Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 89

89
Божји завет со Давид и Израелеви таги
1. Завет со Давида
Учење на Етан Езрахит.
1За Господовата љубов ќе пеам довека, Твојата вистина ќе ја проповедам низ сите поколенија. 2Зашто реков: „Мојата љубов е создадена засекогаш!“ Својата вистина ја втемели на небото: 3„Склучив Завет со Својот избраник, Му се заколнав на Својот слуга Давид: 4ќе го утврдам Твоето потомство довека, ќе го создадам твојот престол за сите родови.“
2. Фала на верен и Сѐмоќен Бог
5Небесата ги величаат Твоите чудеса, Господи, и Твојата верност во собранието на светите. 6Зашто кој Му е рамен на Господа во облаците? Кој Му е сличен на Господа меѓу Божјите синови? 7Бог е стравичен во собранието на светите, велик и страшен за сите околу Себе. 8Господи, Боже над Воинствата, кој е како Тебе? Силен Си, Господи, и вистината Те опкружува. 9Ти му заповедаш на бурното море, ја скротуваш силата на неговите бранови; 10Ти го сосече и го згази Раав, со силна мишка ги распрсна Твоите непријатели.
11Твои се небесата и Твоја е земјата, Ти го создаде земниот круг и сѐ што е на него; 12Ти создаде север и југ, Тавор и Ермон се радуваат на Твоето име. 13Твојата мишка е силна, раката цврста, десницата крената. 14Правдата и справедливоста се основа на Твојот престол, љубовта и вистината чекорат пред Тебе. 15Блазе му на народот свикнат со светите воскликнувања, тој оди во сјајот на Твоето лице, Господи. 16Секогаш се радува во Твоето име, и со Твојата правда се воздига. 17Зашто Ти си слава на неговата сила, по Твоја милост расте нашата сила. 18Зашто Господ е наш штит, Израелевиот Светец е наш Цар.
3. Божји ветувања на Давида и на негово потомство
19Некогаш во видение им зборуваше на Своите свети: „На јунакот му ставив круна на главата, го издигнав избраникот од народот; 20го најдов Давида, Својот слуга, го помазав со Своето свето масло, 21за да остане Мојата рака секогаш со него и Мојата мишка да го крепи. 22Нема да го надмудри непријател, ниту да го превали синот на беззаконието. 23Ќе ги разбијам пред него неговите противници, ќе ги погубам неговите мразители. 24Мојата верност и Мојата добрина ќе бидат со него, и во Мое име ќе му расте силата. 25Ќе ја испружам неговата рака до морето, неговата десница до Реката. 26Тој ќе Ме вика: „Татко мој! Боже мој и карпа на моето спасение.“ 27А Јас ќе го направам првороденец, најголем меѓу царевите на светот. 28За него ќе ги запазам довека: Мојата милост и Мојот верен Сојуз. 29Ќе го направам вечно неговото потомство, и неговиот престол како небесен ден.
30Ако неговите синови го остават Мојот Закон и не одат според Моите наредби; 31ако ги престапат Моите одредби и не ги чуваат Моите заповеди; 32со прачка ќе го казнам нивното недело, со лути ударци нивната вина, 33но нема да му ја одземам Мојата наклоност, ниту ќе ја прекршам Мојата вистина. 34Нема да го нарушам Мојот Завет и не ќе го одречам Моето ветување. 35Еднаш се заколнав во Мојата светост: нема да го измамам Давида. 36Неговото потомство ќе остане довека, неговиот престол, пред Мене, како сонце. 37Ќе остане довека како месечина, верен сведок на небото.“
4. Молба за обнова на Завет
38А сега Ти го одби и го отфрли, многу се разгневи на својот помазаник. 39Го презре Сојузот со Твојот слуга, и ја понизи до земја неговата круна. 40Ги разурна сите негови ѕидови, ги фрли во урнатини неговите тврдини. 41Го ограбуваат сите што ќе поминат, стана за исмејување на своите соседи. 42Ја подигна десницата на неговите напријатели, и ги зарадува неговите противници. 43Ја затапи острицата на неговиот меч, не му помогна во бојот. 44Му стави крај на неговиот блесок, го обори на земја неговиот престол. 45Ги скрати дните на неговата младост, го покри со срам.
5. Молитва за обнова
46До кога, Господи? Зар ќе се криеш секогаш? Дали Твојот гнев ќе гори како оган? 47Спомни си колку е краток мојот живот, во каква суета ги создаде сите човечки синови. 48Кој жив не ќе ја види смртта? Кој ќе ја запази душата од раката на Подземјето? 49Каде е, Господи, Твојата исконска добрина, со која му се заколна на Давида, за Својата верност? 50Сети се, Господи, за срамот на своите слуги: во срцето ја носам сета омраза на многубошците, 51со која се нафрлаат Твоите непријатели, Господи, со која се нафрлаат на чекорите на Твојот помазаник.
52Благословен да е Господ довека! Нека биде така. Амин.

Селектирано:

ПСАЛМИ 89: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност