Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Галатјаните 3:10-25

Галатјаните 3:10-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Сите оние што се надеваат дека ќе се спасат преку придржување кон Мојсеевиот Закон живеат под проклетство! Светото Писмо вели: „Проклет да е секој што не исполнува се што е запишано во книгата на Законот.“ А дека никој не може да се оправда пред Бога преку придржување кон Мојсеевиот Закон јасно се гледа од она што го вели Светото Писмо: „Праведникот добива живот преку вера.“ Законот не се засновува врз верата. Напротив, во него се вели: „Ако сакаш да добиеш живот преку придржување кон Мојсеевиот Закон, ќе мораш да се придржуваш до сите негови заповеди.“ Христос не ослободи од проклетството на Законот, така што, наместо ние, Тој ги поднесе последиците на проклетството. Во Светото Писмо е запишано: „Проклет е секој што е обесен на дрво.“ Така ветувањето што Бог му го даде на Авраам сега може преку Исус Христос да се исполни и сите народи да добијат благослов. Тоа ветување е дека ќе го примат Светиот Дух, врз основа на верата во Христос. Драги пријатели христијани, да ви дадам еден пример од секојдневноста. Ако двајца луѓе склучат договор, никој од нив не може ниту да отстапи од него, ниту пак нешто да додаде кон него. Ветувањето му беше дадено на Авраам и на неговиот Потомок. Светото Писмо не вели „на твоите потомци“, како да се повеќемина, туку вели: „на твојот Потомок“, а тоа е Христос. Сакам да кажам дека Мојсеевиот Закон не може да го промени или поништи ветувањето што Бог го даде четиристотини и триесет години пред да Му биде даден Законот на Мојсеј. Ако добивањето на наследството зависи од придржувањето кон Мојсеевиот Закон, тогаш Божјото ветување не би играло никаква улога, а знаеме дека Бог му подари на Авраам наследство врз основа на Своето ветување. Тогаш зошто постои Мојсеевиот Закон? Тој им беше даден на луѓето за да сфатат дека се грешни. Тој беше на сцена се додека не дојде Потомокот за Кого беше дадено ветувањето. Постои уште една разлика. Ангелите му го дадоа Законот на Мојсеј, а тој им го пренесе на луѓето. Посредник е потребен кога има две страни, а при ветувањето дадено на Авраам, Бог дејствуваше самостојно. Тогаш, дали Законот е во спротивност со Божјото ветување? Никако! Ако Мојсеевиот Закон можеше да ни даде живот, тогаш луѓето ќе се помируваа со Бог со придржување кон Законот. Светото Писмо, меѓутоа, вели дека сите сме заробеници на гревот, па единствениот начин да го добиеме она што Бог го вети е преку вера во Исус Христос. Пред да ни се објави верата во Христос, како начин да бидеме прифатливи за Бог, Законот не чуваше како затвореници, под свој надзор. Така Законот ни беше воспитувач што не водеше кон Христос, за да се помириме со Бог преку вера. Сега кога ни се објави верата, веќе нема потреба Законот да ни биде воспитувач.

Галатјаните 3:10-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

а сите оние, што се од делата на За­конот, под клетва се. Зашто е на­пи­ша­но: „Проклет да е секој кој не исполнува постојано сѐ што е напишано во книгата на Законот!“ А дека преку Законот никој не се оправдува пред Бога, се знае, зашто „Праведниот ќе живее преку верата.“ А Законот не е од верата, туку збо­рува: „Кој ќе ги исполни овие работи, тој ќе биде жив преку нив.“ Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако поради нас стана проклетство, бидејќи е напишано: „Секој да е проклет што виси на дрво!“, така што благословот даден на Авраам да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, за да Го добиеме ве­тениот Дух преку верата. Браќа, зборувам како човек: и утврдениот човечки завет никој веќе не го растура ниту му додава нешто. Но ветувањата му беа дадени на Авраам и на семето негово. Не е ре­чено: „И на семињата“, како за мнозина, туку како за еден: „И на семето твое“, кое е Христос. Ова сакам да го кажам: Заветот што Бог го даде не може да биде обез­вреден од Законот, кој е настанат четиристотини и триесет години подоцна, така што ветувањето би можело да ја изгуби силата. Зашто, ако наследството е добиено по Законот, тоа веќе не е според ветува­њето; а на Авраам Бог му го дари по ветување. Зошто е, пак, даден Законот? Тој е додаден поради престапите, додека не дојде семето, на кое се однесува ветувањето, и е предаден преку ангели, пре­ку рака на посредник. Но посредникот не може да биде са­мо посредник на еден, а Бог е еден. Па така, Законот противен ли е на Божјите ветувања? Никако! Зашто, ако беше даден закон, што ќе можеше да животвори, тогаш навистина оправда­нието ќе произлегуваше од Законот. Но Писмото сите ги затвори под грев, па преку верата во Исус Христос да им се даде ветеното на оние кои веруваат. Пред да дојде верата, ние бевме под стража на Законот, заклучени за верата која требаше да се открие. И така, Законот беше за нас вос­пи­тувач да нѐ доведе до Христос, за да бидеме оправдани преку верата; а откако дојде верата, ние веќе не сме под раководство на воспитувач.

Галатјаните 3:10-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Имено, кои ги прават делата на Законот, под клетва се, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој не е постојан во сѐ што е напишано во Книгата на Законот, да го исполнува тоа.“ А дека никој не е оправдан пред Бога преку Законот, јасно е, зашто „праведникот ќе живее од верата.“ А Законот не е од верата, туку вели: „Кој ги исполнува, ќе живее преку нив.“ Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако стана проклетство за нас, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој виси на дрво!“ - Та Авраамовиот благослов да дојде на народите во Христа Исуса, и да Го примиме преку верата ветувањето на Духот. Браќа, зборувам по човечки: заветот што човек го потврдил, никој не го отфрла, ниту му додава нешто. А ветувањата им беа дадени на Авраама и на неговото семе. И не вели: „и на семињата“, како за мнозина; туку како за еден: „и на твоето Семе“ Кој е Христос. Го велам и ова: Законот што стана по четири стотини и триесет години, не го поништува заветот, кого Бог го потврдил порано, ниту го поништува ветувањето. Зашто, ако наследството доаѓа од Законот, тоа веќе не е од ветувањето; но Бог му го подари на Авраама преку ветувањето. Тогаш, зошто е Законот? Тој е определен со посредство на ангели, со рака на еден посредник, па е додаден заради престапите, додека не дојде Семето, Кому Му е дадено ветувањето. Посредник пак нема таму, каде што е само еден; а Бог е еден. Според тоа, дали е Законот противен на Божјите ветувања? Далеку од тоа! Зашто, ако беше даден закон, што може да даде живот, тогаш навистина праведноста би била од законот. Но Писмото сите ги затвори под грев, и врз основа на верата во Исуса Христа ветувањето да им биде дадено на оние, кои веруваат. А пред да дојде верата, бевме под стражата на законот, затворени, до времето на верата која требаше да се открие. Така, Законот ни беше наш воспитач до Христа, за да се оправдаме преку верата. А сега дојде верата, и не сме повеќе под воспитувачот.