Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 10:1-31 - Compare All Versions

Марко 10:1-31 MNT (Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик)

Потоа Исус замина од Кафарнаум и дојде на југ, во Јудеја, од источната страна на реката Јордан. Повторно многуброен народ се слеваше кон Него и Тој го поучуваше, како и обично. Некои од фарисеите сакаа да Му постават замка, па дојдоа кај Него и Го прашаа: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена?“ Исус ги праша: „Што вели Мојсеевиот Закон за тоа?“ Тие одговорија: „Мојсеј дозволува да и се напише потврда за развод на жената и таа да се отпушти.“ Исус им рече: „Мојсеј ви го допушти тоа бидејќи сте со закоравени срца. Во почетокот Бог создаде маж и жена. При стапување во брак човекот се одвојува од својот татко и од својата мајка и се присоединува кон својата жена. Тогаш двајцата стануваат едно тело. Значи, тие не се повеќе две тела, туку едно тело. Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак.“ Кога се вратија во куќата, учениците повторно Го прашаа Исуса за тоа. Тој им рече: „Тој што се разведува од својата жена и се оженува со друга, извршува прељуба против првата. Така и жената што ќе се разведе од својот маж и ќе се омажи за друг, извршува прељуба.“ Некои луѓе ги носеа своите деца кај Исус за да ги прегрне и да ги благослови. Учениците, пак, ги одвраќаа. Кога Исус го забележа тоа, ги прекори учениците и им рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај Мене! Не попречувајте им, зашто на таквите како нив им припаѓа Божјото царство! Ве уверувам дека нема да влезете во Божјото царство, доколку не го прифатите со вера каква што имаат малите деца!“ Потоа Исус ги гушна децата и ги благослови, положувајќи ги Своите раце врз нивните глави. Кога Исус излегуваше кон патот, Му притрча еден човек, клекна на колена и Го праша: „Добар Учителе! Што треба да правам за да се здобијам со вечен живот?“ Исус му одговори: „Зошто Ме нарекуваш ,добар‘? Само Бог е добар! Ги знаеш Божјите заповеди: Не убивај, не врши прељуби, не кради, не зборувај лаги за другите, не мами, почитувај ги мајка си и татка си ...“ Човекот Му одговори: „Учителе! Кон сите овие заповеди се придржувам уште од детството!“ Тогаш Исус милно го погледна и му рече: „Има уште едно нешто што треба да го направиш: оди, продај го сиот свој имот и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе добиеш имот на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“ Кога го чу ова, човекот си замина разочаран и тажен, бидејќи поседуваше голем имот. Исус погледна наоколу и им се обрати на Своите ученици: „Колку им е тешко на богатите да влезат во Божјото царство!“ Учениците се изненадија од овие зборови, но Исус продолжи: „Чеда! Тешко се влегува во Божјото царство! Полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во Божјото царство!“ Учениците уште повеќе се збунија, па почнаа да си шепотат еден на друг: „Тогаш, кој може да се спаси!?“ Исус впечатливо ги погледна и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“ Петар Му рече: „Ете, ние оставивме сe и станавме Твои следбеници!“ Исус му одговори: „Ве уверувам дека секој што заради Мене и Евангелието оставил куќа, или браќа, или сестри, или мајка, или татко, или деца, или земја, ќе биде награден. Веќе на овој свет, таквиот ќе добие стопати повеќе куќи, браќа, сестри, мајки, деца, земја ... иако ќе има и прогонства. А во идниот свет ќе има вечен живот. Но мнозина кои сега се први, ќе бидат последни, а мнозина кои сега се последни, ќе бидат први.“

Сподели
Марко 10 MNT

Марко 10:1-31 MK2006 (Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги))

И откако стана Исус оттаму, преми­на во пределите Јудејски, пре­ку страната што е отаде Јордан. И пак се слеваше народ кон Него; а Тој, по Својот обичај, ги поучуваше. И пристапија фарисеите и Го пра­шаа, искушувајќи Го: „Допуштено ли е, да ја остави човек својата жена?“ А Тој им одговори и рече: „Како ви заповеда Мојсеј?“ Тие рекоа: „Мојсеј дозволи да се на­пише разводно писмо и да се отпушти.“ Одговори Исус и им рече: „Поради вашето жестоко срце ви ја напишал таа заповед. Во почетокот на создавањето, пак, Бог ги создаде машко и женско. Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си, ќе се прилепи до жената своја и обата ќе бидат во едно тело; и та­ка, тие веќе не се двајца, туку едно те­ло. Значи, тоа што Бог го сврзал, човек да не го разделува.“ И во домот, учениците Негови пак Го прашаа за тоа. И им рече: „Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува кон неа; а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодеј­ствува.“ И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа (на оние што ги носеа). И кога го виде тоа Исус, негодува­ше и рече: „Оставете ги децата да доа­ѓа­ат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо. Вистина ви велам, кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“ Прегрнувајќи ги, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше. А кога излегуваше на пат, дотрча некој, падна на колена пред Него и Го праша: „Учителе добар, што треба да направам, за да наследам живот вечен?“ Исус му рече: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен еди­ниот Бог! Заповедите ги знаеш: не прељубо­деј­ствувај; не кради; не сведочи лажно; не навредувај; почитувај ги татка си и мај­ка си.“ А тој Му одговори и рече: „Учи­те­ле, сето тоа сум го запазил уште од младоста своја.“ Кога го погледна Исус, му омиле, па рече: „Уште една работа ти недостасува: оди и продај сѐ што имаш, раздај го на сиромаси и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене.“ Кога ги чу овие зборови, тој се из­ненади и си отиде нажален, зашто има­ше големо богатство. И кога погледа Исус, им рече на учениците Свои: „Колку е тешко за бо­гатите да влезат во царството Божјо!“ А учениците се уплашија од збо­ровите Негови. Но Исус пак им одгово­ри и рече: „Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо! Полесно камила ќе влезе низ игле­ни уши, отколку богат човек во цар­ството Божјо.“ А тие се чудеа многу и си велеа ме­ѓу себе: „Тогаш, кој може да се спаси?“ Кога ги погледа Исус, им рече: „За луѓето тоа не е можно, но не и за Бога; зашто за Бога сѐ е можно!“ И Петар почна да Му говори: „Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме.“ А Исус одговори и рече: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нив­је, а во идниот век – и живот вечен. И мнозина први ќе бидат последни, а последните – први.“

Сподели
Марко 10 MK2006

Марко 10:1-31 MKB (Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов)

И стана оттаму и дојде во пределите на Јудеја, од онаа страна на Јордан; и пак народот Му се придружи, а Тој ги поучу-ваше, според Својот обичај. И Му пристапија фарисеите и Го пра-шаа, за да Го искушуваат: „Дозво-лено ли му е на мажот, да ја остави жената?“ А Тој им одговори и рече: „Што ви заповеда Мојсеј?“ Тие рекоа: „Мојсеј дозволи да ѝ се напише разводно писмо и да се остави.“ Но Исус им рече: „Зара-ди вашето кораво срце - тој ви ја напиша таа заповед. Но, во почетокот на создавањето, Бог ги создаде: машко и женско. Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до жена си; и двајцата ќе бидат едно тело. И така, не се веќе две - а едно тело. И така, Бог што соединил, чове-кот да не раздвојува. И дома, учениците пак го прашаа за тоа. И Тој им рече: „Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, прави прељуба спрема неа. И ако таа го напушти мажот и се омажи за друг, прави прељуба. И Му донесуваа дечиња, за да ги допре, а учениците ги укоруваа. А кога Исус го виде тоа, негодуваше и им рече: „Оставете ги дечињата да дојдат при Мене; не им бранете; зашто на таквите им припаѓа Божјото Царство! Ви-стина ви велам, кој не го прима Божјото Царство како мало дете, нема да влезе во него.“ И ги прегрна и ги благослови, положувајќи ги рацете врз нив. И кога излегуваше на пат, некој притрча, клекна пред Него и Го праша: „Добар Учителе, што да правам, за да наследам вечен живот?“ А Исус му рече: „Зошто Ме наречуваш добар! Никој не е добар освен Единиот Бог. Ги знаеш заповедите: „Не убивај! Не прави прељуба! Не кради! Не сведочи лажно! Не измамувај! Почи-тувај ги татка си и мајка си!“ Но тој Му одговори: „Учителе, сето тоа го пазев од својата младост.“ А Исус го погледна, го возљуби и му рече: „Едно не ти достига: оди, продај сѐ што имаш, и дај им на сиромасите и ќе имаш сокровиште на небото! И дојди, земи го крстот и следи Ме!“ А тој се натажи од тој збор и си отиде жалејќи, зашто имаше многу имоти. И Исус погледна наоколу и им рече на Своите ученици: „Колку тешко ќе влезат богатите во Божјото Царство!“ А учениците се зачудија од Неговите зборови. Но Исус пак проговори и им рече: „Чеда, колку е тешко да влезат во Божјото Царство, оние кои се надеваат на богатство! Полесно ѝ е на камилата да помине низ иглени уши, отколку богат да влезе во Божјото Царство!“ А тие се зачудија уште повеќе, велеј-ќи си еден на друг: „Тогаш, кој може да се спаси?“ Исус ги погледна и им рече: „За луѓето тоа е невозможно, но за Бога не е; зашто за Бога сѐ е можно!“ Петар почна да Му зборува: „Гледај, ние оставивме сѐ и одиме по Тебе!“ Исус пак одговори и рече: „Вистина ви велам: нема никој, кој ќе остави куќа или браќа, или сестри, или мајка или татко, или деца, или ниви, заради Мене и заради Евангелието, а да не прими, сега стократно, во ова време: куќи, и браќа, и сестри, и мајки, и деца и ниви - заедно со гонењата - а во идниот век: вечен живот. Но мнозина први ќе бидат последни, а последните - први.“

Сподели
Марко 10 MKB