Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 13:1-11

Јован 13:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Беше ден пред празникот Пасха. Исус знаеше дека дојде времето да замине од овој свет и да се врати кај Таткото. Тој отсекогаш ги сакаше Своите следбеници кои беа во светот, и остана да ги сака докрај. За време на вечерата (а Ѓаволот веќе го беше поттикнал срцето на Јуда Искариот, син на Симон, да Го предаде), Исус, знаејќи дека Таткото Му предал се во Негови раце и дека од Бог излегол и кај Бог се враќа, стана од вечерата, ја соблече наметката и се препаша со крпа. Потоа Тој налеа вода во леген и започна да им ги мие стапалата на учениците и да им ги брише со крпата со која беше препашан. Кога стигна до Симон Петар, овој Му рече: „Господе, зар Ти да ми ги миеш стапалата!?“ Исус му одговори: „Ти сега не го разбираш ова што Јас го правам, но подоцна ќе сфатиш.“ „Не!“ - му рече Петар - „Ти никогаш нема да ми ги миеш стапалата!“ „Ако не те измијам“ - му одговори Исус - „нема да имаш дел со Мене!“ „Господе“, - му рече Симон Петар - „тогаш измиј ми ги не само стапалата, туку и рацете и главата!“ Исус му рече: „На искапаниот треба само стапалата да му се измијат, затоа што целиот е чист. Вие сте чисти, но не сите. Исус знаеше кој ќе Го предаде и затоа рече: „Сите не сте чисти“.

Јован 13:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот за да премине од овој свет кај Отецот, и би­дејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака. И на вечерата, кога ѓаволот беше вметнал во срцето на Јуда Симонов Ис­кариот за да Го предаде, Исус, знаејќи дека Отецот сѐ Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека кај Бога се враќа, стана од вечерата, ја соблече својата горна облека, зеде крпа и се препаша; потоа истури вода во сад за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше препашан. Дојде и кај Симон Петар, а тој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?“ Исус одговори и му рече: „Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.“ Петар Му рече: „Никогаш Ти нема да ми ги миеш нозете!“ Исус му одгово­ри: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене!“ Симон Петар Му рече: „Господи, то­гаш не само нозете мои, туку и рацете и главата!“ Исус му одговори: „На измиениот треба само нозете да му се измијат, заш­то целиот е чист, а вие сте чисти, но не сите.“ Бидејќи Тој знаеше кој ќе го пре­да­де, па затоа и рече: „Не сте сите чисти.“

Јован 13:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Пред празникот Пасха, Исус - знаејќи дека Му дојде часот за да премине од овој свет кон Таткото - љубејќи ги Своите во светов, ги возљуби до крај. За време на вечерата - кога ѓаволот веќе стави мисла во срцето на Јуда Симонов, Искариотски, за да Го предаде - Исус, знаејки дека Тат-кото Му предаде сѐ во рацете, дека излезе од Бога и дека оди при Бога стана од вечерата, ја соблече горната облека, зеде крпа и се пре-паша. Потоа налеа вода во садот за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата, со која беше препашан. Така дојде до Симона Петра; а овој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?“ Исус одго-вори и Му рече: „Ти сега не знаеш што правам Јас, но после ќе разбереш.“ Петар Му рече: „Ти никогаш нема да ми ги измиеш нозете!“ Исус му одговори: „Ако не те измијам, немаш дел со Мене.“ Симон Петар Му рече: „Господи, измиј ми ги не само нозете, туку и рацете и главата.“ Исус му рече: „На измиениот треба да му се измијат само нозете, зашто е целиот чист; и вие сте чисти, но не сите.“ Зашто знаеше кој ќе Го предаде, затоа и рече: „Не сите сте чисти!“