Филипјаните 1:9-14
Филипјаните 1:9-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Се молам и вашата љубов еден спрема друг се повеќе да расте, вашето знаење да се продлабочува, и се потемелно да ги разбирате работите, за да знаете да го одберете она што е најдобро. Така, на денот кога Христос ќе се врати, ќе бидете беспрекорни и чисти. Вашите животи ќе бидат исполнети со вистински вредности, какви што само Исус Христос може да создаде, за слава и величање на Бог. Сакам да знаете, драги пријатели христијани, дека она што ми се случи, помогна Радосната вест уште поуспешно да се шири. Целата царска стража во касарната и сите луѓе што се овде дознаа дека сум затворен поради тоа што проповедам за Христос. Мојот престој во затворот кај повеќето христијани ја зацврсти нивната вера во Господ, ги поттикна да бидат посмели и без страв да ја проповедаат Божјата порака.
Филипјаните 1:9-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува преку познанието и разбирањето на сѐ, за да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос, полни со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бога. Сакам, браќа, да знаете дека тие работи, што ми се случија, придонесоа за поголем успех на Евангелието, така што во целата преторија и меѓу сите други стана познато дека сум во окови за Христос; и дека повеќето од браќата во Господ, поттикнати од моите окови, се осмелија, без страв да го проповедаат словото Божјо.
Филипјаните 1:9-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И затоа се молам вашата љубов да изобилува сѐ повеќе и повеќе во сознавањето и во секакво расудување, за да можете да испитувате за она што е подобро: да бидете чисти и беспрекорни за Денот Христов, исполнети со плодовите на правдата, кои се преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога. А сакам да знаете, браќа, дека ова што се случува со мене помогна мошне многу за ширењето на Евангелието, така што им стана јасно на целата царска стража и на сите други, дека сум во окови заради Христа, и дека повеќето од браќата во Господа, охрабрени од моите окови, се осмелуваат сѐ повеќе да го проповедаат без страв Божјото слово.