Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 9:2-10

Марко 9:2-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Шест дена по ова, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. Таму, пред нивните очи Тој се преобрази, така што облеката му стана блескаво-бела, како што не би можела да се избели со ниедно белило на Земјата! Заедно со Него се појавија и Мојсеј и пророкот Илија кои разговараа со Исус. Тогаш Петар Му рече на Исус: „Учителе! Колку ни е убаво овде! Да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Ова го рече не знаејќи што друго да каже, зашто тие беа многу исплашени. Во тој момент ги засени еден густ облак, а од облакот проговори глас: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец; Него слушајте Го.“ Учениците тогаш се обѕрнаа околу себе, но Го видоа само Исуса и никој друг. Додека слегуваа од планината, Исус им рече: „Никому не кажувајте му за ова што го видовте, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.“ Тие Го послушаа, но меѓу себе се прашуваа: „Што сакаше да каже со воскреснувањето од мртвите?“

Марко 9:2-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив. Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белило на земјата не може да избели. И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исус. Тогаш проговори Петар и Му рече на Исус: „Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Зашто не знаеше што да каже, би­дејќи беа многу уплашени. И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него слушајте Го!“ И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен Исус. А кога слегуваа од гората, им за­по­веда никому да не кажуваат што ви­де­ле, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите. И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: „Да воскресне од мртвите?“

Марко 9:2-10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

И по шест дни, Исус ги зеде Петра, Јакова и Јована и ги изведе само нив на една висока планина, насамо, и се преобрази пред нив; и неговите облеки станаа блескави и многу бели, како што белител на земјата не може да ги избели. И им се јави Илија со Мојсеја, и разговараа со Исуса. А Петар проговори и Му рече на Исуса: „Рави! Учителе, добро е да сме тука; да направиме три шатори: еден за Тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија.” Имено, не знаеше што да рече, зашто беа многу уплашени. И дојде облак и ги засени, а од облакот се чу глас: „Овој е Мојот возљубен Син! Слушајте Го Него!” И одеднаш кога се обѕрнаа, веќе никого не видоа покрај себе, освен Исуса. А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не му кажуваат што видоа, додека Човечкиот Син не воскресне од мртвите.” И тие го држеа цврсто тој збор, но меѓусебно расправаа: што значи - да се воскресне од мртви?

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност