Исаија 1:10-20
Исаија 1:10-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Чујте го словото Господово, кнезови содомски, вслушајте се во законот на нашиот Бог, народе гоморски! „Зошто ми се многуте ваши жртви? – вели Господ. Презаситен сум од сепаленици на овни и од маснотија на згоен добиток; крв од телињата, од јагниња и јариња не сакам. Кога доаѓате да се јавите пред лицето Мое, кој го бара тоа од вашата рака, кога ќе згазнете на Моите дворови? Не принесувајте веќе празни жртви; кадењето е одвратно за Мене; новомесечија, саботи и празнични собранија со беззаконија – не можам да трпам! Душата Моја ги мрази вашите новомесечија и вашите празници: тие се товар за Мене, тешко Ми е да ги носам. И кога протегате раце, Јас ги кријам од вас очите Свои, а кога ги умножувате молбите свои, Јас не слушам: рацете ваши се полни со крв. Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица.“ Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели. Ако Го барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни; ако, пак, не сакате и се противставувате, меч ќе ве истреби! Тоа го рече устата Господова.
Исаија 1:10-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Чујте го Господовото слово, содомски главатари, послушај го Законот на нашиот Бог, гоморски народе! „Зошто ми е мноштвото ваши жртви? - говори Господ. - Сит сум од овенски паленици и од мрсното на згоените телиња. И крвта Ми се згади од бикови, јагниња и јариња. Кога доаѓате да Ми го видите лицето, кој од вас бара да гази по Моите преддворја? Прекратете да Ми носите ништожни приноси, темјанот го замразив. Млади месечини, саботи и собори - не поднесувам празнувања и беззаконија. Вашите млади месечини и празници ги мразам од сета душа - тешки Ми се, не можам да ги поднесам! Кога ги ширите рацете за молитва, Јас ги одвраќам очите од вас. Само ги множите молитвите, Јас не ве слушам. Рацете ви се натопени во крв, измијте се, очистете се. Отстранете ги од пред Моите очи нечесните дела, престанете да правите зло! Учете се на добри дела: стремете се кон правдата, притекнете му на помош на угнетуваниот, помогнете му на сирачето до правдата, заземете се за вдовицата.“ „И сега дојдете, да бидеме прави, говори Господ. Ако ви бидат гревовите како црвено сукно, ќе бидат бели како снег; ако бидат румени како пурпур, ќе станат како волна. Ако сакате да Ме послушате, ќе уживате во земните плодови. Ако истраете во бунтовството, ќе ве проголта меч.“ Така зборуваше Господовата уста.