Евреите 10:1-14
Евреите 10:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Мојсеевиот Закон беше само сенка на она што доаѓа, а не суштина на сите добри нешта што Христос ги направи за нас. Со години Му ги принесуваа на Бог жртвите пропишани со Мојсеевиот Закон, но тие што ги принесуваа не можеа да се исчистат. Ако тие што Му служеа на Бог успееја еднаш засекогаш да се исчистат од гревот, и нивната совест повеќе немаше да ги обвинува, и тогаш принесувањето жртви би престанало. Напротив, тоа што секоја година принесуваа жртви само ги потсетуваше на нивните гревови. Тоа е поради тоа што крвта од бикови и јарци не може да ги исчисти гревовите. Затоа, кога Христос дојде на овој свет, Му рече на Бог: „Ти не посака животински жртви ни приноси од жито, туку Ми даде тело, за да ти се покорувам. Не, Ти не се задоволуваш со жртви паленици и со приноси за грев! Тогаш реков: ,Еве Ме Боже, доаѓам да ја извршам Твојата волја, како што е претскажано за Мене во Светото Писмо.‘“ Значи, Христос прво рече: „Ти, Боже, не посака и не ти беа угодни ни животински жртви ни приноси од жито, ни животни спалени на жртвеник, ни жртви за искупување од грев“, иако според Мојсеевиот Закон тие беа неопходни. Потоа додаде: „Еве, доаѓам да ја извршам Твојата волја.“ Со тоа Христос го укинува првиот Завет, за да воспостави нов. Поради таквата цврста решителност од страна на Христос - Тој да се жртвува за нас еднаш засекогаш - ние сега сме исчистени од гревот. Секој друг свештеник секојдневно врши богослужба и одново принесува жртви што никогаш не можат да исчистат од гревови. А Христос принесе само една жртва, која има вечна вредност, и потоа седна на почесно место, од десната страна на Бог. Таму ќе остане се додека Неговите непријатели не бидат покорени под Неговите стапала. Значи, Тој само со една жртва, вечно ги усоврши оние што ги посвети.
Евреите 10:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Бидејќи Законот ја има само сенката на идните добра, а не суштината на работите, никогаш не може со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние кои пристапуваат. Инаку би престанале да се принесуваат, бидејќи оние што служат, еднаш очистени, не ќе имаат веќе никаква свест за гревовите. Но преку жртвите секоја година се потсетуваат на гревовите, бидејќи не е можно телешката и јарешката крв да ги однесе гревовите. Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: „Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви. Сепаленици за гревот не Ти се угодни.“ Тогаш реков: „Ете, идам, напишано е за Мене во книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.“ Кога погоре рече: „Жртви и дарови и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни“, а потоа рече: „Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја“, со тоа Тој го укинува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш. И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати едни и исти жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите; а Тој, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога, и оттогаш чека понатаму додека непријателите Негови не бидат положени како подножје за нозете Негови. Зашто преку едно принесување Тој осветените ги направи засекогаш совршени.
Евреите 10:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зашто Законот ја има само сенката на идните добра, а не и самата суштина на нештата, и не може секогаш со истите жртви, што се принесуваат секоја година постојано, да ги усоврши оние, кои му пристапуваат. Инаку би престанале да ги принесуваат, зашто не би биле свесни за гревови оние кои служејќи така, еднаш се очистени. Но тие секоја година напомнуваат на гревовите зашто крвта на биковите и јарците не може да ги отстрани гревовите. Затоа, влегувајќи во светот вели: „Жртви и приноси Ти не посака, но ми приготви тело. Сѐпалениците и жртвите за грев не Ти беа угодни.“ Тогаш реков: Еве, доаѓам, во книжен свиток за Мене е напишано, да ја исполнам Твојата волја, О Боже. Додека погоре вели: „Ни жртви, ни приноси, ни паленици, ни жртви за грев не посака; ниту Ти беа угодни“ - тие се принесуваат според Законот, потоа рече: „Еве, доаѓам да ја исполнам Твојата волја.“ Така го отстранува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја осветени сме преку приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш. И секој свештеник, навистина, стои секој ден, и служи принесувајќи ги многупати истите жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите. Но Тој принесе само една жртва за гревовите, и засекогаш седна оддесно на Бога, и чека натаму додека Неговите непријатели бидат поставени за подножје на Неговите нозе. Зашто Тој со едно принесување ги направи совршени засекогаш оние, кои се осветуваа.