазаник. Нека е благословен Господ во сите векови! Амин, Амин!
Псалми 89:38-52 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А сега Ти го одби и го отфрли, многу се разгневи на својот помазаник. Го презре Сојузот со Твојот слуга, и ја понизи до земја неговата круна. Ги разурна сите негови ѕидови, ги фрли во урнатини неговите тврдини. Го ограбуваат сите што ќе поминат, стана за исмејување на своите соседи. Ја подигна десницата на неговите напријатели, и ги зарадува неговите противници. Ја затапи острицата на неговиот меч, не му помогна во бојот. Му стави крај на неговиот блесок, го обори на земја неговиот престол. Ги скрати дните на неговата младост, го покри со срам. До кога, Господи? Зар ќе се криеш секогаш? Дали Твојот гнев ќе гори како оган? Спомни си колку е краток мојот живот, во каква суета ги создаде сите човечки синови. Кој жив не ќе ја види смртта? Кој ќе ја запази душата од раката на Подземјето? Каде е, Господи, Твојата исконска добрина, со која му се заколна на Давида, за Својата верност? Сети се, Господи, за срамот на своите слуги: во срцето ја носам сета омраза на многубошците, со која се нафрлаат Твоите непријатели, Господи, со која се нафрлаат на чекорите на Твојот помазаник. Благословен да е Господ довека! Нека биде така. Амин.