Филипјаните 2:12-16
Филипјаните 2:12-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Затоа, драги мои, како што бевте послушни додека бев кај вас, уште поважно е да останете послушни и сега, кога сум отсутен. Продолжете да работите, со длабока страхопочит, за да се заокружи вашето спасение, зашто Бог дејствува во вас, за да ве направи желни и способни да го работите она што Тој го сака. Се што ќе правите, правете без да негодувате или да се расправате, за да бидете беспрекорни и чисти. Меѓу овие расипани, изопачени луѓе вие треба да бидете совршени Божји деца, да светите меѓу нив како што ѕвездите светат на небото, држејќи се цврсто до Пораката што носи живот. Така, кога Христос ќе се врати, јас ќе се гордеам со вас, зашто ќе биде јасно дека моите напори и мојата работа не биле залудни.
Филипјаните 2:12-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го своето спасение, зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја. Правете сѐ без мрморење и двоумење, за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји, сред изопачено и развратно поколение, во кое светите како светила во светот, држејќи се за словото на животот, за моја гордост во денот Христов, дека не трчав напразно и не се трудев напразно.
Филипјаните 2:12-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Затоа, возљубени мои, како што секогаш бевте послушни, не само кога сум при вас, туку уште повеќе сега, кога не сум при вас, изработувајте го своето спасение со страв и трепет. Зашто Бог е Оној, Кој дејствува во вас да сакате и да постапувате, според Неговата волја. Правете сѐ без ропот и двоумење, за да бидете беспрекорни и чисти, непорочни Божји чеда, среде опак и расипан род, меѓу кој светите како светила во светот, држејќи го цврсто словото на животот, за да имам со што да се фалам во Христовиот Ден, дека не трчав напразно и дека не се трудев напразно.