Матеј 12:22-28
Матеј 12:22-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Тогаш доведоа кај Исус еден слеп и нем човек, кој беше обземен од демонски духови, и Тој го исцели, така што немиот прозборува и прогледа. Целиот народ беше вчудовиден и се прашуваше: „Да не е овој Месијата, Синот Давидов?“ Кога фарисеите разбраа за тоа, рекоа: „Тој изгонува демони бидејќи демонскиот поглавар Баалзибул е во Него!“ Знаејќи ги нивните мисли, Исус им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има внатрешни раздори; и ниеден град или дом во кој има неслога не може да опстане. Ако Сатаната го изгонува Сатаната, тогаш тој настапува против самиот себе; како може, тогаш, да му се одржува царството? Ако Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош вашите следбеници ги изгонуваат демоните? Затоа, тие ќе ви судат! Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјиот Дух, тогаш тоа е знак дека Божјото царство ви пристигнало!
Матеј 12:22-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш доведоа кај Него еден бесомачен од зол дух, кој беше слеп и нем; и го излекува, така што слепонемиот прогледа и проговори. И сиот народ се чудеше и велеше: „Да не е Овој Христос, синот Давидов?“ А фарисеите, штом го чуја тоа, рекоа: „Тој не ги истерува демоните на друг начин освен преку Велзевул, началникот на демоните!“ Но Исус, знаејќи ги нивните помисли, им рече: „Секое царство, ако се раздели, запустува; и секој град или дом, ако се раздели на противни групи, ќе пропадне. И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил сам против себе; тогаш како може да се запази царството негово? И ако Јас ги истерувам демоните преку Велзевул, синовите ваши, преку кого ги изгонуваат? Затоа тие ќе ви бидат судии. Ако, пак, Јас истерувам демони со Духот Божји, тоа значи дека до вас дошло царството Божјо.
Матеј 12:22-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш доведоа при Него еден опседнат од демон, кој беше слеп и нем; и го исцели, така што слепонемиот проговори и прогледа. И сите мноштва се восхитуваа и зборуваа: „Не е ли Овој Синот Давидов?“ А фарисеите, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој ги изгонува демоните само преку Велзевул, владетелот на демоните.“ Исус знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Секое царство, разделено против себеси, запустува, и секој град или дом, кој се разделил против себеси, нема да опстане. И ако сатаната изгонува сатана, тој се разделил против себеси, и како ќе опстане неговото царство? И ако Јас ги изгонувам демоните преку Велзевула, преку кого ги изгонуваат вашите синови? Затоа тие ќе ви бидат судии; но, ако Јас ги изгонувам демоните преку Духот Божји, тогаш царството Божјо дошло врз вас.