Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 1:1-11 - Compare All Versions

Филипјаните 1:1-11 MNT (Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик)

Од Павле и Тимотеј, службеници на Исус Христос, Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. Секојпат кога ќе помислам на вас, Му се заблагодарувам на мојот Бог и секогаш со задоволство се молам за вас, зашто вие ми помагате во ширењето на Радосната вест уште од првиот ден кога ја слушнавте, па се досега. Сигурен сум дека Бог, Кој ја започна оваа добра работа во вас, ќе продолжи да ја води, се додека не ја заврши, на денот кога Исус Христос повторно ќе дојде. Сите сте ми многу драги, и со право ми прираснавте за срце, зашто и вие ја делите со мене оваа привилегија што Бог ми ја даде, сега, кога сум в затвор, како и порано кога бев слободен, да ја бранам и ширам Радосната вест. Бог ми е сведок дека моите чувства спрема сите вас се искрени и дека ве сакам онака како што ве сака и Исус Христос. Се молам и вашата љубов еден спрема друг се повеќе да расте, вашето знаење да се продлабочува, и се потемелно да ги разбирате работите, за да знаете да го одберете она што е најдобро. Така, на денот кога Христос ќе се врати, ќе бидете беспрекорни и чисти. Вашите животи ќе бидат исполнети со вистински вредности, какви што само Исус Христос може да создаде, за слава и величање на Бог.

Филипјаните 1:1-11 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))

Павле и Тимотеј, слуги на Исус Христос, до сите светии во Христос Исус, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите: благодат и мир вам од Бог, Отецот наш и од Господ Исус Христос! Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас, – во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас – заради вашето учество во Еванге­ли­ето од првиот ден, па сѐ досега, уверен во тоа дека Оној, Кој го за­почна во вас доброто дело, ќе го доврши сѐ до Денот на Исус Христос. И право е да го мислам тоа за сите вас, зашто секогаш ве носам во срце – и кога сум во окови, и кога го бранам и утврдувам Евангелието, бидејќи сите вие сте мои соучесници во благодатта. Бог ми е сведок колку многу копне­ам по сите вас со милосрдноста на Исус Христос. И се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува преку познанието и разбирањето на сѐ, за да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос, полни со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бога.

Филипјаните 1:1-11 MKB (Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов)

Павле и Тимотеј, слуги на Христа Исуса, до сите свети во Христа Исуса, кои се во Филипи, со надзорниците и ѓаконите: благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа. Му благодарам на својот Бог секогаш кога си спомнувам за вас; непрекратно во секоја своја молитва се молам за сите вас со радост, заради вашето учество во проповедањето на Евангелието од првиот ден досега. Уверен сум во тоа, дека Оној, Кој го почна доброто дело во вас, ќе го доврши до Денот на Христа Исуса. А и право е да го мислам тоа за сите вас, зашто ве имам во срцето сите вас, кои сте соучесници со мене во благодатта - како во моите окови, така и во одбраната и утврдувањето на Евангелието. Зашто Бог ми е сведок како копнеам по сите вас во чувствителното милосрдие на Христа Исуса. И затоа се молам вашата љубов да изобилува сѐ повеќе и повеќе во сознавањето и во секакво расудување, за да можете да испитувате за она што е подобро: да бидете чисти и беспрекорни за Денот Христов, исполнети со плодовите на правдата, кои се преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога.