Броеви 19:2-10
Броеви 19:2-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
„Еве ја наредбата на законот што Господ ја заповеда, кога рече: јави им на синовите израелски да ти доведат црвеникава јуница, здрава, без недостаток, која не била впрегнувана; дајте ја на свештеникот Елеазар, и да ја изведат надвор од населбата, и да ја заколат пред него. И нека земе свештеникот Елеазар од крвта нејзина и нека попрска со нејзината крв седумпати пред скинијата на собранието. И потоа да ја изгорат пред очите негови: и кожата нејзина, и месото нејзино, и крвта, а и нечистотиите нејзини – да ги изгорат. И свештеникот да земе кедрово дрво, и исоп, и нишка од темноцрвена волна и да ги фрли во средината на огнот каде што гори јуницата. А свештеникот да ја испере облеката своја и да го измие телото свое со вода, а потоа да влезе во населбата, и свештеникот ќе биде нечист до вечерта. И оној, кој ја изгорел, да ја испере облеката своја со вода, и да го измие телото свое со вода, и да биде нечист до вечерта. А некој чист да ја собере пепелта од јуницата и да ја остави надвор од населбата на чисто место, и таа да се чува за општеството на синовите израелски, за приготвување очистителна вода. Тоа е жртва за грев. И оној што ја собрал пепелта од јуницата, да ја испере облеката своја, и да биде нечист до вечерта. Тоа нека биде вечно озаконување за синовите на Израел и за придојдените што живеат меѓу нив.“
Броеви 19:2-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
„Ова е законска одредба што Господ ја нареди: Кажи им на Израелевите синови нека ти доведат црвена јуница, здрава, на која нема недостатоци и врз која уште не е ставено јарем. А вие предајте ја на свештеникот Елеазар. Потоа нека ја изведат надвор од логорот и нека ја заколат пред него. Свештеникот Елеазар нека земе од нејзината крв на својот прст па со неа нека попрска седумпати кон предната страна на Шаторот на средбата. Потоа јуницата нека биде запалена пред неговите очи; нека ѝ ги изгорат: кожата, месото, крвта и нечистотата. Потоа свештеникот нека земе кедрово дрво, босилек и црвено предено и нека ги фрли во средината на огнот, каде гори јуницата. Свештеникот нека ја испере својата облека и нека го искапе своето тело во вода. Потоа свештеникот нека се врати во логорот, но нека биде нечист до вечерта. И оној што ја изгорел нека ја испере својата облека и нека го искапе своето тело во вода и нека биде нечист до вечерта. А еден чист човек нека ја собере пепелта од јуницата па да ја стави надвор од логорот на чисто место, да се чува за водата на очистување за израелската заедница. Тоа е жртва за грев. И оној кој ќе ја собере пепелта од јуницата нека ја испере својата облека, и нека биде нечист до вечерта. Тоа нека биде вечен закон и за Израелевите синови и за странците, кои живеат среде нив.“