Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Галатјаните 2

2
1По четиринаесет години, повторно, отидов во Ерусалим, заедно со Барнаба, а со себе го поведов и Тит.
2Отидов затоа што Бог, преку откровение, така ми нареди. На еден состанок, на кој присуствуваа само поистакнатите водачи на црквата, јас им објаснив како ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи. Го сторив тоа за да не биде залудна мојата сегашна и досегашна работа.
3Тие не поддржаа, па ни Тит, кој беше со мене, иако е Грк, не го натераа да се обреже,
4иако некои таканаречени „христијани“ се обидуваа. Тие подмолно се вовлекоа во нашите редови за да извидат каква слобода ние имаме преку верата во Исус Христос, па потоа да можат да ни ја одземат таа слобода и да не претворат во робови на јудаизмот.
5Ни за момент не им дозволивме да не надвладеат, за да може вистинската Радосна вест да биде зачувана и за вас.
6Оние што се сметаа за поистакнати (велам се сметаа, зашто за мене тоа воопшто не е важно; Бог не суди според надворешноста), тие поистакнати луѓе не додадоа ништо кон она што јас го говорев.
7Напротив, тие сфатија дека Бог ми довери да ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи, исто како што на Петар му довери да ја проповеда меѓу Евреите.
8Бог, Кој работи преку Петар, испраќајќи го да биде апостол меѓу Евреите, сега работи и преку мене, со тоа што ме испрати кај другите народи.
9Кога Јаков, Петар и Јован, кои се сметаа за столбови на црквата, сфатија дека Бог е благонаклонет спрема мене, се ракуваа со мене и со Барнаба во знак на пријателство, согласувајќи се ние да работиме меѓу нееврејските народи, а тие меѓу Евреите.
10Единствено од мене бараа да не ги забораваме сиромашните, за кои јас и досега ревносно се грижам.
11Но кога Петар дојде во Антиохија, јас бев принуден јавно да му се противставам, бидејќи заслужуваше да биде укорен!
12Имено, пред да дојдат неколкумина пратеници на Јаков, тој слободно јадеше со христијани од нееврејско потекло. Но кога овие дојдоа, се повлече и се одвои од неевреите, плашејќи се да не биде осуден од новодојдените браќа Евреи!
13Во тоа лицемерство му се придружија и другите Евреи христијани, па дури и Барнаба го вовлекоа во тоа лицемерство!
14Кога видов дека не постапуваат правилно и во согласност со вистинската Радосна вест, јас пред сите му реков на Петар: „Ти, иако си Евреин, се откажа од еврејските закони и живееш како неевреин. Како можеш сега да ги тераш оние што не се Евреи да живеат според еврејските правила!?
15Јас и ти по раѓање сме Евреи, а не грешници од народите кои не Го познаваат Бога.
16Па сепак знаеме дека човек не се помирува со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, туку преку вера во Исус Христос. Затоа и поверувавме во Исус Христос, за да бидеме прифатени од Бог преку вера во Христос, а не преку придржување кон Мојсеевиот Закон. Никој нема да се спаси придржувајќи се до Мојсеевиот Закон.“
17Кога ние, Евреите, почнавме да бараме помирување со Бог преку вера во Христос, сфативме дека и ние сме грешници. Дали тоа значи дека Христос не направи грешници? Се разбира, не!
18Ако јас урнам нешто, а потоа се обидувам повторно да го изградам, ќе испадне дека сум згрешил што сум го урнал!
19Кога се обидов да се придржувам до Мојсеевиот Закон, сфатив дека на тој начин никогаш нема да станам прифатлив за Бог. Затоа јас умрев за Законот, за да можам да живеам за Бог. Јас бев распнат со Христос,
20и веќе не сум јас тој што живее во моето тело. Христос живее во мене. Животот што сега го живеам, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ја искажа Својата љубов спрема мене со тоа што го даде Својот живот за мене.
21Јас не можам да гледам како се омаловажува Божјата благонаклоност спрема нас! Зашто, да можевме да се спасиме со придржување кон Мојсеевиот Закон, тогаш немаше потреба Христос да се жртвува!

Селектирано:

Галатјаните 2: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност