Филипјаните 2:1-18
Филипјаните 2:1-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Затоа, ако наоѓате охрабрување во фактот дека сте Христови следбеници, ако Неговата љубов ве утешува, ако имате заедништво со Светиот Дух, ако сте чувствителни и сочувствувате еден спрема друг, тогаш потрудете се мојата радост да биде целосна со тоа што ќе бидете сложни, ќе се сакате, и здружени ќе се стремите кон една иста цел. Немојте да правите ништо од себичност, од ривалство и со цел да се истакнете, туку работете скромно и негувајте повисоко мислење за другите, отколку за себе. Не гледајте си ги само сопствените интереси, туку грижете се и за потребите на другите. Размислувајте онака како што размислуваше Исус Христос: Тој, иако по Својата природа е Бог, е ја искористи Својата еднаквост со Бог за да приграби нешто за Себе. Напротив, се откажа од тоа и стана слуга, се роди во човечко тело и живееше како човек. Како човек, Тој се понижи, остана покорен и по цена на Својот живот, и понизно умре распнат на крст. Затоа Бог Го воздигна и Му даде име поголемо од секое друго име. Пред тоа име, пред Исус, сите суштества на колена ќе клекнат: небесните, земните и оние под земјата, сите отворено ќе признаат дека Исус Христос е Господ! Тоа ќе Му донесе слава на Бог Таткото. Затоа, драги мои, како што бевте послушни додека бев кај вас, уште поважно е да останете послушни и сега, кога сум отсутен. Продолжете да работите, со длабока страхопочит, за да се заокружи вашето спасение, зашто Бог дејствува во вас, за да ве направи желни и способни да го работите она што Тој го сака. Се што ќе правите, правете без да негодувате или да се расправате, за да бидете беспрекорни и чисти. Меѓу овие расипани, изопачени луѓе вие треба да бидете совршени Божји деца, да светите меѓу нив како што ѕвездите светат на небото, држејќи се цврсто до Пораката што носи живот. Така, кога Христос ќе се врати, јас ќе се гордеам со вас, зашто ќе биде јасно дека моите напори и мојата работа не биле залудни. Вашата вера во Господ и вашето служење се жртва што Му се принесува на Бог. Можеби мојата крв ќе треба да се излее како принос врз таа жртва. Ако биде така, јас ќе бидам среќен и ќе се радувам со сите вас. Така и вие треба да бидете среќни и да се радувате со мене.
Филипјаните 2:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И така, ако во Христос има некаква утеха, ако има некаков поттик од љубовта, ако има некакво заедништво со Духот, ако има некое милосрдие и сострадание, исполнете ја мојата радост: бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени; не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси! Не грижете се секој само за себе, туку и за другите! Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос, Кој, иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек; Сам Себе се понизи, послушен сѐ до самата смрт, смрт на крст. Па затоа и Бог Го превозвиши и Му даде име што е над секое име, та во името на Исус да се поклони секое колено на сѐ што е небесно, земно и подземно, и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Отецот. Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го своето спасение, зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја. Правете сѐ без мрморење и двоумење, за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји, сред изопачено и развратно поколение, во кое светите како светила во светот, држејќи се за словото на животот, за моја гордост во денот Христов, дека не трчав напразно и не се трудев напразно. Но, иако се излевам како жртва леаница и за служба на вашата вера, се радувам сам и се радувам со сите вас. Така исто радувајте се и вие и зарадувајте ме!
Филипјаните 2:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И така, ако има некаква утеха во Христа, ако има некакво охрабрување од љубов, ако има некаква заедница на Духот, ако има некакво внатрешно сочувство и сомилост, исполнете ја мојата радост, и мислете исто имајќи ја истата љубов, еднодушни со мисли насочени кон едно. Не правете ништо од натпреварување или од суетно честољубие, туку во понизност сметајте се еден друг за поголем од себеси! Не гледајте секој само на своето, туку секој нека гледа на она што се однесува за другите. Имајте ја во себе истата мисла, која беше и во Исуса Христа; Кој, иако е во Божјо обличје, не го сметаше како грабнато - тоа што е еднаков со Бога, туку се лиши Самиот Себе, и зеде обличје на слуга станувајќи сличен со луѓето. И откако се најде во лик како човек, Тој се понизи Самиот Себе и стана послушен до смрт, дури и до смрт на крст. Затоа и Бог Го превозвиши и Му подари име, што е над секое име, и во Исусовото име да се поклони секое колено на оние: кои се на небото, и на земјата, и под земјата; и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Таткото. Затоа, возљубени мои, како што секогаш бевте послушни, не само кога сум при вас, туку уште повеќе сега, кога не сум при вас, изработувајте го своето спасение со страв и трепет. Зашто Бог е Оној, Кој дејствува во вас да сакате и да постапувате, според Неговата волја. Правете сѐ без ропот и двоумење, за да бидете беспрекорни и чисти, непорочни Божји чеда, среде опак и расипан род, меѓу кој светите како светила во светот, држејќи го цврсто словото на животот, за да имам со што да се фалам во Христовиот Ден, дека не трчав напразно и дека не се трудев напразно. Но, ако се и излевам како налевница врз жртвата и службата на вашата вера, се радувам и се радувам со сите вас. А исто така радувајте се и вие и радувајте се со мене.