Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 7:1-26

Исус Навин 7:1-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Но синовите Израелови направија грев и зедоа од проколнатото. Ахан, синот на Карми, син на Завдиј, Зерахов син од Јудиното племе, зеде од проколнатото, и гневот Господов се разгори против синовите Израелови. Од Ерихон Исус испрати луѓе во Гај, кој е наспроти Бет-Авен, источно од Ветил, и им рече: „Одете, разгледајте ја земјата!“ Тие отидоа и го разгледаа Гај. И откако се вратија кај Исус, му рекоа: „Нека не оди целиот народ, туку нека отидат две до три илјади луѓе и ќе го разбијат Гај; не праќај го таму целиот народ, бидејќи тие се малку на број.“ И така, отидоа таму од народот око­лу три илјади души, но тие почнаа да бегаат пред жителите на Гај; жителите на овој град убија од нив триесет и шест души, ги гонеа од портите на градот до Шеварим и ги разбија; од тоа срцата на луѓето се растопија и станаа како вода. Исус ја раскина облеката своја и падна ничкум на земјата пред ковчегот на Господ и лежеше дури до вечерта, тој и старешините Израелови, и ги посипаа со пепел главите свои. И рече Исус: „Ти се молам, Господи Боже, зошто го преведе Твојот народ преку Јордан, за да го предадеш во рацете на Аморејците на погубување? Ех, да си останевме да живееме од онаа страна на Јордан! О, Господи, што да кажам, бидејќи Израел го сврте грбот пред своите непријатели? Хананците и сите жители на земјата ќе чујат, ќе нѐ опколат и ќе нѐ истребат нас од земјата. И што ќе направиш за Твоето големо име?“ Господ му одговори на Исус: „Ста­ни, зошто падна ничкум? Згрешија луѓето и ја прекршија Мојата заповед, што им ја дадов; украдоа од проколнатото, и го сокрија меѓу своите предмети; затоа синовите Израелови не можат да издржат пред непријателите свои и им свртеа грб, бидејќи тие потпаднаа под клетвата; нема да бидам веќе со вас, ако не го отстраните од вас проколнатото. Стани, освети го народот и кажи: Осветете се за утре, бидејќи така вели Господ, Бог Израелов: Проколнатото е во тебе, Израеле; затоа ти не ќе можеш да издржиш пред непријателите свои, додека не го отстраниш од себе про­клетството. Соберете се утре според племињата свои; племето, пак, што ќе го покаже Господ, нека мине по родовите; и родот, што ќе го покаже Господ, нека мине по домовите што ќе ги покаже Господ, и нека мине човек по човек; кој ќе биде фатен дека украл од проколнатото, со оган нека се изгори тој и сѐ што е негово, затоа што ја прекршил заповедта на Господ и на­правил престап среде Израел.“ Откако стана утредента рано, Исус ги преведе луѓето според племињата свои, и беше посочено на Јудиното пле­ме; потоа заповеда да минат родовите на Јуда, и беше посочен родот на Зерах; му заповеда на Зераховиот род да мине според домовите, и беше посочен домот на Завдиј. Му заповеда на домот негов да мине човек по човек, и беше покажан Ахан, синот на Карми, син на Завдиј, Зерахов син, од Јудиното племе. Тогаш Исус му рече на Ахан: „Синко, прослави Го Господ, Бог Изра­елов, исповедај се пред Него и кажи ми, што си направил; не криј од мене.“ Ахан му одговори на Исус и рече: „Навистина, јас згрешив пред Господ, Бог Израелов, и го направив ова: меѓу запленетите предмети видов една убава облека од Сенаар и двесте шекели сребро и една златна шипка, со вредност од педесет шекели; тоа ми се допадна и јас го зедов; и, ете, тоа е закопано во земјата среде мојот шатор, а среброто е под него.“ Исус испрати луѓе, и тие отидоа во неговиот шатор; и ете, сето тоа беше сокриено во неговиот шатор, и среброто под него. Тие го изнесоа тоа од шаторот, го донесоа кај Исус и кај старешините Израелови и го ставија пред Господ. Тогаш Исус и сите Израелци со него, го зедоа Зераховиот син Ахан, среброто, облеката, и златната шипка, неговите синови и неговите ќерки, неговите волови и неговите магариња, овците негови и неговиот шатор, и сѐ што беше негово, и го одведоа во до­лината Ахор. И рече Исус: „Затоа што некои од нас истреби, Господ ќе те истреби денес тебе.“ И сите Израелци го убија со ка­мења – него и сите негови блиски, ги изгореа не само нив, туку и сѐ што имаа со оган, и нафрлаа врз нив камења. И нафрлаа врз него голема грамада камења, која остана сѐ до ден-денес. Потоа стивна силата од гневот на Господ. Поради тоа, она место и денес се вика „Долината Ахор“.

Исус Навин 7:1-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Но Израелевите синови згрешија тешко во „херемот“ (проклетство), зашто Ахан, син на Хармиј, син Завдиев, син Зарин, од Јудиното племе, зеде од проколнатите работи, и Господ се разгневи на Израелевите синови. Исус пак испрати луѓе од Ерихон во Гај, што лежи источно од Ветил, и им рече: „Искачете се онаму, извидете ја земјата!“ Луѓето отидоа па го извидија Гај. Се вратија при Исуса, му рекоа: „Не треба натаму да се искачува сиот народ; две до три илјади нека отидат за да го освојат Гај. Не мачи го таму сиот народ, зашто таму има малкумина.“ Тргнаа натаму околу три илјади луѓе од сиот народ, и избегаа пред оние од Гај. Гајците погубија околу триесет и шест луѓе, и ги тераа од пред своите врати до Сиварим: ги истепаа на стрмината. Тогаш се стопи срцето на народот, како да му е вода во жилите. Исус ги раздра своите облеки и се фрли ничкум пред Господовиот Ковчег, и остана така до вечерта, тој и старешините во Израел, откако ги посипаа главите со пепел. Тогаш Исус рече: „Ах, Господи Боже, зошто го преведе овој народ преку Јордан? За да нѐ предадеш во рацете на Аморејците за да не погубат? Камо среќа да останевме на онаа страна на Јордан! Прости, Господи! Што да речам друго, кога Израел ги сврте плеќите пред своите непријатели? Ако го чујат тоа Ханаанците и другите жители на земјата, ќе се здружат против нас и ќе го избришат нашето име од земјата. И така, што ќе направиш за Своето големо Име?“ А Господ му одговори на Исуса: „Стани! Зошто падна ничкум? Израел згреши: го прекршија Заветот со кој ги обврзав. Навистина го зедоа проколнатото, откраднаа, излагаа и присвоија. И затоа Израелците не можат да издржат пред своите непријатели, ги вртат грбовите пред противниците зашто станаа проклети. Јас не можам веќе да бидам со вас, ако од својата средина не ги отстраните проклетите. Стани! Свикај го народот на посветување и речи му: ‘Посветете се за утре, зашто вака вели Господ, Израелевиот Бог: „Проклетство е во тебе, Израелу; и не ќе издржиш пред своите иепријатели сѐ додека не го отстраните проклетството од своја средина.„ Затоа утре во мугрите пристапите племе по племе; од племето што ќе го одреди Господ ќе пристапи род по род, а тогаш од родот што ќе го означи Господ ќе пристапи семејство по семејство, а од семејството што ќе го означи Господ ќе пристапи човек по човек. И кој ќе се најде тогаш со проколнатата работа, нека биде изгорен тој и сѐ што му припаѓа, зашто го прекрши Господовиот Завет и го засрами Израел.’“ Подрани Исус наутро и го повика Израел по племиња; пристапија, и беше откриено Јудиното племе. Потоа пристапија род по род од Јудиното племе, и се најде Зарииниот род. Пристапија семејствата на Зарииниот род, домаќин еден по друг, и го пронајдоа Завдиевото семејство. Најпосле Исус нареди да пристапи Завдиевото семејство, мажите еден по еден, и беше најден Ахан, син на Хармиј, син Завдиев, син Зарин, од Јудиното племе. Тогаш Исус му рече на Ахан: „Сине мој, воздај Му слава на Господа, Израелевиот Бог, и признај Му што си направил; објасни што си сторил и немој ништо да криеш.“ Ахан му рече на Исуса: „Навистина, јас Му згрешив на Господа, Израелевиот Бог, и еве што направив: видов во пленот убава вавилонска наметка, две стотини сикли сребро и златна плоча што тежи педесет сикли, па се полакомив и ги зедов за себе. Ене сѐ е закопано среде мојот шатор, а среброто е одоздола.“ Тогаш Исус испрати пратеници, кои отрчаа во шаторот. И ете, сѐ беше закопано во шаторот, а среброто одоздола. Зедоа сѐ од шаторот и им го донесоа на Исуса и на Израелевите старешини и го положија пред Господа. Тогаш Исус ги зеде Ахана синот Зариин, и среброто, наметката и златната плоча, и сите негови синови и ќерки, неговите волови и ослиња, и овците, неговиот шатор и сѐ што беше негово, па го изведе во долината Ахор. Сиот Израел ги следеше. Рече Исус: „Како што нѐ направи несреќни, така Господ да те направи тебе несреќен денес!„ И сиот Израел го каменува. Потоа навалија врз него куп камења, што стојат до денес. Така Господ се ублажи од Својот жесток гнев. Заради тој настан она место се нарече долина Ахор, и така се вика до денес.