Матеј 13:1-9
Матеј 13:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Истиот ден Исус излезе од куќата и седна на брегот на езерото. Околу Него се насобра голема толпа народ и Тој се искачи и седна на едно бротче, а народот остана да стои на брегот. И му говореше за многу нешта, користејќи се со споредби. „Еден сејач излезе да сее на својата нива. Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа. Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја, и тоа брзо никна бидејќи земјата беше плитка. Но штом запече сонцето, стебленцето свена и се исуши, бидејќи немаше доволно длабоки корени за да го одржат во живот. Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето го задушија стебленцето. Конечно, дел од семето падна на плодна почва и донесе плод: едно стебло роди сто, друго шеесет, а трето триесет зрна. Ако имате уши, слушајте внимателно!“ заклучи Исус.
Матеј 13:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Излегувајќи тој ден од куќата, Исус седна покрај морето. И се собра околу Него многу народ, така што Тој влезе во кораб и седна, а сиот народ стоеше на брегот. И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, излезе сејач да сее; и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот; долетаа птици и ги исколваа. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу проникнаа, зашто земјата не беше длабока. Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, бидејќи немаа корен, се исушија. Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши. Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод; едно сто, друго шеесет, а трето триесет. Кој има уши да слуша, нека чуе.“
Матеј 13:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Во оној ден Исус излезе од куќата и седна покрај морето. И големи мноштва се собраа до Него, така што Тој влезе во кораб и седна, а сето мноштво стоеше на брегот. И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, сејач излезе да сее, и кога сееше, некои зрна паднаа покрај патот, и птици дојдоа и ги исколваа. Други паднаа на каменити места, каде немаше многу земја, и набргу никна, зашто немаше длабока земја. А кога изгреа сонцето, изгореа, и бидејќи немаа корен, се исушија. Други паднаа меѓу трње, и трњето израсна и ги загуши. Други паднаа на добра земја и дадоа плод: едното сто, другото шеесет, а другото триесет. Кој има уши да слуша, нека слуша!“