Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 24:1-33

Исус Навин 24:1-33 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Исус ги собра сите племиња Израелови во Сихем и ги свика старешините на Израел и кнезовите негови, судиите негови и управителите негови, и тие се претставија пред Бога. И му рече Исус на целиот народ: „Вака вели Господ, Бог на Израел: ва­шите татковци, Тара, таткото Авраа­мов и таткото Нахоров, во старо време живееја од онаа страна на Реката и им служеа на други богови. Но јас го зедов таткото ваш Авраам од онаа страна на Реката, го водев до земјата хананска, му го умножив семето негово и му го дадов Исак. На Исак му ги дадов Јаков и Исав. На Исав му ја дадов во наследство гората Сеир; а Јаков и синовите негови влегоа во Египет. Тогаш ги испратив Мојсеј и Арон и го совладаа Египет со она што го из­вршив таму, а потоа ве изведов. Ги изведов татковците ваши од Еги­пет, и вие дојдовте кај Црвеното Море. Тогаш Египќаните се спуштија по татковците ваши со коли и коњаници до Црвеното Море; но тие повикаа кон Господ, и Тој спушти густа магла меѓу нас и Егип­ќаните и го наведе на нив морето, кое и ги покри. Очите ваши видоа што на­прави Господ во египетската земја и вие останавте во пустината многу денови. И ве воведе во земјата на Амо­рејците, кои живееја од онаа страна на Јордан; тие станаа против вас, но Господ ги предаде во ваши раце, и вие ја добивте како наследство земјата нивна и ги истребивте од пред лицето ваше. Се крена Валак, синот на Ципор, моавскиот цар, и отиде со војска против Израел, и испрати да го повикаат Беоровиот син Валаам, за да ве фрли во проклетство; но Господ не сакаше да го послуша Валаам, – тој ве благослови, и јас ве избавив од рацете негови. Вие го преминавте Јордан и дојдовте во Ерихон. И почнаа да војуваат против вас жителите на Ерихон: Аморејците и Перизијците, Хананците и Хитијците, Гергесејците, Евејците и Јевусијците, но Господ ги предаде во вашите раце. И испрати пред вас стршели, кои ги изгонија од пред вас двајцата аморејски цареви; без твојот меч и без твојот лак. И ви даде земја, за која вие не сте се труделе, и градови што не сте ги граделе, и вие живеете во нив; и лозја и маслини, кои не сте ги саделе, а јадете плодови. И така, имајте страхопочит кон Господ и служете Му со чистота и искреност; и отфрлете ги боговите на кои им служеа предците ваши од онаа страна на Реката и во Египет, и служете Му на Господ. Ако, пак, не ви е мило да Му служите на Господ, одберете си сега, кому да му служите: на боговите ли, на кои им служеа предците ваши, кога беа од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците, во чија земја живеете, а, пак, јас и домот мој ќе Му служиме на Господ.“ Одговори народот и рече: „Не, тоа никако! Нема да Го оставиме Господа и нема да им служиме на други богови! Зашто Господ е наш Бог; Тој нѐ изведе нас и таковците наши од египетската земја, од домот на ропството, и правеше пред очите наши големи чуда и нѐ чуваше по целиот пат, по кој одев­ме, и меѓу сите народи, низ кои минувавме. Господ ги изгони откај нас сите народи и Аморејците, што живееја во оваа земја. Затоа и ние ќе Му служиме на Господ, бидејќи Тој е наш Бог.“ Исус му рече на народот: „Не ќе може да Му служите на Господ, зашто Тој е свет Бог, Бог ревнител; Тој нема да го истрпи беззаконието ваше и гревовите ваши. Ако Го оставите Бога и им служите на туѓи богови, Тој ќе испрати на вас зло и ќе ве истреби, место да ви направи добро.“ И народот му одговори на Исус: „Не, ние ќе Му служиме на Господ.“ Исус му рече на народот: „Сведоци ли сте вие за себе дека Го избравте Господа да Му служите?“ Тие одго­ворија: „Сведоци сме.“ „А сега, отфрлете ги туѓите богови што се меѓу вас и свртете го срцето свое кон Господ, Израеловиот Бог.“ Народот му рече на Исус: „На Господа, нашиот Бог, ќе Му служиме и гласот Негов ќе го слушаме.“ И тој ден Исус направи со народот завет и му даде наредби и закони во Сихем пред скинијата на Господ, Бог Израелов. И ги запиша Исус тие зборови во книгата на законот Божји, па зеде голем камен и го постави таму под дабот, што е пред светилиштето Гос­подово. И му кажа Исус на целиот народ: „Ете, овој камен ќе ни биде сведок, бидејќи тој ги слушна сите зборови на Господ што Тој ви ги кажа денес; тој нека биде сведок против вас, ако некогаш лажете пред Господ, Вашиот Бог.“ И потоа Исус го испрати народот, секој во местото свое. И по сето тоа умре Исус, синот Навинов, слугата Господов, на сто и десет години. И го погребаа во пределите на де­лот негов во Тимнат-Серах, во Ефре­мовата Гора, на север од планината Гааш. И Му служеше Израел на Господ во сите денови Исусови, и во сите де­нови на старешините, кои го поминаа времето со Исус и кои ги видоа сите дела што му ги направи на Израел. И коските на Јосиф, кои Израе­ловите синови ги изнесоа од Египет, ги погребаа во Сихем, во оној дел на полето, што Јаков го беше купил од сино­вите аморејски, кои живееја во Сихем, за сто сребреници и му ги даде како дел на Јосиф. Потоа умре и Ароновиот син Еле­азар, и го погребаа на ридот Финес, кој му беше даден на Ефремовата Гора.

Исус Навин 24:1-33 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа Исус ги собра сите Израелеви племиња во Сихем; и ги свика Израелевите старешини, главатарите, судиите и управителите нивни, и тие застанаа пред Господа. Тогаш Исус му рече на целиот народ: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Некогаш вашите татковци, Тара, Аврамовиот и Нахоровиот татко, живееја од онаа страна на Реката и им служеа на другите богови. Но Јас го зедов вашиот татко Авраам од онаа страна на Реката и го поминав низ сета Ханаанска Земја, му го намножив потомството и му го дадов Исака. На Исака му ги дадов Јакова и Исава. На Исава му ја дадов гората Сир во сопственост. Јаков и неговите синови отидоа во Египет. Тогаш ги испратив Мојсеја и Арона и го удрив Египет со казните што ги направив во него, и тогаш ве изведов. Ги изведов вашите татковци од Египет, и стигнаа на море; Египетците ги гонеа вашите татковци со бојни коли со коњаници сѐ до Црвеното Море. Тогаш извикаа кон Господа, и тој развлече густа магла меѓу нив и Египетците и ги воведе во морето, што ги прекри. Видовте со своите очи што им сторив на Египетците; потоа останавте долго време во пустината. После ве воведов во земјата на Аморејците, кои живеат отаде Јордан. Завојуваа со вас и Јас ги предадов во вашите раце; ја зедовте во наследство нивната земја, зашто Јас ги уништив од пред вас. Тогаш се крена Моавскиот цар Валак, синот Сефоров, за да војува со Израел, и тој го повика Валаама, синот Веоров за да ве проколне. Но Јас не бев волен да го послушам Валаама, и тој ве благослови, и ве спасив од неговата рака. Тогаш поминавте преку Јордан и дојдовте во Ерихон, главатарите на Ерихон поведоа војна против вас - како и Аморејците, Ферезејците, Ханаанците, Хетејците, Гергесејците, Евејците и Евусејците - но Јас ги предадов во вашите раце. Јас испратив пред вас стршели, кои тераа пред вас два аморејски цареви: нема што да им благодариш на својот меч ни на својот лак. Ви дадов земја, за која не се трудевте, и градови, кои не ги градевте, и се населивте во нив; ви дадов и лозја и маслинови градини, што не ги садевте, а денес ве хранат.’ И затоа сега бојте се од Господа и служете Му совршено и верно! Одстранете ги боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката и во Египет, и служете Му на Господа! Меѓутоа, ако вам не ви е угодно да Му служите на Господа, тогаш денес изберете кому ќе му служите: можеби на боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците во чија земја сега престојувате. Јас и мојот дом ќе Му служиме на Господа.“ Народот одговри: „Далеку нека е од нас да го оставиме Господа а да им служиме на други богови. Господ, нашиот Бог, нѐ изведе нас и нашите татковци од Египет, од домот на робувањето, и Тој направи пред наши очи големи чудеса и нѐ чуваше по целиот пат по кој одевме и меѓу сите народи низ кои поминувавме. Уште повеќе: Господ ги изгони пред нас сите народи, и Аморејците, кои живееја во оваа земја. И ние ќе Му служиме на Господа, зашто е Тој наш Бог.“ Тогаш Исус му рече на народот: „Вие не можете да Му служите на Господа, зашто Тој е свет Бог, ревнив Бог, Кој не може да ги поднесе вашите престапи ни вашите гревови. Ако Го оставите Господа за да им служите на туѓите богови, ќе се сврти против вас и ќе ве уништи, откако ви правеше добро.“ А народот му одговори на Исуса: „Не, ние ќе Му служиме на Господа!“ На тоа Исус му рече на народот: „Сами сте сведоци против себе, дека Го избравте Господа за да Му служите.“ Му одговорија: „Сведоци сме.“ “И така, мавнете ги сега туѓите богови што се меѓу вас, и приклонете ги своите срца кон Господа, Израелевиот Бог.“ Народот му одговори на Исуса: „Ќе Му служиме на Господа, својот Бог, и ќе го слушаме Неговиот глас.“ Така во тој ден Исус склучи Сојуз со народот и му ги утврди Одредбата и Законот. Тоа беше во Сихем. Исус ги запиша тие зборови во Книгата на Божјиот закон. Потоа зеде голем камен и го положи таму под дабот, што беше покрај Господовото светилиште. Потоа Исус му рече на сиот народ: „Ете, овој камен нека ви биде сведок, зашто ги чу зборовите што ги зборуваше Господ; тој ќе биде сведок за да не Му затаите на својот Бог.“ Тогаш Исус го отпушти народот, секого во неговото наследство. По овие настани почина Исус, Навиновиот син, Господов слуга, на возраст од сто и десет години. Го погребаа во крајот што го наследи во Тамнат-Сарах, во Ефремовата Гора, северно од гората Гаш. Израел му служеше на Господа во текот на целиот век на Исуса и во текот на целиот век на старешините, кои го надживееја Исуса и кои ги видоа сите дела што ги направи Господ за Израел. Јосифовите коски, што Израелевите синови ги донесоа со себе од Египет, ги закопаа во Сихем, во земјиштето што Јаков го имаше купено од синовите на Емор, Сихемовиот татко, за сто сребреници и што им припаднаа во наследство на Јосифовите синови. Умре и Елеазар, синот Аронов, и го погребаа во Гибеа, што му припаѓаше на неговиот син Финес, а се наоѓаше во Ефремовата Гора.