Изреки 23:1-9
Изреки 23:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Кога ќе седнеш да јадеш со властодржец, гледај добро што има пред тебе, и постави ограда на грлото свое, ако си лаком. Не се мами од вкусните гозби негови: тие се примамлива храна. Ако си сиромав, не настојувај да трупаш богатство; бегај од таквите мисли. Ќе ги устремиш очите кон него, и еве веќе го нема: тоа ќе си направи крилја и како орел ќе летне кон небото. Не јади леб кај завидлив човек и не се занесувај од вкусните негови гозби; зашто какви му се мислите во душата негова, таков е и тој: „Јади и пиј“, ти вели, но срцето негово не е со тебе. Залакот, што си го изел, ќе го изблуеш, и убавите зборови свои напразно ќе ги потрошиш. Во ушите на безумниот не зборувај, зашто тој ќе ги презре разумните твои зборови.
Изреки 23:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Кога ќе седнеш да јадеш со началник, внимавај добро што е пред тебе; стави си нож под грлото ако си ненаситник. Не посакувај ги неговите слатки јадења, зашто се измамливи гозби. Не труди се да придобиеш богатство, откажи се од таквата мисла; насочиш ли ги очите кон него, него веќе го нема, зашто си направило крилја како орел и летнало кон небото. Не јади јадења на завидливиот, не копнеј по неговите слатки јадења, зашто тој е таков како што мисли во себеси: „Јади и пиј“, ти вели, но неговото срце не е со тебе. Залокот што си го изел, ќе го повратиш, напразно ќе ги изгубиш своите љубезни зборови. Не зборувај пред безумник, зашто ги презира твоите умни зборови.