Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Галатјаните 2:1-14

Галатјаните 2:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

По четиринаесет години, повторно, отидов во Ерусалим, заедно со Барнаба, а со себе го поведов и Тит. Отидов затоа што Бог, преку откровение, така ми нареди. На еден состанок, на кој присуствуваа само поистакнатите водачи на црквата, јас им објаснив како ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи. Го сторив тоа за да не биде залудна мојата сегашна и досегашна работа. Тие не поддржаа, па ни Тит, кој беше со мене, иако е Грк, не го натераа да се обреже, иако некои таканаречени „христијани“ се обидуваа. Тие подмолно се вовлекоа во нашите редови за да извидат каква слобода ние имаме преку верата во Исус Христос, па потоа да можат да ни ја одземат таа слобода и да не претворат во робови на јудаизмот. Ни за момент не им дозволивме да не надвладеат, за да може вистинската Радосна вест да биде зачувана и за вас. Оние што се сметаа за поистакнати (велам се сметаа, зашто за мене тоа воопшто не е важно; Бог не суди според надворешноста), тие поистакнати луѓе не додадоа ништо кон она што јас го говорев. Напротив, тие сфатија дека Бог ми довери да ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи, исто како што на Петар му довери да ја проповеда меѓу Евреите. Бог, Кој работи преку Петар, испраќајќи го да биде апостол меѓу Евреите, сега работи и преку мене, со тоа што ме испрати кај другите народи. Кога Јаков, Петар и Јован, кои се сметаа за столбови на црквата, сфатија дека Бог е благонаклонет спрема мене, се ракуваа со мене и со Барнаба во знак на пријателство, согласувајќи се ние да работиме меѓу нееврејските народи, а тие меѓу Евреите. Единствено од мене бараа да не ги забораваме сиромашните, за кои јас и досега ревносно се грижам. Но кога Петар дојде во Антиохија, јас бев принуден јавно да му се противставам, бидејќи заслужуваше да биде укорен! Имено, пред да дојдат неколкумина пратеници на Јаков, тој слободно јадеше со христијани од нееврејско потекло. Но кога овие дојдоа, се повлече и се одвои од неевреите, плашејќи се да не биде осуден од новодојдените браќа Евреи! Во тоа лицемерство му се придружија и другите Евреи христијани, па дури и Барнаба го вовлекоа во тоа лицемерство! Кога видов дека не постапуваат правилно и во согласност со вистинската Радосна вест, јас пред сите му реков на Петар: „Ти, иако си Евреин, се откажа од еврејските закони и живееш како неевреин. Како можеш сега да ги тераш оние што не се Евреи да живеат според еврејските правила!?

Галатјаните 2:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И четиринаесет години подоцна пак се искачив во Ерусалим со Вар­нава, а го зедов со себе и Тит. Влегов по откровение и им го из­ло­жив на верните, посебно на највидните, Евангелието што го проповедам кај незнабошците, за да не трчам или за да не трчав попусто. Па дури ни Тит, кој беше со мене, иако Елин, не беше принуден да се обрезе, и тоа заради лажните браќа, кои дојдоа и се вовлекоа да ја гледаат нашата слобода, која ја имаме во Христос Исус, за да нѐ поробат, ним ни за час не им дозволивме да нѐ покорат, за да остане во вас вистината на Евангелието. А, пак, оние за кои се мисли дека значат нешто – какви и да биле тие не­когаш, мене ми е сеедно, Бог не го гле­да човекот по лице – тие ништо не ми дадоа. Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е доверено да го проповедам Евангелието на необрезаните, како на Петар – на обрезаните, зашто Оној, Кој дејствуваше врз Петар да врши апостолска служба меѓу обрезаните, дејствуваше и врз мене за апостолска служба меѓу незнабошците и кога ја познаа благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ни ја подадоа мене и на Варнава раката за заедништво и се согласија ние да одиме кај незна­бош­ци­те, а тие – кај обрезаните. Посакаа само да ги помниме сиро­ма­сите, за што се погрижив и точно да го исполнам. А кога дојде Кифа во Антиохија, јас лично му се спротивставив, зашто бе­ше заслужил осудување. Имено, пред да пристигнат некои од Јаков, тој јадеше заедно со незна­бош­ците; а кога дојдоа, почна да се снебива и да се двои, бидејќи се плашеше од об­резаните. Заедно со него лицемереа и другите Јудејци, така што со нивното лицеме­рие беше заведен дури и Варнава. А кога видов дека тие не постапува­ат точно според Евангелската вистина, му реков на Кифа пред сите: „Кога ти, кој си Јудеец, живееш како нез­на­бош­ците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да жи­ве­ат јудејски?“

Галатјаните 2:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

На четиринаесет години потоа отидов горе пак во Ерусалим со Варнава, земајќи го со себе и Тит. А отидов горе по откровение и им го изложив Евангелието, кое го проповедам меѓу народите, но насамо на видните, можеби да не трчам или да не сум трчал напразно. Но ни Тит, кој беше со мене, иако Грк, не беше принуден да се обреже, и тоа заради тајно воведените лажни браќа, кои се вовлекле за да ја согледуваат нашата слобода, која ја имаме во Христа Исуса, за да нѐ поробат. На кои не им отстапивме ни за час, ниту им се покоривме, за да остане со вас вистината на Евангелието. А што се однесува за оние, кои беа сметани за видни, какви и да биле некогаш, мене ми е сеедно; Бог не гледа на човековото лице - тие видните ништо не ми придадоа. Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е поверено Евангелието меѓу необрезаните, како на Петар меѓу обрезаните - зашто Оној, Кој го оспособи Петра за апостолство меѓу обрезаните, ме оспособи и мене за паганските народи - и кога ја познаа благодатта, што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ни ги дадоа, мене и на Варнава, десниците во знак на заедништвото; за да одиме ние до паганските народи, а тие до обрезаните; само да си спомнуваме за бедните, за истото, што и ревнував да го правам. А кога Кифа дојде во Антиохија, му се спротивставив во лице, зашто требаше да биде осуден. Имено, пред да дојдат некои од Јакова, тој јадеше со многубошците, но кога дојдоа овие, тој се повлече и се отстрани, заради страв од обрезаните. И дволичеа со него и другите Јудејци, така што нивното лицемерство го заведе и Варнава. Кога видов дека не одат право според вистината на Евангелието, му реков на Кифа пред сите: „Ако ти, кој си Јудеец, живееш како народите; а не јудејски, како можеш да ги принудуваш народите да живеат јудејски.