Филимон 1:8-25
Филимон 1:8-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Христос ми дава смелост да ти заповедам што треба да сториш, но јас, попрво би те замолил да го сториш тоа од љубов. Затоа јас, старецот Павле, затвореник затоа што проповедам за Исус Христос, те молам да му помогнеш на Онисим. Тој ми е како син, бидејќи тука во затворот го доведов кај Христос. Порано тој беше бескорисен за тебе, но сега е многу корисен и за тебе и за мене. Сега го испраќам кај тебе. За срце ми прирасна и би сакал да го задржам кај себе, та во твое име да ми помага сега, кога сум во окови, затоа што ја проповедам Радосната вест, но не сакав ништо да сторам без твоја согласност. Сакав да го сториш тоа од љубов, а не затоа што јас сум те принудил. Можеби токму заради тоа тој за кратко беше одвоен од тебе, за потоа засекогаш да ти се врати, но не веќе како роб, туку како нешто многу повеќе, како драг брат. Мене ми е драг пријател, а тебе сигурно ќе ти биде уште подраг и како личност и како човек што верува во Господ. Ако ме сметаш за пријател, прифати го како што би ме прифатил мене. Ако ти направил некаква штета, или ако нешто ти должи, стави го тоа на моја сметка. Јас, Павле, со своја рака ти пишувам: „Јас ќе ти се оддолжам.“ Нема сега да спомнувам дека и самиот ти си мој должник. Брате мој, направи ми ја таа услуга заради Господ, зарадувај ме заради Христос. Сигурен сум дека ќе сториш се што побарав од тебе, дури и повеќе. Приготви за мене соба, зашто се надевам дека твоите молитви ќе бидат услишани и набргу ќе можам повторно да те посетам. Те поздравува Епафрас. И тој е со мене в затвор, затоа што проповеда за Исус Христос. Те поздравуваат моите соработници Марко, Аристарх, Димас и Лука. Господ Исус Христос нека ти биде благонаклонет и духовно нека биде со тебе.
Филимон 1:8-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Затоа, иако имам голема смелост во Христа да ти заповедам што е правилно, заради љубовта повеќе сакам да те молам, јас, таков каков што сум - Павле, старец, а сега и затвореник на Христа Исуса; те молам за моето чедо Онисима, кого го родив во оковите, кој некогаш ти беше некорисен, а кој сега ни е корисен и тебе и мене. Ти го испраќам назад него, а ти прими го како моето срце. Сакав да го задржам при себе, за да ми служи место тебе во оковите за Евангелието. Но не сакав ништо да направам без твојата согласност, за да не биде твоето добро дело како принудно туку како доброволно. Зашто можеби затоа беше одделен од тебе за малку време, за да го примиш засекогаш, не веќе како роб, туку повеќе од роб, како возљубен брат, особено за мене, а камоли не тебе - и по тело и во Господа. И така, ако мене ме сметаш за другар, прими го него како мене! А ако ти направил некаква штета или ти должи нешто, стави го тоа на моја сметка. Јас, Павле, напишав со своја рака, јас ќе платам; за да не ти речам дека и самиот себе си ми должен мене. Да, брате, сакам да видам некаква полза од тебе во Господа. Освежи го срцето мое во Христа. Ти го напишав ова имајќи доверба во твојата послушност, зашто знам дека ќе направиш и повеќе отколку што ти велам. А заедно со тоа приготви ми и сместување, зашто се надевам дека преку вашите молитви ќе ви бидам даруван вам. Те поздравуваат: Епафрас, кој е со мене затвореник во Христа Исуса, Марко, Аристарх, Димас и Лука, мои соработници. Благодатта на Господа Исуса Христа со вашиот дух. Амин!