Галатјаните 2:1-10
Галатјаните 2:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
По четиринаесет години, повторно, отидов во Ерусалим, заедно со Барнаба, а со себе го поведов и Тит. Отидов затоа што Бог, преку откровение, така ми нареди. На еден состанок, на кој присуствуваа само поистакнатите водачи на црквата, јас им објаснив како ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи. Го сторив тоа за да не биде залудна мојата сегашна и досегашна работа. Тие не поддржаа, па ни Тит, кој беше со мене, иако е Грк, не го натераа да се обреже, иако некои таканаречени „христијани“ се обидуваа. Тие подмолно се вовлекоа во нашите редови за да извидат каква слобода ние имаме преку верата во Исус Христос, па потоа да можат да ни ја одземат таа слобода и да не претворат во робови на јудаизмот. Ни за момент не им дозволивме да не надвладеат, за да може вистинската Радосна вест да биде зачувана и за вас. Оние што се сметаа за поистакнати (велам се сметаа, зашто за мене тоа воопшто не е важно; Бог не суди според надворешноста), тие поистакнати луѓе не додадоа ништо кон она што јас го говорев. Напротив, тие сфатија дека Бог ми довери да ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи, исто како што на Петар му довери да ја проповеда меѓу Евреите. Бог, Кој работи преку Петар, испраќајќи го да биде апостол меѓу Евреите, сега работи и преку мене, со тоа што ме испрати кај другите народи. Кога Јаков, Петар и Јован, кои се сметаа за столбови на црквата, сфатија дека Бог е благонаклонет спрема мене, се ракуваа со мене и со Барнаба во знак на пријателство, согласувајќи се ние да работиме меѓу нееврејските народи, а тие меѓу Евреите. Единствено од мене бараа да не ги забораваме сиромашните, за кои јас и досега ревносно се грижам.
Галатјаните 2:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И четиринаесет години подоцна пак се искачив во Ерусалим со Варнава, а го зедов со себе и Тит. Влегов по откровение и им го изложив на верните, посебно на највидните, Евангелието што го проповедам кај незнабошците, за да не трчам или за да не трчав попусто. Па дури ни Тит, кој беше со мене, иако Елин, не беше принуден да се обрезе, и тоа заради лажните браќа, кои дојдоа и се вовлекоа да ја гледаат нашата слобода, која ја имаме во Христос Исус, за да нѐ поробат, ним ни за час не им дозволивме да нѐ покорат, за да остане во вас вистината на Евангелието. А, пак, оние за кои се мисли дека значат нешто – какви и да биле тие некогаш, мене ми е сеедно, Бог не го гледа човекот по лице – тие ништо не ми дадоа. Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е доверено да го проповедам Евангелието на необрезаните, како на Петар – на обрезаните, зашто Оној, Кој дејствуваше врз Петар да врши апостолска служба меѓу обрезаните, дејствуваше и врз мене за апостолска служба меѓу незнабошците и кога ја познаа благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ни ја подадоа мене и на Варнава раката за заедништво и се согласија ние да одиме кај незнабошците, а тие – кај обрезаните. Посакаа само да ги помниме сиромасите, за што се погрижив и точно да го исполнам.
Галатјаните 2:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
На четиринаесет години потоа отидов горе пак во Ерусалим со Варнава, земајќи го со себе и Тит. А отидов горе по откровение и им го изложив Евангелието, кое го проповедам меѓу народите, но насамо на видните, можеби да не трчам или да не сум трчал напразно. Но ни Тит, кој беше со мене, иако Грк, не беше принуден да се обреже, и тоа заради тајно воведените лажни браќа, кои се вовлекле за да ја согледуваат нашата слобода, која ја имаме во Христа Исуса, за да нѐ поробат. На кои не им отстапивме ни за час, ниту им се покоривме, за да остане со вас вистината на Евангелието. А што се однесува за оние, кои беа сметани за видни, какви и да биле некогаш, мене ми е сеедно; Бог не гледа на човековото лице - тие видните ништо не ми придадоа. Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е поверено Евангелието меѓу необрезаните, како на Петар меѓу обрезаните - зашто Оној, Кој го оспособи Петра за апостолство меѓу обрезаните, ме оспособи и мене за паганските народи - и кога ја познаа благодатта, што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ни ги дадоа, мене и на Варнава, десниците во знак на заедништвото; за да одиме ние до паганските народи, а тие до обрезаните; само да си спомнуваме за бедните, за истото, што и ревнував да го правам.