Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 4:10-23

Филипјаните 4:10-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Господ ми даде голема радост што по толку долго време вие пак имавте можност да покажете дека се грижите за мене. Не дека престанавте да се грижите за мене, туку немавте можност да го покажете тоа. Не го кажувам ова затоа што бев во беда. Се научив да бидам задоволен со тоа што го имам. Знам како да живеам и во сиромаштија и во изобилие. Ја научив таа тајна, па сега секогаш и секаде сум задоволен, без разлика дали сум сит или гладен, дали имам многу или малку. Со силата што Христос ми ја дава можам да издржам секакви услови. Сепак, добро сте сториле што сте ми испратиле помош сега, кога ми е тешко. Вие во Филипи, добро знаете дека кога заминав од Македонија, во раните денови на проповедањето на Радосната вест, вие бевте единствената црква што ми помагаше, единствените што го делеа со мене и доброто и злото. Кога бев во Солун, не еднаш ми испраќавте помош, кога таа ми беше потребна. Не барам јас подароци. Само сакам вие да добиете заслужена награда заради вашата грижа. Сега, откако Епафродит ми ги предаде даровите што сте ми ги испратиле, имам се што ми треба, дури и повеќе. Тие се како принос за Бог со прекрасна миризба, жртва прифатлива и пријатна за Него. Со сето Негово огромно богатство, преку Исус Христос, мојот Бог изобилно ќе ја задоволи секоја ваша потреба. На нашиот Бог и Татко слава нека Му е довека! Амин. Поздравете ги сите што искрено веруваат во Исус Христос. Тие се свети луѓе. Ве поздравуваат и браќата што се со мене. Ве поздравуваат сите христијани, а посебно оние што работат во дворецот на императорот. Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет и нека биде со вас.

Филипјаните 4:10-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Јас се зарадував необично многу во Господ, зашто најпосле расцветавте во вашата грижа за мене; вие и порано се грижевте за мене, но немавте згодна пригода. Ова го велам не поради скудност од нешто, бидејќи се научив да се задово­лувам со она што го имам. Знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сѐ и сешто, и сит да бидам, и глад да трпам, и во изобилие да сум и во не­маштија. Сѐ можам преку Исус Христос, Кој ме крепи. Но, добро направивте што зедовте учество во мојата скрб. А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Еван­ге­лието, кога отпатував од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен од вас; зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат ми пративте нужни работи. Ова го велам не дека сакам да ми давате, туку го барам плодот кој се ум­ножува во ваша полза. Добив сѐ и имам во изобилие, се пренаполнив со блага, кога го примив од вас испратениот дар преку Епаф­ро­дит, кој е мирис сладок, жртва пријатна, благоугодна на Бога. Мојот Бог, по Своето богатство, не­ка ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христос Исус. А на Бога, нашиот Отец, слава во вечни векови. Амин! Поздравете го секој светија во Христос Исус! Ве поздравуваат браќата што се со мене. Ве поздравуваат сите светии, а осо­бено оние што се од Цезаревиот дом. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин!

Филипјаните 4:10-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Се зарадував многу во Господа, зашто сега најпосле ја оживеавте својата грижа за мене. Вие и инаку се грижевте, но немавте прилика. Не го зборувам тоа заради скудност, зашто научив да бидам задоволен со она во што сум. Знам да живеам и во скудност, знам и во изобилство, научен сум на сѐ и во сешто: да бидам сит и да гладувам; да сум во изобилство и во скудност. Сѐ можам преку Христа, Кој ми дава сила. Туку добро направивте, што зедовте учество во моите неволји. А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога заминав од Македонија, ниедна црква не беше со мене во давање и примање, освен единствено вие. Вие ми испративте во Солун, еднаш и двапати, за моја потреба. Не како да барам подарок, туку го барам плодот што се умножува на ваша сметка. Примив сѐ и имам сѐ во изобилство. Полн сум откако примив од Епафродит што ми испративте - благопријатен мирис, жртва пријатна благоугодна на Бога. А мојот Бог ќе ја исполни славно секоја ваша потреба, според Своето богатство - во Христа Исуса. А на нашиот Бог, и Татко, слава во сите векови Амин! Поздравете го секој верник во Христа Исуса! Ве поздравуваат браќата, кои се со мене. Ве поздравуваат сите свети, а особено оние од Ќесаревиот дом. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вашиот дух Амин!