Матеј 21:1-27
Матеј 21:1-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Пристигнувајќи во близина на Ерусалим, дојдоа во градот Бетфага, на Маслиновата Гора, од каде што Исус испрати двајца од Своите ученици, порачувајќи им вака: „Отидете во селото пред вас; таму веднаш ќе најдете врзана магарица со нејзиното младо магаренце. Одврзете ги и доведете Ми ги овде. Ако некој нешто ви приговори, кажете му дека му се потребни на Господарот и тој веднаш ќе ги пушти.“ Ова се случуваше за да се исполни претскажаното од пророкот Захарија: „Порачајте му на Ерусалим: Еве Го, иде Твојот цар, понизно јавајќи на магарица и на магаренце -рожбата на магарицата.“ Учениците отидоа и го извршија она што им го беше заповедал Исус: ги доведоа магарицата и младото магаренце, ги ставија врз нив своите облеки и Исус седна на нив. Голем број луѓе ги постилаа своите облеки по патот; други кршеа гранчиња од дрвјата и ги постилаа на патот. А народот што врвеше пред Исус, како и оние што одеа по Него, воскликнуваа, извикувајќи: „Спаси ни сега, Давидов Сине! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Спаси ни сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“ Кога Исус влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи и почна да прашува: „Кој е Овој?“ А народот одговараше: „Овој е пророкот Исус од градот Назарет, во покраината Галилеја!“ Исус влезе во Божјиот храм и ги истера сите кои купуваа и продаваа во храмот. Им ги преврте масите на менувачите на пари и тезгите на продавачите на гулаби, и им рече: „Во Светото Писмо пишува дека Бог рекол: ,Мојот храм нека биде место за молитва.‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“ Во храмот Му доаѓаа на Исус слепи и сакати и Тој ги исцелуваше. Но свештеничките поглавари и вероучителите се разгневија кога ги видоа чудата што Исус ги правеше и радосните извици на децата во храмот кои извикуваа: „Спаси ни сега, Давидов Сине!“ И Му рекоа: „Слушаш ли што извикуваат децата!?“ А Исус им одговори: „Да! Зар во Псалмите не сте го читале ова: ,Усните на малите деца и на доенчињата ќе Ти оддаваат слава, Господе!?‘“ Тогаш Исус ги остави и излегувајќи од градот дојде во Бетанија, каде што и ноќеваше. Рано утредента, на враќањето во Ерусалим, Исус огладне. Забележувајќи една смоква покрај патот, се доближи, но бидејќи на неа најде само лисје, ја проколна, велејќи: „Род да нема на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши. Вчудовидени од оваа глетка, учениците Го прашаа: „Како можеше смоквата наеднаш да се исуши?“ А Исус им одговори: „Ве уверувам дека, доколку имате вера и не се сомневате, не само што ќе можете да го правите тоа што ђ се случи на смоквата, туку, ако и на оваа планина ђ речете: ,Подигни се и фрли се в море!‘ тоа ќе се случи! Ако верувате, ќе добиете си што ќе побарате преку молитва.“ Кога Исус дојде во храмот и почна да поучува, Му пристапија свештеничките поглавари и народните старешини и Го прашаа: „Со какво право го правиш ова? Кој те овластил?“ Одговарајќи на ова, Исус им рече: „И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми одговорите ќе ви кажам и Јас со какво право го правам ова. Од каде го доби Јован Крстител правото да крштава: од Бога или од луѓето?“ Тие почнаа меѓу себе да си шепотат: „Ако кажеме дека го доби од Бога, ќе ни рече: ,Тогаш, зошто не му поверувавте?‘ Ако пак кажеме дека го доби од луѓето, се плашиме од народот, зашто сите го сметаа Јована за пророк.“ Затоа, тие Му одговорија: „Не знаеме!“ Тогаш Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам кој Ми го даде правото да го правам ова што го правам!“
Матеј 21:1-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А кога наближија до Ерусалим и дојдоа до Витфагија, кај Маслиновата Гора, Исус испрати двајца ученици и им рече: „Отидете во селоно, што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана магарица и младо магаре со неа; одврзете ги и доведете Ми ги! А ако некој ви рече нешто, кажете му дека Му се потребни на Господа, и веднаш ќе ги прати.“ А сето тоа стана за да се исполни кажаното преку пророкот, кој вели: „Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, твојот цар доаѓа кај тебе кроток, качен на магарица со младо магаре.“ Учениците отидоа и направија така, како што им беше заповедал Исус. Ги дотераа магарицата и младото магаре и ги кладоа одозгора алиштата свои, и Тој седна над нив. А мнозина од народот ги постилаа по патот облеките свои; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот; а народот што врвеше пред Него и по Него, викаше велејќи: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Осана на висините!“ И кога влезе во Ерусалим, целиот народ збунето прашуваше: „Кој е овој?“ А народот одговараше: „Овој е Исус, пророкот од Назарет галилејски.“ И влезе Исус во храмот Божји и ги истера сите што продаваа и купуваа во храмот, ги растури масите на менувачите и столовите на оние што продаваа гулаби, и им рече: „Напишано е: ‚Домот Мој нека биде дом за молитва‘, а вие го направивте како разбојничка пештера.“ И дојдоа кај Него во храмот слепи и куци, и Тој ги излекува. А првосвештениците и книжниците, гледајќи ги чудесните дела што ги направи Тој, и слушајќи ги децата како викаат во храмот и велат: „Осана на Давидовиот Син!“, се разгневија, и му рекоа: „Слушаш ли што велат тие?“ А Исус им рече: „Да! Зар никогаш не сте читале: ‚Од устата на новороденчињата и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба?‘“ И кога ги остави, отиде надвор од градот, во Витанија, каде што преноќи. А утредента, враќајќи се во градот, огладне; и виде покрај патот смоква, па отиде до неа; откако не најде на неа ништо освен лисја, рече: „Од сега да нема плод на тебе довека!“ И смоквата веднаш се исуши. Штом го видоа тоа, учениците се зачудија и рекоа: „Како веднаш се исуши смоквата!“ А Исус им одговори и рече: „Вистина, ви велам: ако имате вера и не се посомневате, не само тоа што стана со смоквата ќе го правите, туку, ако и на оваа планина ѝ речете – дигни се и фрли се в море, ќе биде. И сѐ што ќе побарате во молитва со вера, ќе добиете.“ И кога дојде Тој во храмот и поучуваше, пристапија кон Него првосвештениците и старешините народни и рекоа: „Со каква власт го правиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?“ А Исус им одговори и рече: „И Јас ќе ве прашам нешто. Па, ако Ми одговорите, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам тоа. Крштавањето Јованово од каде беше: од небото или од луѓето?“ А тие размислуваа меѓу себе и велеа: „Ако кажеме – од небото, ќе ни рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘ А ако речеме: – од луѓето, се плашиме од народот, зашто сите го сметаа Јован за пророк.“ И, одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Тој им рече: „Ни Јас не ви кажувам со каква власт го правам тоа.“
Матеј 21:1-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И кога наближија до Ерусалим и дојдоа во Вит-фагија при Маслиновата Гора, тогаш Исус испрати два ученика, велејќи: “Отидете во селото што е пред вас! Таму ќе најдете веднаш врзана ослица и осле со неа. Од-врзете ги и доведете Ми ги! И ако некој ви рече нешто, речете му: ‘Потребни Му се на Господа’, и веднаш ќе ги пушти. А тоа стана, за да се исполни кажаното преку пророкот кој вели: “Кажете ѝ на Сионската Ќерка: Еве, твојот Цар доаѓа при тебе, кроток и јава на ослица и осле - младенче на ослица!“ Учениците отидоа и направија, како што им заповеда Исус. Ги дотераа ослицата и ослето, ги ставија врз нив своите облеки и Тој седна над нив. Повеќето од народот ги постилаа своите облеки по патот, а други сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот. А множеството, кое одеше пред Него и по Него викаше, велејќи: „Осана на Давидовиот Син! Благо-словен е кој доаѓа во Господово име! Осана во висините!“ И кога влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи, говорејќи: „Кој е Овој?“ А народот говореше: „Овој е Исус, Пророк од Галилејски Назарет.“ И Исус влезе во Храмот и ги истера сите, кои купуваа и продаваа во Храмот, па им ги преврте столовите на менувачите на сребреници, и столиците на продавачите на гулаби, и им рече: „Напишано е: Мојот Дом ќе биде наречен Дом На Молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.“ И Му пристапија слепи и хроми, во Храмот, и ги излекува. А кога првосвештениците и книжниците ги видоа чудесата што ги направи, и децата, кои викаа во Храмот: „Осана на Давидовиот Син!“, се налутија и Му рекоа: „Слушаш ли што зборуваат овие?“ А Исус им рече: „Да, зар не сте читале никогаш: ‘Од устата на децата и доилчињата, Си приготви пофалба?’“ И ги остави и излезе од градот во Витанија и преноќева таму. А кога утредента се враќаше во градот, огладне. И виде смоква покрај патот и отиде до неа, но не најде ништо на неа, освен лисјата, и ѝ рече: „Отсега да нема плод од тебе довека!“ И смоквата се исуши веднаш. И кога учениците го видоа тоа, се зачудија и рекоа: „Како се исуши смоквата вед-наш?“ Исус одговори и рече: „Вистина ви велам, ако имате вера и не се посомневате, ќе направите не само тоа, што ѝ се случи на смоквата, туку ако ѝ речете на оваа гора: ‘Дигни се оттука и фрли се во морето!’ ќе биде; и сѐ што ќе побарате во молитва, со вера, ќе добиете.“ И кога Исус дојде во Храмот, Му пристапија - додека поучуваше - првосвештениците и народните старешини, велејќи: „Со каква власт го правиш тоа? И кој Ти ја даде таа власт?“ А Исус им рече во одговор: „И Јас ќе ве прашам нешто, па ако ми Го кажете тоа, и Јас ќе ви кажам со каква власт го правам ова. Од каде беше Јова-новото крштавање? Од небото или од луѓето?“ А тие размислуваа во себе, велејќи:“ Ако речеме ‘од небото’, ќе ни рече: ‘Зошто не му поверувавте тогаш?’ А ако речеме: ‘од луѓето’, се боиме од народот, зашто сите го сметаат Јована за пророк.“ И Му одго-ворија на Исуса и рекоа: „Не знаеме!“ Им рече и Тој: „Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го правам ова.“