Филипјаните 1:1-8
Филипјаните 1:1-8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Од Павле и Тимотеј, службеници на Исус Христос, Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. Секојпат кога ќе помислам на вас, Му се заблагодарувам на мојот Бог и секогаш со задоволство се молам за вас, зашто вие ми помагате во ширењето на Радосната вест уште од првиот ден кога ја слушнавте, па се досега. Сигурен сум дека Бог, Кој ја започна оваа добра работа во вас, ќе продолжи да ја води, се додека не ја заврши, на денот кога Исус Христос повторно ќе дојде. Сите сте ми многу драги, и со право ми прираснавте за срце, зашто и вие ја делите со мене оваа привилегија што Бог ми ја даде, сега, кога сум в затвор, како и порано кога бев слободен, да ја бранам и ширам Радосната вест. Бог ми е сведок дека моите чувства спрема сите вас се искрени и дека ве сакам онака како што ве сака и Исус Христос.
Филипјаните 1:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Павле и Тимотеј, слуги на Исус Христос, до сите светии во Христос Исус, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите: благодат и мир вам од Бог, Отецот наш и од Господ Исус Христос! Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас, – во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас – заради вашето учество во Евангелието од првиот ден, па сѐ досега, уверен во тоа дека Оној, Кој го започна во вас доброто дело, ќе го доврши сѐ до Денот на Исус Христос. И право е да го мислам тоа за сите вас, зашто секогаш ве носам во срце – и кога сум во окови, и кога го бранам и утврдувам Евангелието, бидејќи сите вие сте мои соучесници во благодатта. Бог ми е сведок колку многу копнеам по сите вас со милосрдноста на Исус Христос.
Филипјаните 1:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Павле и Тимотеј, слуги на Христа Исуса, до сите свети во Христа Исуса, кои се во Филипи, со надзорниците и ѓаконите: благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа. Му благодарам на својот Бог секогаш кога си спомнувам за вас; непрекратно во секоја своја молитва се молам за сите вас со радост, заради вашето учество во проповедањето на Евангелието од првиот ден досега. Уверен сум во тоа, дека Оној, Кој го почна доброто дело во вас, ќе го доврши до Денот на Христа Исуса. А и право е да го мислам тоа за сите вас, зашто ве имам во срцето сите вас, кои сте соучесници со мене во благодатта - како во моите окови, така и во одбраната и утврдувањето на Евангелието. Зашто Бог ми е сведок како копнеам по сите вас во чувствителното милосрдие на Христа Исуса.