Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 1:21-30 - Compare All Versions

Филипјаните 1:21-30 MNT (Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик)

Што е животот? За мене тоа е Христос! Што е смртта? За мене тоа е чиста добивка! Но ако останам жив ќе можам плодно да работам за Христос. Затоа, кога би требало јас да избирам, не знам што би одбрал. Растргнат сум од овие две желби: да го напуштам овој живот и да бидам со Христос, зашто за мене тоа е далеку подобро, или да останам овде, во тело, што би било многу покорисно за вас. Со таа увереност ќе останам со сите вас и ќе продолжам да работам, за да напредувате и да се радувате во верата, па кога повторно ќе бидам со вас ќе имате уште поголема причина да се гордеете со вашата вера во Исус Христос и со мене. Трудете се да живеете достојно на Радосната вест на Христос. Без разлика дали сум со вас и можам да видам што правите, или сум отсутен, сакам да слушам само добро за вас: дека еднодушно и сложно се борите за верата што произлегува од Радосната вест. Немојте да се плашите од вашите непријатели. Бидете секогаш храбри. Со тоа ќе им покажете дека тие ќе изгубат, а вие ќе бидете спасени, зашто Бог е на ваша страна. Дадена ви е привилегијата да Му служите на Христос, не само со тоа што ќе верувате во Него, туку и со тоа што ќе страдате за Него, водејќи ја истата борба што ја водев јас, како што и самите видовте, борба што и сега, како што слушате, продолжувам да ја водам.

Филипјаните 1:21-30 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))

За мене, „да се живее“ значи Хрис­тос, а „да се умре“ – придобивка. Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тогаш што да одберам не знам. Измачуван сум и од едното, и од другото: сакам да заминам и да бидам со Христос, бидејќи тоа е многу по­доб­ро; но да останам во телото е попотребно за вас. Уверен во тоа, знам дека ќе оста­нам и ќе пребивам со сите вас за ваш напредок и радост на верата, та пофалбата ваша во Христос Исус да се умножува преку мене, кога повторно ќе дојдам кај вас. Живејте само достојно за Хрис­то­во­то Евангелие, та, ако дојдам и ве видам, или пак во отсуство слушнам за вас де­ка стоите во еден дух, борејќи се едно­душно за верата на Евангелието, и во ништо не се плашите од противниците; тоа е знак за нивната погибел, а за вашето спасение, и тоа е од Бо­га. Зашто вам ви се даде дар поради Христос не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него, борејќи се со истата борба, каква што видовте во мене и сега слушате за мене.

Филипјаните 1:21-30 MKB (Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов)

Зашто за мене живот е Христос, а умирањето - придобивка. Но ако и натаму живеам во телото, тоа за мене значи: плодна работа - и не знам што да изберам. Притиснат сум од две страни: имам желба да си отидам и да бидам со Христа, што е далеку подобро, но заради вас е попотребно да останам во телото. И наполно уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе продолжам со сите вас, за ваше напредување и за радост во верата. И вашата пофалба во Христа Исуса да биде уште поизобилна во мене, заради моето повторно доаѓање меѓу вас. Само однесувајте се достојно за Христовото Евангелие, за да можам јас - било да дојдам и да ве видам, било да сум отсутен да чујам за вас, дека стоите цврсто во еден дух, дека еднодушно се борите заедно за верата на Евангелието, и дека во ништо не се плашите од противниците: тоа е за нив знак за погибел, а за вас за спасение, и тоа од Бога, зашто вам ви се даде милост заради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате заради Него, имајќи ја истата борба, како што видовте во мене, а и сега слушате за мене.