Еремија 49:1-6
Еремија 49:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
За синовите Амонови вака вели Господ – зар Израел нема синови, зар нема наследник? Зошто Милком ја наследи земјата на Гад и зошто народот негов се насели во неговите градови? Затоа, еве идат дни, вели Господ, кога ќе се чуе боен повик во Рава од синовите Амонови, и таа ќе стане куп урнатини, и градовите нејзини изгорени и Израел ќе ги победи оние, кои го победија него, вели Господ. Плачи, Есевоне, зашто е опустошен Гај; викајте, ќерки на Рава; опашете околу себе вреќиште, плачете и трчајте околу плотовите; бидејќи Милком ќе отиде во ропство, заедно со свештениците и кнезовите негови. Зошто се фалиш со долините? Твојата долина пропадна, ќерко одметничке, која се надеваш на богатството свое, велејќи: кој ќе излезе против мене? Еве, Јас ќе испратам врз тебе ужас од сите страни твои наоколу, вели Господ, Бог Саваот; разбегајте се кој каде може и никој нема да ги собере разбеганите. Но потоа Јас ќе ги повратам заробените – синовите Амонови, вели Господ.
Еремија 49:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
За Амоновите синови. Господ зборува вака: „Израел нема синови, нема наследник? Зошто Малхом го наследи Гад и неговиот народ се насели во неговите градови? Затоа, еве, доаѓаат денови - говори Господ - и ќе направам да се чујат воени извици во Рава на Амоновите синови, и таа ќе биде ограбена грамада, а нејзините населби изгорени со оган. Тогаш Израел ќе ги ограби своите ограбувачи - зборува Господ. Плачи, Есевоне, зашто Гај е запустен, викајте на помош равски ќерки. Препашете вреќиште, почнете тажачки, обиколувајте меѓу оградите. Зашто Малхом треба да оди на заточение, со свештениците и со кнезовите. Зошто се фалиш со својата долина, одметничка ќерко, која што се надеваш во своето богатство и зборуваш: ‘Кој се осмелува да стане против мене?’ Еве, навалувам врз тебе страв отсекаде наоколу: ќе бидете распрснати, секој на своја страна, и никој не ќе ги собере бегалците. Но тогаш пак ќе ја изменам несреќата на Амоновите синови - говори Господ.