ИСУС НАВИН 7
7
Ѓ. Покорување на Гај
1. Гајските жители ги принудуваат Израелците во бегство
1Но Израелевите синови згрешија тешко во „херемот“ (проклетство), зашто Ахан, син на Хармиј, син Завдиев, син Зарин, од Јудиното племе, зеде од проколнатите работи, и Господ се разгневи на Израелевите синови. 2Исус пак испрати луѓе од Ерихон во Гај, што лежи источно од Ветил, и им рече: „Искачете се онаму, извидете ја земјата!“ Луѓето отидоа па го извидија Гај. 3Се вратија при Исуса, му рекоа: „Не треба натаму да се искачува сиот народ; две до три илјади нека отидат за да го освојат Гај. Не мачи го таму сиот народ, зашто таму има малкумина.“ 4Тргнаа натаму околу три илјади луѓе од сиот народ, и избегаа пред оние од Гај. 5Гајците погубија околу триесет и шест луѓе, и ги тераа од пред своите врати до Сиварим: ги истепаа на стрмината. Тогаш се стопи срцето на народот, како да му е вода во жилите.
2. Мака и молитва на Исуса Навин
6Исус ги раздра своите облеки и се фрли ничкум пред Господовиот Ковчег, и остана така до вечерта, тој и старешините во Израел, откако ги посипаа главите со пепел. 7Тогаш Исус рече: „Ах, Господи Боже, зошто го преведе овој народ преку Јордан? За да нѐ предадеш во рацете на Аморејците за да не погубат? Камо среќа да останевме на онаа страна на Јордан! 8Прости, Господи! Што да речам друго, кога Израел ги сврте плеќите пред своите непријатели? 9Ако го чујат тоа Ханаанците и другите жители на земјата, ќе се здружат против нас и ќе го избришат нашето име од земјата. И така, што ќе направиш за Своето големо Име?“
3. Изобличување за грабеж од проколнато
10А Господ му одговори на Исуса: „Стани! Зошто падна ничкум? 11Израел згреши: го прекршија Заветот со кој ги обврзав. Навистина го зедоа проколнатото, откраднаа, излагаа и присвоија. 12И затоа Израелците не можат да издржат пред своите непријатели, ги вртат грбовите пред противниците зашто станаа проклети. Јас не можам веќе да бидам со вас, ако од својата средина не ги отстраните проклетите. 13Стани! Свикај го народот на посветување и речи му: ‘Посветете се за утре, зашто вака вели Господ, Израелевиот Бог: „Проклетство е во тебе, Израелу; и не ќе издржиш пред своите иепријатели сѐ додека не го отстраните проклетството од своја средина.„ 14Затоа утре во мугрите пристапите племе по племе; од племето што ќе го одреди Господ ќе пристапи род по род, а тогаш од родот што ќе го означи Господ ќе пристапи семејство по семејство, а од семејството што ќе го означи Господ ќе пристапи човек по човек. 15И кој ќе се најде тогаш со проколнатата работа, нека биде изгорен тој и сѐ што му припаѓа, зашто го прекрши Господовиот Завет и го засрами Израел.’“
4. Изобличување на Ахан во грев
16Подрани Исус наутро и го повика Израел по племиња; пристапија, и беше откриено Јудиното племе. 17Потоа пристапија род по род од Јудиното племе, и се најде Зарииниот род. Пристапија семејствата на Зарииниот род, домаќин еден по друг, и го пронајдоа Завдиевото семејство. 18Најпосле Исус нареди да пристапи Завдиевото семејство, мажите еден по еден, и беше најден Ахан, син на Хармиј, син Завдиев, син Зарин, од Јудиното племе. 19Тогаш Исус му рече на Ахан: „Сине мој, воздај Му слава на Господа, Израелевиот Бог, и признај Му што си направил; објасни што си сторил и немој ништо да криеш.“ 20Ахан му рече на Исуса: „Навистина, јас Му згрешив на Господа, Израелевиот Бог, и еве што направив: 21видов во пленот убава вавилонска наметка, две стотини сикли сребро и златна плоча што тежи педесет сикли, па се полакомив и ги зедов за себе. Ене сѐ е закопано среде мојот шатор, а среброто е одоздола.“
5. Каменување на Ахан и на неговото семејство
22Тогаш Исус испрати пратеници, кои отрчаа во шаторот. И ете, сѐ беше закопано во шаторот, а среброто одоздола. 23Зедоа сѐ од шаторот и им го донесоа на Исуса и на Израелевите старешини и го положија пред Господа. 24Тогаш Исус ги зеде Ахана синот Зариин, и среброто, наметката и златната плоча, и сите негови синови и ќерки, неговите волови и ослиња, и овците, неговиот шатор и сѐ што беше негово, па го изведе во долината Ахор. Сиот Израел ги следеше. 25Рече Исус: „Како што нѐ направи несреќни, така Господ да те направи тебе несреќен денес!„ И сиот Израел го каменува. 26Потоа навалија врз него куп камења, што стојат до денес. Така Господ се ублажи од Својот жесток гнев. Заради тој настан она место се нарече долина Ахор, и така се вика до денес.
Селектирано:
ИСУС НАВИН 7: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.