Исус Навин 7:1-13
Исус Навин 7:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Но синовите Израелови направија грев и зедоа од проколнатото. Ахан, синот на Карми, син на Завдиј, Зерахов син од Јудиното племе, зеде од проколнатото, и гневот Господов се разгори против синовите Израелови. Од Ерихон Исус испрати луѓе во Гај, кој е наспроти Бет-Авен, источно од Ветил, и им рече: „Одете, разгледајте ја земјата!“ Тие отидоа и го разгледаа Гај. И откако се вратија кај Исус, му рекоа: „Нека не оди целиот народ, туку нека отидат две до три илјади луѓе и ќе го разбијат Гај; не праќај го таму целиот народ, бидејќи тие се малку на број.“ И така, отидоа таму од народот околу три илјади души, но тие почнаа да бегаат пред жителите на Гај; жителите на овој град убија од нив триесет и шест души, ги гонеа од портите на градот до Шеварим и ги разбија; од тоа срцата на луѓето се растопија и станаа како вода. Исус ја раскина облеката своја и падна ничкум на земјата пред ковчегот на Господ и лежеше дури до вечерта, тој и старешините Израелови, и ги посипаа со пепел главите свои. И рече Исус: „Ти се молам, Господи Боже, зошто го преведе Твојот народ преку Јордан, за да го предадеш во рацете на Аморејците на погубување? Ех, да си останевме да живееме од онаа страна на Јордан! О, Господи, што да кажам, бидејќи Израел го сврте грбот пред своите непријатели? Хананците и сите жители на земјата ќе чујат, ќе нѐ опколат и ќе нѐ истребат нас од земјата. И што ќе направиш за Твоето големо име?“ Господ му одговори на Исус: „Стани, зошто падна ничкум? Згрешија луѓето и ја прекршија Мојата заповед, што им ја дадов; украдоа од проколнатото, и го сокрија меѓу своите предмети; затоа синовите Израелови не можат да издржат пред непријателите свои и им свртеа грб, бидејќи тие потпаднаа под клетвата; нема да бидам веќе со вас, ако не го отстраните од вас проколнатото. Стани, освети го народот и кажи: Осветете се за утре, бидејќи така вели Господ, Бог Израелов: Проколнатото е во тебе, Израеле; затоа ти не ќе можеш да издржиш пред непријателите свои, додека не го отстраниш од себе проклетството.
Исус Навин 7:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Но Израелевите синови згрешија тешко во „херемот“ (проклетство), зашто Ахан, син на Хармиј, син Завдиев, син Зарин, од Јудиното племе, зеде од проколнатите работи, и Господ се разгневи на Израелевите синови. Исус пак испрати луѓе од Ерихон во Гај, што лежи источно од Ветил, и им рече: „Искачете се онаму, извидете ја земјата!“ Луѓето отидоа па го извидија Гај. Се вратија при Исуса, му рекоа: „Не треба натаму да се искачува сиот народ; две до три илјади нека отидат за да го освојат Гај. Не мачи го таму сиот народ, зашто таму има малкумина.“ Тргнаа натаму околу три илјади луѓе од сиот народ, и избегаа пред оние од Гај. Гајците погубија околу триесет и шест луѓе, и ги тераа од пред своите врати до Сиварим: ги истепаа на стрмината. Тогаш се стопи срцето на народот, како да му е вода во жилите. Исус ги раздра своите облеки и се фрли ничкум пред Господовиот Ковчег, и остана така до вечерта, тој и старешините во Израел, откако ги посипаа главите со пепел. Тогаш Исус рече: „Ах, Господи Боже, зошто го преведе овој народ преку Јордан? За да нѐ предадеш во рацете на Аморејците за да не погубат? Камо среќа да останевме на онаа страна на Јордан! Прости, Господи! Што да речам друго, кога Израел ги сврте плеќите пред своите непријатели? Ако го чујат тоа Ханаанците и другите жители на земјата, ќе се здружат против нас и ќе го избришат нашето име од земјата. И така, што ќе направиш за Своето големо Име?“ А Господ му одговори на Исуса: „Стани! Зошто падна ничкум? Израел згреши: го прекршија Заветот со кој ги обврзав. Навистина го зедоа проколнатото, откраднаа, излагаа и присвоија. И затоа Израелците не можат да издржат пред своите непријатели, ги вртат грбовите пред противниците зашто станаа проклети. Јас не можам веќе да бидам со вас, ако од својата средина не ги отстраните проклетите. Стани! Свикај го народот на посветување и речи му: ‘Посветете се за утре, зашто вака вели Господ, Израелевиот Бог: „Проклетство е во тебе, Израелу; и не ќе издржиш пред своите иепријатели сѐ додека не го отстраните проклетството од своја средина.„