Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 15:22-41

Марко 15:22-41 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Војниците Го одведоа Исуса на Голгота, што во превод значи ,Череп‘. Таму се обидоа да Му дадат да се напие вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но Тој не сакаше да го пие. Го распнаа Исуса на крст, а Неговата облека со жрепка си ја разделија меѓу себе. Беше околу девет часот претпладне кога Го распнаа Исуса. Поставија и натпис кој ја опишуваше Неговата вина. Натписот гласеше: „Цар на Евреите“. Заедно со Исус распнаа и двајца злосторници: едниот од десната, а другиот од левата страна на Исус. (Со тоа се исполни Светото Писмо, кое претскажа: ,Ќе биде изедначен со злосторници‘.) Минувачите Го навредуваа Исуса, нишаа глави и говореа: „Ти што тврдеше дека ќе ни го урнеш храмот и за три дена повторно ќе го изградиш, слези од крстот и спаси се!“ На сличен начин Му се подбиваа и свештеничките поглавари и вероучителите, велејќи: „Други спасуваше, а Самиот не може да се спаси! Ако е Тој Месијата и царот на Израел - нека слезе сега од крстот! Да видиме, па ќе поверуваме!“ Го навредуваа дури и оние што беа распнати со Него. Напладне се спушти густа темнина по целата земја и траеше до петнаесет часот. Во петнаесет часот, Исус извика со силен глас: „Ели, Ели, л’мах ш’вактани!?“ Тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?“ Некои од присутните го слушнаа ова, но погрешно го разбраа, па рекоа: „Го довикува Илија!“ Еден од нив веднаш истрча, натопи сунѓер во оцет, го закачи на врвот од трска и Му понуди на Исус да се напие. Потоа рече: „Чекајте да видиме дали ќе се појави Илија да Го симне!“ Исус уште еднаш извика со силен глас и умре. Во истиот момент, завесата во храмот се расцепи на два дела, озгора додолу. Таму, спроти Исус, стоеше и еден римски офицер. Кога Тој виде како умре Исус, рече: „Овој човек навистина беше Божјиот Син!“ Тука, на Голгота, беа и извесен број жени, кои оддалеку набљудуваа. Меѓу нив беа: Марија од Магдала, Марија - мајката на браќата Јаков помладиот и Јосиф, потоа Салома и многу други. Овие жени дојдоа во Ерусалим заедно со Исус, а со Него одеа и Му помагаа уште во Галилеја.

Марко 15:22-41 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Па Го одведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде. Тие што Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка кој што да земе. Беше третиот час, и Го распнаа. И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.“ А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната Негова страна, а другиот од левата. (И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу грешници Го ставија.“) А минувачите, вртејќи глава, Го хулеа и велеа: „Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси и слези од крстот!“ Исто така и првосвештениците со книжниците Му се смееја и велеа: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси! Христос, Царот израелски, нека слезе сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!“ Го хулеа и распнатите со Него. А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час. И во деветтиот час Исус извика гласно велејќи: „Елои, Елои, Лама са­вахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Бо­же Мој, зошто Ме остави?“ Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија!“ А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му да­ваше да пие, велејќи: „Почекајте да ви­диме, ќе дојде ли Илија да Го симне.“ А Исус, пак, испуштајќи висок глас, издивна. И завесата на храмот се расцепи на две, одозгора додолу. А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Тој, откако извика така и издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!“ Имаше и жени што гледаа одда­ле­ку; меѓу нив беше и Марија Магдалена, и Марија, мајката на малиот Јаков и на Јосија, и Саломија, кои и тогаш, кога Тој беше во Гали­леја, врвеа по Него и Му служеа, и мно­гу други што беа дошле со Него во Еру­салим.

Марко 15:22-41 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И Го доведоа на местото Голгота, што значи Место На Черепи. И Му даваа вино со смирна, но Тој не прими. Потоа Го распнаа и ги разделија Неговите облеки, фрлај-ќи жрепка за нив - кој што да земе. А беше третиот час, кога Го распнаа. И беше напишан натпис, што ја означуваше Неговата вина: „Јудејски Цар.“ И со Него распнаа двајца разбојници; едниот оддесно, а едниот одлево, до Него. И се исполни Писмото кое вели: „И Го вброија меѓу злосторници.“ А минувачите Го хулеа, вртејќи со своите глави и велејќи: „Уа! Ти што го уриваш Храмот и го соѕидуваш за три дни, спаси Се Себеси и слези од крстот!“ Слично се ругаа првосвештениците, заедно со книжниците, говорејќи еден на друг: „Другите ги спаси, а Себе не може да се спаси! Христос - Израелевиот Цар! Нека слезе сега од крстот, да видиме и да поверуваме!“ Го навредуваа и оние, кои беа распнати со Него. А во шестиот час, настана темнина по сета земја, до деветтиот час. А во деветтиот час Исус извика со силен глас: „Или! Или! Лама Савахтани!“- што значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“ Штом го чуја тоа, некои од оние, кои стоеја таму, рекоа: “Ете, го вика Илија!“ И еден отрча и накваси сунѓер во киселина, ја надена на трска и Му даде да пие, велејќи: „Оставете, да видиме дали ќе дојде Илија да Го симне!“ А Исус викна со силен глас и издивна. И храмската завеса се расцепи надве, одозгора до долу. А кога виде стотникот, кој стоеше спроти Него, дека така издивна, рече: „Навистина, Овој човек беше Божји Син!“ А оддалеку гледаа и жени, меѓу кои беше Марија Магдалена, Марија мајка на Јаков малиот и на Јосија и Салома, кои одеа по Него, кога беше во Галилеја, и Му служеа, и многу други, кои дојдоа со Него во Ерусалим.